Македонија
Антикорупциската до Груби: Квалификациите од страна на висок функционер за кој има отворено предмет не се ништо друго, туку вршење притисок
„Во право сте г. Груби, антикорупциската нема капацитет да се вози во службени возила 24/7 и за приватни цели, да злоупотребува државни простории, да користи репрезентација и службени платежни картички, ниту да се расфрла со буџетски пари, но бидете уверени дека има капацитет да ги исполни своите законски обврски и надлежности и да изработи многубројни иницијативи и препораки, кои сè уште чекаат ред и време за да се постапи по нив“, реагираат од антикорупциската комисија по изјавите на првиот вицепремиер Артан Груби дека „антикорупциска не ја бидува“.
Во официјалното соопштение антикорупционерите го потсетуваат Груби дека четири години по ред во извештајот на ЕК за напредокот на земјата добиваат позитивни оценки за својата активност и отворање случаи против високи функционери, што е, како што велат, директна потврда за оправданоста на нивното работење и за ажурноста на Комисијата токму во овој состав.
„Исто така, во своите извештаи ЕК ги повикува надлежните институции да постапуваат по препораките на ДКСК. Преку своето работење, независност и непристрасност, Комисијата вложува сериозни напори да се задржи и зајакне интегритетот на институцијата, а со своето залагање за правилно разбирање на принципите и доследно владеење на правото, направи сериозен исчекор во сегментот во кој работи. Зачудува фактот што оваа оценка на ЕК како највисоко тело на ЕУ, Вие не ја признавате и изнесувате неосновани обвинувања, а истовремено се залагате за брз влез во ЕУ“, се истакнува во информацијата.
ДКСК, потенцираат од таму, е независна институција, со надлежност да постапува по предмети за избрани и именувани функционери.
„Квалификациите за капацитетите на Комисијата од страна на висок функционер од Владата на РСМ за кој има отворено предмет не е ништо друго, туку вршење притисок врз работата на Комисијата и оркестриран обид за дефокусирање на јавноста. Ова дотолку повеќе што неодамна кабинетот на вицепремиерката за добро владеење ја обвини Комисијата за паушални и неосновани обвинувања поврзани со предметот за струшкиот градоначалник Рамиз Мерко иако на прес-конференцијата на ДКСК такво нешто не беше споменато, а вицепремиерот за евроинтеграции на билатералниот скрининг за образование култура и спорт побара од претседателката да не ја известува ЕК за поднесената тужба за клевета од страна на директорот за млади и спорт, Наумче Мојсовски. ДКСК има капацитет да се избори со вашите оркестрирани напади“.
Коментирајќи ја работата на Комисијата, Груби во гостување на национална телевизија изрази незадоволство од работата на антикорупционерите иако, како што рече, самиот ги избирал.
„Деновиве ја отфрлија пријавата против мене во ДКСК на поднесокот на ВМРО-ДПМНЕ. Огромно мнозинство од случаите се или изгубени по административни постапки или отфрлени од судиите и се надевам дека следниот состав ќе биде посериозен. Па, вo нивниот мандат немаат ниеден случај што им поминал. Државната комисија за спречување на корупцијата не ја бидува. Немаат капацитет“, рече Груби во гостувањето.
Коментарот на Груби следува на прашањето што мисли за купувањето на деловниот објект „Соравија“ од страна на внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, како и за вклучувањето на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на црната листа на САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ ги осуди заканите и навредите кон новинарот Видиновски: Институциите да реагираат
„СДСМ најостро ги осудува заканите и личните навреди кон новинарот Александар Видиновски, кон граѓаните и директорот на Канал 5 Телевизија од бугарски државјани“, велат од СДСМ.
„Говорот на омраза, заканите и навредите се недозволиви, претставуваат атак врз целата новинарска професија, слободата на говорот и слободата на информирање кои се европски вредности.
Ги повикуваме институциите да реагираат и да ги преземат сите мерки за санкционирање“, соопшти СДСМ.
Македонија
Случајот со смртните закани врз новинарот Александар Видиновски да се истера до крај, бара Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз жестоко ги осудува примитивните напади и смртните закани врз новинарот Александар Видиновски на социјалните мрежи и ја поздравува одлуката на Јавното обвинителство да отвори предмет против сторителите на овие кривични дела.
„Во општество каде што слободата на медиумите е загарантирана со устав и закон, а новинарите имаат посебна улога при откривањето злоупотреби и креирањето јавно мислење за потребата од владеење на правото, недозволени се закани врз нивниот физички интегритет и загрозување на нивниот живот“, велат од Демократскиот сојуз.
„Новинарот Видиновски професионално си ги извршува своите новинарски задачи и со својата работа покажува дека не смее да има недопирливи луѓе или институции, домашни или странски, сеедно, за кои нема да важи законот во Македонија.
Демократски сојуз потсетува дека безбедноста на новинарите мора да биде еден од приоритетите на секое демократско општество кое ја негува слободата на говорот, истовремено ги охрабрува надлежните институции да го истераат до крај случајот со новинарот Видиновски и виновниците да ги изведат пред лицето на правдата“, се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз.
Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова се сретна со претседателот на ОАЕ: перспективите за продлабочување на билатералната соработка во фокусот на разговорот
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеик Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.
Претседателката се заблагодари за гостопримството и за можноста да учествува на престижниот самит, оценувајќи го како исклучително значајна платформа за справување со глобалните и регионалните предизвици и за водење значаен дијалог со истакнати лидери и партнери од целиот свет.
Во фокусот на разговорот беа перспективите за продлабочување на билатералната соработка и беше посочена потребата од унапредување на правната рамка, се наведува во соопштението од кабинетот на Претседателката.

Посебен акцент беше ставен на економските односи и можноста за забрзување на проектите од взаемен интерес, коишто се во подготвителна фаза.
Претседателката го поздрави воведувањето на безвизен режим меѓу двете држави, оценувајќи го како одлична можност за олеснување на севкупната комуникација меѓу двете општества.
Таа изрази уверување дека средбата, што се реализира во пресрет на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави, ќе даде силен импулс во севкупното натамошно унапредување на соработката меѓу двете земји.
Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните глобални прашања и важноста на напорите за разрешување на постоечките конфликти.
Во тој контекст, претседателката ја поздрави конструктивната и одговорна улога на Обединетите Арапски Емирати, којашто се базира на принципите на мир и толеранција. Претседателката го истакна интересот од македонска страна за продлабочена соработка преку заеднички иницијативи за меѓукултурен дијалог и промоција на општите цивилизациски вредности, се додава во соопштението.

