Македонија
Антикорупциска и Јавното обвинителство да испитаат зошто Филипче како министер криел имот што го поседува, а како пратеник годинава го пријавил, бара ВМРО-ДПМНЕ
Манипулациите се карактеристика за СДС. Кога ќе се види што Венко Филипче пријавувал како министер, а што како пратеник може да се види дека тој манипулира со голем имот. Или Филипче пријавил поголем имот како пратеник, отколку кога бил министер, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Последниот анкетен лист доставен до Антикорупциска откако стана пратеник покажуваат дека тој поседува имот во вредност од 850 илјади евра.
Филипче како министер за здравство пријавил прво, куќа од 464 метри квадратни изградена во 2017 година во вредност од 27,8 милиони денари, второ, стан од 130 метри квадратни метри во вредност од 7,8 милиони денари добиен како подарок во 2016 година и како трето, уште еден стан во Скопје од 50 метри квадратни кој е резултат на купопродажба во 2010 година.
Филипче како пратеник во 2024 година го пријавува следниот имот.
Прво, стан во Скопје од 12 милиони денари стекнат со наследство во 2016 година. Станот не го пријавил кога бил министер, а го имал.
Второ, стан во Скопје стекнат со наследство во 2016 година вреден 3 милиони денари. И овој стан не е пријавен кога бил министер, а го имал.
Трето, два стана во Скопје од по 12 милиони денари, стекнати со договор за градба во 2017 година. И овие станови ги нема пријавено додека бил министер, а ги поседувал.
Четврто, стан во Центар од 3 милиони денари стекнат во 2008 година со договор за купопродажба. И овој стан не е пријавен кога бил министер, а бил во негова сопственост“, се истакнува во пишаниот допис од владејачката партија.
Нејасно е, додаваат од оваа партија, како имот што го поседувал кога станал министер или пет стана не ги пријавил во Анкетниот лист до Антикорупциска комисија, а ги пријавил како пратеник.
„Оттука се поставуваат низа на дилеми и прашања.
Криел ли Филипче имот, ако имал навика да крие можеби се уште го прави тоа“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Апелираат, Државната комисија за спречување на корупција веднаш да ги лоцира податоците за да утврди што се криел Филипче. Апелираат и до јавното обвинителство да испита зошто Флипче не пријавувал имот во анкетниот лист како министер и зошто во анкетниот лист како пратеник се појавува имот кој го имал пред да стане министер, а не го пријавил.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Македонија
Андоновски учесник на најголемиот светски конгрес за мобилни оператори – MWC26 во Барселона: во фокусот проектот „Роаминг како дома“
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска е во работна посета на Барселона, Шпанија каде учествува на MWC26 (Mobile World Congress) – најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди и дигитални решенија во светот.
Во рамки на својата посета, министерот се задржа на лобирање за принципот „роаминг како дома“, со цел понатамошно унапредување на условите за граѓаните и бизнисите преку намалување на трошоците за роаминг и приближување кон европските стандарди.
Министерот Андоновски беше дел од GSMA Ministerial Programme, каде се дискутираше за клучни политики и приоритети поврзани со поврзливоста, дигиталната инфраструктура, безбедноста и идните мрежни технологии.
„Ова е најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди во светот. Заедно со претставници на Влади и претставници на приватниот сектор, разговараме за прашањата кои најмногу ги засегаат нашите граѓани и корисниците, а тоа за нас секако е проектот „Роаминг како дома“ – што значи цени како дома за користење на мобилни услуги, СМС пораки и интернет било каде во Европската Унија. Можам да кажам дека од владите и од нашите меѓународни партнери добиваме голема поддршка за овој проект, но и разбирање од големите телеком оператори“, истакна Андоновски.
Министерот додаде: „Во текот на денот имав можност да се сретнам со мобилни оператори кои се присутни во Македонија, но и со бројни светски производители на опрема, даватели на облак (cloud) услуги, каде што разговаравме за најважните прашања кои во моментов го засегаат секторот на дигитализација: изградба на дата центри, вештачка интелигенција, сајбер безбедност и целосна дигитална трансформација на општеството.“
Македонија
Сиљановска-Давкова со претставници на Фондацијата Роми за Европа и Ромскиот образовен фонд: образованието е клучен фактор на социјалната мобилност
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со Лолита Хасани Грасман, советник за институционална соработка и комуникација во Фондацијата Роми за Европа со седиште во Брисел и Реџепали Чупи, директор на Ромскиот образовен фонд за нашата држава и Србија, со седиште во Букурешт.
На средбата, соговорниците ја информираа претседателката за тековните активности насочени кон развој на вештини, образовни програми, зголемување на можностите за вработување и одржливо економско учество на Ромите.
Гостите изразија желба и надеж за соработка со Владата заради унапредување на економската инклузија на ромската заедница како и нејзино економско зајакнување. Исто така, беше најавено дека Ромскиот образовен фонд планира да отвори ХАБ центар во Шуто Оризари којшто ќе работи со деца, родители и наставници на дигитализација, нови методологии на учење и развој на вештини за идно вработување и лидерство.
Претседателката нагласи дека образованието е клучен фактор на социјалната мобилност, оти помага во градењето самодоверба и лидерство. Според неа, младите образовани Роми стануваат инспиративни модели во заедницата и носители и двигатели на позитивни промени. За неа, инклузијата во предучилишното и основно образование директно влијае врз понатамошниот успех на ромските ученици, бидејќи без квалитетно образование, можностите за пристојно и достоинствено вработување се ограничени.
Таа смета дека пристапот до образованието на децата Роми е приоритет, оти само преку рана и континуирана образовна вклученост, можеме да обезбедиме социјална интеграција, заштита од ризици и еднакви можности за иднината. Според претседателката, економската и образовната интеграција на Ромите е важна за општествениот развој, оценувајќи дека партнерството со меѓународните организации може да придонесе за зајакнување на нивните можности и шанси за долгорочна интеграција. Заедничките иницијативи се клучни за унапредување на положбата на ромската заедница и напредок, смета таа.

