Македонија
„Анима мунди“: Дали финансиски злоупотреби се причина за постоење на стационарот „Вардариште“?
Од здружението за заштита на животните „Анима мунди“ обвинија за можни финансиски малверзации во стационарот „Вардариште“ и велат дека се сомневаат дека токму поради тоа и постои оваа институција. Оттаму, како што соопштија, дошле до заклучок дека третманот на бездомните животни во град Скопје по сè изгледа не е скап за Градот и жителите на Скопје, но би бил скап за многу други европски и светски метрополи.
„Иако до сега финансискиот аспект на работењето на ‘Вардариште’ не претставувал наш основен интерес, туку исклучиво заштитата и хуманиот третман на животните, преку анализа на финансиската состојба и фактури за извршување на ветеринарни услуги кои се исплатени кон Ветеринарната болница ДОО Скопје, доаѓаме до заклучок дека третманот на секое поединечно куче чини нереално многу пари и претставува отворена можност за финансиска злоупотреба“, реагираат од здружението.
Оттаму порачуваат дека третманот на едно бездомно куче во градски стационар ги чини многукратно повеќе од третман на куче со сопственик, приватно однесено во најскапата ветеринарна станица во државава, каде што наместо третман во епидемиско дувло и сместување во стари валкани боксови полни со фекалии, би добило беспрекорен и луксузен третман, а без можност од него на крај да остане само бројка која лесно може да се прикрие или лажира.
„Благодарение на Драгана Велковска, советничка во Советот на Град Скопје, за првпат станале достапни фактурите исплатени на Ветеринарната болница ДОО Скопје, којашто екслузивно и со години наназад ги добива тендерите за работа со Градот, независно од тоа што настапува со цени повеќекратно повисоки од секоја ветеринарна болница во Македонија – иако се работи за третман на илјадници бездомни кучиња поради што, без сомнение, цените би морало да бидат далеку пониски за Ветеринарна болница ДОО Скопје да биде конкурентна на пазарот“, велат од здружението за заштита на животните.
„Анима мунди“ јавно ги повикува Државниот завод за ревизија и Финансиската инспекција во јавниот сектор да извршат темелна финансиска инспекција и ревизија на работењето на „Вардариште“ со години наназад и за сите можни нерегуларности бараат одговорност.
Порачуваат дека имаат намера да продолжат со анализа на работата на оваа институција, која е дел од јавно претпријатие и како граѓани и членови на невладиниот сектор. Нашите истраги допрва почнуваат и за ова нема да молчиме, туку за нашите сознанија ќе ја информираме севкупната јавност и бројни релевантни меѓународни институции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

