Македонија
„Анима мунди“: Пстои можност вработени во ЗОО Скопје намерно да ги убиле коњите, бараме вештачење на камерите
Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ коментира дека се згрозени, но не и изненадени од трагичната смрт на трите копитари во Зоолошка градинка Скопје.
И овој пат, велат од здружението, не би изостанале од осуда кон оваа институција која што низ годините единствено што докажа е некомпетентност да одржува во живот животни чије место не е позади решетки.
„Неприфатливо е да исклучително ретки животни на раб на истребување, безумно завршат во субстандардна зоолошка во Македонија – која патем го загуби и кандидатскиот статус за членка на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА) – и умрат едно по едно во ист ден“, велат од „Анима мунди“ во реакцијата.
Велат дека е скандалозно што досега официјалното раководствосе нема произнесено за ништо. „Анима мунди“ објасни дека досега не реагирале со цел да добијат појасна слика за она што се случило. Добиле индиции за тоа дека во Зоо Скопје работи таков кадар, што е можно и самиот да ги убил, односно отрул животните.
„Се укажува на можноста вработени поединци сами намерно да одлучиле да ги убијат“, велат од „Анима мунди“.
Здружението побара итно да се вештачат снимките од сите камери во ЗОО Скопје, а доколку изостанува видео надзор во институцијата, најстроги казни за раководството
Бараат информација дали и колку од ветеринарните лица во ЗОО Скопје се доктори специјалисти за лекување на диви животни, доколку такви воопшто има.
Повикаа на итна надворешна и независна истрага, аутопсија која не би можела да биде лажирана, го повикуваат донаторот на трите коњи овој пат да ја обезбеди финансиски, за да се превенира во најмала рака и други животни да завршат „донирани“’ на овој начин, во оваа недојдија.
Бараат мораториум на внес на нови животни
„Дивите животни не се украс, атракција и експонати туку живи суштества и со третманот кој што го добиваат во зоолошката градина се единствено изложени на стрес, страв и страдање, неприродни за природниот хабитат од кој примарно потекнуваат. Склони се на самоповредување, бавно умирање, тешка депресија“, велат од „Анима мунди“.
До граѓаните порачуваат да не поддржуваат и да не посетуваат животни зад решетки и Зоолошки за животни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средношколките во Охрид ќе се едуцираат како да се заштитат од сајбер напади
Камп за сајбер безбедност за средношколки се одржува во Охрид, како дел од проектот CybHER – Зајакнување на жените и девојките во сајбер безбедноста, кој го спроведува Британскиот совет во државите од Западен Балкан, со поддршка од Владата на Обединетото Кралство.
Пред учесниците на кампот денеска ќе се обрати државниот секретар во Министерството за образование и наука Елена Ивановска.
Македонија
УЈП потсетува за пресметка до 31 март 2026
УЈП потсетува дека крајниот рок за поднесување електронска пресметка за доход остварен во странство во 2025 година е 31 март 2026. Обврската се однесува на сите физички лица што примиле плата или друг вид доход од странство и важи без разлика дали данокот во странската држава е платен или не, а пресметката се поднесува преку системот е-Даночни услуги.
Клучната порака на Управата е практична: со пресметката мора да се достават и докази што ја потврдуваат висината, видот и периодот на доходот, како и евентуално платениот данок во странство. Тоа, во пракса, значи дека даночниот обврзник треба да може документарно да го „затвори кругот“ – од исплатата до даночниот третман. Дополнително, за примената на договорите за избегнување двојно оданочување, УЈП упатува дека постојат насоки и процедури што ја дефинираат документацијата и начинот на пресметка.
Зад административната формулација стои појасна порака: контролата не е „локална“ работа. УЈП наведува дека во 2025 година, во рамки на меѓународната соработка, поднела 203 барања до странски даночни органи за проверка на документација за граѓани што преку американски компании работеле во Авганистан и Ирак. Тоа е сигнал дека механизмите за размена на информации се активни и дека „ќе помине незабележано“ е сè послаб план.
Македонија
Одрон на патот Кичево-Гостивар кај Колари
На патниот правец Кичево – Гостивар поради голем одрон кај село Колари од 7 часот изутринава е воведен наизменичен сообраќај по една коловозна лента во должина од 30 метри, информира Диспечерско-информативниот центар на ЈП Македонијапат.
Поради одронот сообраќајот на патот Кичево – Гостивар од 5.40 часот беше во целосен прекин.
АМСМ информира дека од 05:45 часот на патниот правец село Лисец – Попова Шапка воведена е забрана за сообраќај на тешки товарни возила и автобуси.
– Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата – велат од АМСМ.
Препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Во сила е законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата.

