Македонија
Анкета: 58,7 отсто сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ не заслужува да дојде на власт

ВМРО-ДПМНЕ не заслужува да биде избрана на следните парламентарни избори, вака одговориле 58,7 отсто од испитаниците на теренската анкета на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје (ИДСЦС), спроведена во периодот од 15 ноември до 1 декември, на национален репрезентативен примерок од 1.000 испитаници.
На анкетата мнозинство од испитаниците (64,5 отсто) одговориле дека сегашната Влада не ги исполнила нивните очекувања (воопшто 44,2 отсто и делумно 20,3 отсто). И покрај тоа, 58,7 отсто од испитаниците сметаат дека опозициската партија не заслужува да биде избрана на следните парламентарни избори. Сепак, мнозинството испитаници (59,1 отсто) одговориле дека сакаат да излезат на гласање.
Повеќето испитаници (41,3 отсто) рекле дека немаат доверба во ниеден политичар, a 8,5 отсто одбиле да одговорат на ова прашање или одговориле со „не знам“, со што речиси половина (49,8 отсто) од граѓаните искажуваат целосна недоверба кон актуелната политичка елита. Другата половина од граѓаните најголема доверба имаат во Зоран Заев (16,5 отсто) и Христијан Мицкоски (14,2 отсто). По нив, следуваат лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со 6,9 отсто и претседателот на државата, Стево Пендаровски, со 4,2 отсто.
Речиси и да нема разлика помеѓу рејтингот на двете најголеми политички партии во државата, односно таа е во маргините на статистичката грешка. Актуелната партија на власт, СДСМ (22,1 отсто), има благо водство пред опозициската ВМРО-ДПМНЕ (20,4 отсто). Рејтингот на ДУИ 6,6 отсто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Со лаги власта ја сведува катастрофата од Дрисла и Вардариште на „визуелна“ грешка, велат од ДОМ

Зелената партија ДОМ најостро ја осудува, според нив, неодговорната и срамна изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека загадениот воздух „само изгледа алармантно“. ДОМ предупредува: кога градот е прекриен од чад и два дена смрди на изгорена гума, таквите лаги не се само некомпетентни, туку претставуваат крајно нехумано однесување кон сопствените граѓани. ДОМ бара итен крај на ова, како што го нарекуваат, политичко манипулирање.
„Доколку Мицкоски навистина мисли дека „визуелниот“ чад го заменува ѕвоното на алармот, тогаш нека одржи презентација на 7-метарските гласачки ливчиња (кои патем кажано, тој бомбастично ги „најави“) наместо за мерењата на загаденост. Граѓаните не се без чувство за мирис во однос на отровните честички што ги уништуваат нивните бели дробови – тие знаат кога некој се труди да ги измами со политички предизборни трикови.
Овој колосален неуспех на Владата е за жал суштинска мисија за самоуништување: нема ниту еден официјален совет како да се заштитат ранливите групи, нема ниту една предупредувачка порака, ниту мерки за итна дистрибуција на чиста вода и заштитни маски. Дури ниту Институтот за јавно здравје не добил податоци за загаденоста, што сведочи за парализата на сите надлежни служби“.
Граѓаните, додаваат од ДОМ, веќе го покажаа својот револт, блокади, протести и барање одговорност. ДОМ ја повикува и опозициската СДСМ да престанат да бидат сопартијци во оваа нивна коалиција на неодговорни.
„Имаат пратеничка група во Собранието и преку иницијативи и јавни расправи за овој скандал можат да помогнат да го осудат овој чин на необјективност и неодговорност на Владата“.
ДОМ бара итни конкретни чекори: веднаш гаснење на пожарите на депониите „Вардариште“ и „Дрисла“, секојдневни извештаи од мерните станици, активирање на итни здравствени протоколи за заштита на ранливите категории и старт на стратешки план за модерно управување со отпадот во Скопје. Не смееме да дозволиме во никој случај политичка манипулација над здравјето на граѓаните.
Македонија
Дождот не помогна многу – чадот од Дрисла и утрово не стивнува, затрупувањето продолжува

Дождот засега не помогна многу во гаснењето на пожарот во депонијата Дрисла, што се чувствува во воздухот во Скопје.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека секојдневно се истурале тони вода, но чадењето продолжувало. Вчера властите прибегнаа и кон затрупување на опожарените делови, но депонијата продолжи да гори и утрово.
Ангелов најави дека во 12.00 часот ќе одржи прес конференција на која детално ќе информира за сите активности кои се превземаат на депониите Дрисла и Вардариште.
Жителите на Ново Лисиче, Аеродром, Центар, Драчево и Кисела Вода, синоќа на социјалните мрежи реагираа дека надвор не се дише и мириса на изгорено. Ангелов кажа дека ветрот го сменил правецот и чадот од депонијата се упатил кон Скопје.
Македонија
„Зелен хуман град“: Решение за депониите не е јавно-приватно партнерство, туку нула отпад

Активистите на „Зелен хуман град“ реагираа на изјавата на премиерот за депониите, оценувајќи дека најавите за ново јавно-приватно партнерство за управување со Дрисла се погрешен пристап.
„Премиерот вчера изјави дека неговата партија ќе барала на тендер фирма за јавно-приватно партнерство што ќе управувала со Дрисла. Неговата партија не го создала проблемот со депониите, ама ќе го решела. Веќе го спроведоа ова решение и што ни донесе тоа? Една деценија изгубена и нула од ветените инвестиции. Отпадот заврши во рацете на криминалци кои, според јавно достапните информации, вршеа нерегулиран увоз на контејнери со отпад“, велат од иницијативата.
Тие потсетуваат дека „според Европската комисија меѓу 15 и 30 отсто од отпадот извезен од ЕУ завршува како нелегален транспорт во земји со слаба легислатива како Македонија“.
„Се декларирате ко патриоти, а не постои попатриотски чин од заштита на животот и здравјето на жителите на Македонија. Секоја следна година се давиме во сè повеќе отпад и дишеме сè позагаден воздух од кој умираат илјадници луѓе годишно“, додаваат активистите.
Како решение тие го предлагаат концептот „нула отпад“ кој, според нив, опфаќа: дисперзирани компостари за биоотпад во секое маало („60-80% од отпадот е биоотпад“), постројки за преработка на градежен шут, масовна едукација за примарна селекција (стакло, метал, пластика, хартија, електронски отпад), работилници за поправка и реупотреба на мебел и електроника, извоз на преостанатиот отпад во земји со функционални институции.
„Депонирањето е практика од минатиот век. Современите општества се стремат кон нула отпад. Јавно-приватното партнерство е форма на приватизација на јавното на мала врата. Приватникот нема интерес да ја намали количината отпад, туку обратно – му треба постојан проток за профит“, истакнуваат од „Зелен хуман град“.
Во соопштението се потсетува и на случајот со увоз на токсичен отпад: „Сите го паметиме случајот со отпадното масло забрането во ЕУ, кое во Македонија лажно се претставуваше како мазут и се користеше дури и во државни институции и болници“.
„На Дрисла не ѝ требаат странски пари ниту донации. Нам ни треба нашите пари, со кои за несреќа располагате, да бидат наменети за приоритетите што ние, граѓаните, ги имаме, наместо да завршуваат во џебовите на корумпирани политичари“, порачаа од иницијативата.