Македонија
Антикорупционерите ќе утврдуваат дали има корупција, непотизам и судир на интереси за тендерите што ги добил сопругот на државната секретарка Клинчарова
Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) ќе проверува дали има судир на интереси, непотизам и корупција за тендерите во Министерството за дигитална трансформација, кои ги добил сопругот на државната секретарка, Гордана Клинчарова. Министерот Стефан Андоновски на посебна прес-конференција за тендерите рече дека сѐ до потписот не знаел чија е компанијата, но истражил откога го видел презимето. Компанијата ги исполнувала сите критериуми, па решил да потпише за Министерството да не се соочи со судски процеси.
„Во врска со тендерите за набавка на конференциска, презентациска и ИТ-опрема, распишани од страна на Министерството за дигитална трансформација, кои во согласност со наводите изнесени во медиумите ги добил сопругот на државната секретарка, вработена во истото министерство, ве известуваме дека во Државната комисија за спречување на корупцијата оформен е предмет по сопствена иницијатива, по допрен глас, објава во медиуми“, кусо изјавија за „Макфакс“ од ДКСК.
Вчера, Социјалдемократскиот сојуз, од каде што алармираа за тендерите, побара вклучување на ДКСК и на Обвинителството и расчистување на случајот, а од министерот бараат оставка.
Министерот Андоновски, пак, смета дека државата не е оштетена со двата тендера што ги добил сопругот на државната секретарка во неговото министерство, туку, напротив, заштедил пари од буџетот на институцијата оти била постигната пониска цена и на првиот и на вториот тендер што ги добила компанијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утрово најстудено во Берово и Крива Паланка
Утрово најстудено било во Берово каде што се измерени -7 степени, -5 било во Крива Паланка, -4 во Скопје – Петровец и Демир Капија, -3 во Гевгелија, Прилеп и Тетово, -2 во Охрид, Виница и Крушево.
Времето денеска
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Во текот на ноќта почнувајќи од западните делови ќе има врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, особено на планините каде што ќе се зголеми снежната покривка.
Максималната температура ќе биде во интервал од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 11 степени.
Македонија
„Мицкоски со авионот се плаши за својот живот, а не за животите на своето семејство?!“, прашува СДСМ
„Мицкоски вчера јавно изјави дека кога лета со владиниот авион, наводно се плаши за својот живот и дека „се моли на Бога да останат живи“ кога лета. Ако тоа е вистина, тогаш се поставува суштинско прашање: Како можел тогаш во таков авион да го стави своето семејство и да ги ризикува нивните животи заради приватен одмор?“, прашува СДСМ
„Освен што злоупотребил државни ресурси за приватни потреби, го ставил ли и семејството во ризик?
Ако навистина смета дека авионот е ризичен, тогаш постојат редовни комерцијални линии со економска класа. Не бизнис класа со карти од 4.000 евра, може да патува со економска класа, затоа што нашата економија не е за бизнис класа.
Наместо утре граѓаните да му бидат криви, бидејќи тие го плаќаат овој авион. Прво Мицкоски нѐ расплака со тажната приказна, сега нѐ загрижи. Се плаши за својот живот, а не за животите на своето семејство?!
Ако толку неодговорно се однесува кон сопственото семејство, како ли се однесува кога е во прашање државата?“, се додава во соопштението на СДСМ.
Македонија
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Велес е нормализиран во двете ленти
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес е нормализиран во две коловозни ленти, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

