Македонија
„Анима мунди“: Со огнено оружје во Визбегово осакатени миленици, се убиваат животни од локален психопат
„Видете ги овие грозоморни фотографии: кошмар преживуваат животни и жители на Визбегово од локален психопат, кој стрела по живи цели, сакати и убива со оружје – воздушна пушка за коjа во согласност со евиденцијата на куршумите мора да се поседува дозвола и да биде регистрирано. Еден мачор стрелан, кој со последни сили избезумен се вратил во својот двор, со раскината нога до карлицата/колкот, која морало да му се ампутира веднаш за да се спаси; другата мачка погодена во градите, распрснат куршум за која е интервенирано веднаш и која има невидена среќа во несреќа што е жива“, велат од „Анима мунди“.
„Во полициска станица Чаир е пријавено веднаш од страна на сопстениците, кои се решени да одат до крај и стрепат за животот на своите животни. Вакво дело може да направи само безумен човек, садист и монструм, кој е неопходно итно да биде идентификуван и затворен, спречен да продолжи и понатаму“.
️Нагласуваме – со ова оружје може да се осакати и убие човек, дете, животно и покрај вакви индивидуи никој жив не е безбеден на улица! Бараме максимална посветеност на МВР, вештачење на куршумите, кои се доказ и начин да се истражи и фати сторителот и затвори!
Кој од чиста мира малтретира животно е општествена закана, тоа утре ќе го прави и на луѓе, деца, на секој што е послаб од него. Повторуваме, трагата е во остатоците од куршумот зашто за ова оружје е неопходно да се поседува дозвола.
Злосторството врз животни е општествена аномалија и мора да се препознава како такво, за да се превенира во иднина, а секој слушај да не биде само пријава што ќе заврши во фиока, туку најстрого да казни. Дека суровоста кон животните е една од карактеристиките која редовно се јавува во компјутерските досиеја на сериските силувачи и убијци констатира ФБИ, криминологијата, социопатологијата, психијатријата. Игнорирањето на овие деликти мора да запре. Бараме лична заложба на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за процесирање и завршница по ваквите и слични настани, кои во Македонија се секојневие.
„Анима мунди“ најавува иницијатива за измена на Кривичниот закон со која бараме драстично зголемување на санкциите предвидени со член 233, воведување на нови класификувани форми за извршување на делото мачење животни како и регистар на лица кои на каков било начин злоставувале животно. Иницијативата е усогласена со нашите потреби, и најдобрите европски практики и ќе биде доставена до ресорните органи за 2 седмици, и за истата очекуваме силна јавна и институционална поддршка“, се наведува во соопштението на „Анима мунди“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

