Македонија
Анкета на „Макфакс“: Македонците најмногу ја сакаат руската вакцина „спутник В“
Најголем број од граѓаните би се вакцинирале со руската вакцина „спутник В“, покажа анкетата спроведена од истражувачкиот центар на новинската агенција „Макфакс“.
Станува збор токму за вакцината за која нема најава дека некогаш ќе пристигне во земјава, иако истата ѝ беше понудена на Македонија, како што потврди и рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Баздникин.
На прашањето „Која вакцина би ја избрале против Ковид-19“, третина од анкетираните граѓани се определиле за руската вакцина, но голем е процентот (29,3%) и на оние кои изјавиле дека не би избрале ниту една вакцина и дека нема да се вакцинираат.

Петнаесет проценти од анкетираните граѓани се изјасниле дека би се вакцинирале со кинеската вакцина „синофарм“, за која министерот за здравство Венко Филипче најави дека со 200.000 дози во февруари ќе стартува масовното вакцинирање во земјава.
Повеќе од 11 проценти од анкетираните би се вакцинирале со вакцината на „Фајзер“, која и првично беше најавувана дека ќе пристигне во земјава, пред да настане дефицит од истата. За американската вакцина „модерна“ се определиле само 2,1 процент од анкетираните, а најмала група од 1,9 проценти изјавиле дека би се вакцинирале со вакцината на „Астразенека“, која треба да пристигне во земјава преку Ковакс-механизмот.
Повеќе држави се откажаа од употребата на вакцината на „Астразенека“, пред сè затоа што нема доволно испитувања за нејзиното влијание кај постарата популација. Данска и Норвешка одлучија дека во моментот нема да им ја даваат вакцината на „Астразенека“ на лица над 65-годишна возраст бидејќи „не постои релевантна документација за ефикасноста“. Швајцарија не ја одобри оваа вакцина, а италијанската агенција за лекови (АИФА) ја одобри употребата на оваа вакцина за сите возрасни лица, но сепак препорача да се најде друго решение за лицата над 55 години.
На над 10 проценти од граѓаните кои одговориле на анкетата, пак, сеедно им е со која вакцина ќе се вакцинираат, зависно од тоа која е достапна.

Анкетата на истражувачкиот центар на „Макфакс“ беше објавена на 3 февруари на 14 веб-страници. Гласале 6.578 луѓе, од кои 87 проценти од Македонија, а останатите од Германија, Швајцарија, Велика Британија, Шведска и други.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

