Македонија
(Видео) „Анима мунди“: Скопјанец среде бел ден му го застрелал кучето на соседот
Во сабота среде бел ден скопјанец застрелал куче за кое се грижел неговиот сосед во Трубарево со цел да го убие и со образложение дека му ги бркало кокошките. Со пушка го застрлал и оставил кучето да умре, објави „Анима мунди“.
,,Погледнете го кучето – мало, сосем безопасно кутре кое одвај тежи 10 килограми, застрелано во глава и оставено да се влече и да го испушти последниот здив. Неговата среќа во несреќа е што луѓето кои го вдомиле од улица и се грижат за него го слушнале истрелот, повикале полиција и веднаш излегле да го бараат, по што се обидуваат да го спасат. Снимката е вознемирувачка, но неопходно е да се види со што се соочуваат животните секојдневно и во каква држава ние живееме, затоа што насилството врз нив не е исклучок, туку норма. Бараме најстрога кривична казна за сторителот на ова дело, затворска казна за него и секој друг кој ќе посегне со насилство врз животните. Очекуваме полицијата да постапи согласно со пријавата од сопствениците и доказите кои ги затекнале на лице место, пушка што се користела и која освен по кучето е закана за безбедноста на секој поединец”, соопшти организацијата.
Тие велат дека се згрозени што злоупотребата на животните во нашата држава е зад секој агол и на секој чекор, за насилството се молчи или, како по правило, се неутрализира по важност.
,,Бараме итно полиција за животни во Македонија или ополномоштена служба за превенција/евиденција/санкција на насилството врз животните во Македонија составена од членови на здруженијата, љубители и активисти кои се единствени кои ваквите деликти ги истражуваат и пријавуваат, додека институциите постапуваат само реактивно, кога мораат – во спротивно одбираат да молчат. Тоа е концепт што со години го предлагаме да влезе во Законот за заштита и благосостојба на животните, кој се игнорира а кој сега има вистинска можност да се дефинира во законот бидејќи законот ќе претрпи ревизија и измени. Апелираме до граѓаните кои имаат сознанија за вакви или слични инциденти да пријавуваат во полиција или да нè контактираат и ни го проследат секој можен доказ што би помогнал да поднесеме тужби – на тој начин ќе придонесат ваквото грозоморие да запре
Следете го примерот на луѓето кои пријавија чија хуманост е спасот за ова куче”, се вели во апелот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

