Македонија
„Анима мунди“: Рамиз Мерко, ова не е племенски сојуз, туку држава!
По само два месеца од масовното убиство на кучиња од Струга, кога вооружени лица среде бел ден стрелале во жива цел на улиците во Струга фрапантно кршејќи закон, сведочиме на јавно охрабрување за убивање на кучињата, истакнуваат од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“.
И тоа, како што велат, не се изјави на некој обичен граѓанин, туку на првиот човек на Струга, кој очигледно залутал во дејност чија одговорност не ја разбира.
„Рамиз Мерко, ова не е племенски сојуз, туку држава! Законите и стратегиите постојат за да се унапредуваат, а со идеите за тендери со ловни друштва и убивање на секое куче од улица, вие сте закана за сè што е цивилизациска придобивка, претставувате опасност и ја срамите Струга.
Ова е говор на омраза, кој промовира и поттикнува насилство за што треба итно да се биде казнет!
Со вакви сфаќања, повици и изјави човек не смее да биде политичар, уште помалку градоначалник на град и атрактивна туристичка дестинација во нашата држава“, потенцираат од Здружението.
Од една страна, како што додаваат, Струга со сите свои убавини, од друга, градоначалник кај кого изгледа дека општествената еволуција застанала, за кого емпатија и хуманост се непознати поими, а насилството, безредието и убивањето животни посакувана норма.
„Компаративно одобрување на помало убиство – животно, не може никогаш да го прави истото дело оправдано. Посочуваме и дека во изјавата Рамиз Мерко кажува како жител од село Мислешево убил и натоварил цел трактор со мртви кучиња, бараме институциите, Обвинителството, веднаш да постапи по овој случај, на кој Мерко е очигледно сведок и да биде повикан на распит. Воедно, легитимно е да се праша дали градоначалникот на Струга ги поттикнал или ангажирал оние што во јануари стрелаа бездомни кучиња во градот загрозувајќи ја безбедноста на сите, а притоа никој да не одговара до ден-денес“, се нагласува во информацијата од „Анима мунди“.
Одговорност, додаваат од таму, мора да има ако целиме кон правичност и правда, а не кон девијација на и она малку нормално што остана од/во нашава држава!
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Министерството за здравство ги разгледува можностите и капацитетите за поддршка на Швајцарија за згрижување на повредените од трагичниот пожар
Министерството за здравство ги разгледува можностите и расположливите капацитети за да ѝ обезбеди соодветна поддршка на Швајцарија во делот на медицинското згрижување на повредените од трагичниот пожар во Кран-Монтана, соопштија од таму.
„Во таа насока, Министерството за здравство веќе постапува во координација со Дирекцијата за заштита и спасување на РСМ, а преку Координативниот центар на ЕУ за одговор на итни случаи (EU ERCC) воспоставен е канал на комуникација и со здравствените власти во Швајцарија.
Воедно, Министерството за здравство изразува искрено сочувство до семејствата на настраданите и најдлабока солидарност со повредените од овој трагичен настан“.
Македонија
Понудена помош за справување со трагичната несреќа: телефонски разговор на Муцунски со швајцарскиот амбасадор Зомер
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, по трагичната несреќа во бар во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана, по која беше активиран европскиот механизам за цивилна заштита, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, по остварена консултација со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и министерот за здравство, Азир Алиу попладнево оствари телефонски разговор со швајцарскиот амбасадор во земјава, Кристоф Зомер.
Во рамки на разговорот, Муцунски изрази искрено и длабоко сочувство до семејствата на загинатите, како и до народот на Швајцарија, упатувајќи желби за брзо и успешно закрепнување на повредените.
Во таа насока, министерот ја изрази подготвеноста на Република Северна Македонија да прифати повредени пациенти, како и да обезбеди соодветна медицинска поддршка во домашните здравствени установи.
Дополнително, министерот изрази подготвеност, доколку има потреба, македонски лекари – специјалисти, кои беа директно вклучени во лекувањето на пациентите по трагедијата во Кочани, веднаш да заминат во Швајцарија и да се вклучат во процесот на лекување на повредените.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патниот правец Струга – Граничен премин „Ќафасан“
Секторот за внатрешни работи информира дека во моментов, повторно е воспоставен нормален сообраќај на патниот правец Струга – Граничен премин „Ќафасан“.
Сообраќајот, сега е нормализиран и се одвива во двете насоки а беше затворен и во целосен прекин, од 30.12.2025 година, поради превртена цистерна на патот.
Од тогаш, сите надлежни служби излегоа на местото на настанот и активно отпочнаа со мерки за утврдување на причините за незгодата и дислокација на превртената цистерна од коловозот.

