Македонија
Антикорупциската по разрешувањето на Дамева предупреди: Законот забранува влијание при избор и разрешување
По вчерашното разрешување на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, Државната комисија за спречување корупција изрази сериозна загриженост за случувањата на седницата. Од таму денес преку соопштение ги потсетија членовите на Судскиот совет дека тие, како највисок орган на судската власт, треба да се залагаат за бескомпромисно почитување на принципот на владеење на правото и да обезбедат независност за судската власт.
„Државната комисија ги потсетува лицата што се на највисоки државни функции и вршат јавни овластувања на обврската за почитување на начелата на законитост и интегритет од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите. Начело на законитост: (1) Секој е должен во вршењето на функцијата, јавните овластувања и службената должност да постапува во согласност со Уставот и со законите. (2) Никој не смее да ги користи функцијата, јавното овластување, службената должност и положбата за извршување или пропуштање дејствие, што според законот не смее, односно мора да го изврши, ниту да го подреди извршувањето на законито дејствие на својот личен интерес ниту на интересот на друго лице. (3) Никој не може да биде повикан на одговорност за корупција, освен во случаите и условите предвидени со овој закон, со Кривичниот законик и друг закон и во постапка пропишана со законот. Начело на интегритет: (1) Секој е должен во вршењето на функцијата, јавното овластување и службената должност да постапува совесно, стручно, одговорно, чесно, ефикасно и непристрасно. (2) Службеното лице во извршувањето на јавните овластувања и должности е должно да ги почитува начелото на законитост, начелото на еднаквост, начелото на јавност, етичките норми и професионалните стандарди, без дискриминација или повластување на кој било, со целосно почитување на јавниот интерес. (3) Службеното лице во вршењето на својата функција е должно да внимава на евентуален судир на интереси и при извршувањето на јавните овластувања и должности не смее да се раководи од лични, семејни, верски, партиски и етнички интереси, ниту од притисоци и ветувања од претпоставениот или од друго лице“, соопшти Комисијата.
Од таму потсетија и на членот 39 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите.
„Член 39 забранува какво било влијание при избор, именувања и разрешување на раководни места. Политичка партија или лице што настапува во име на политичка партија не смее да врши притисок при избор или именување или разрешување лице на службена, раководна или друга функција или должност, освен во случаите во кои со закон е определена надлежност на претседателот на Републиката, Собранието и Владата на Република Македонија, или органите на единиците на локалната самоуправа да вршат избор, именување или да даваат мислење или согласност“, потсети ДКСК.
Антикорупционерите очекуваат за случувањата во судството да се вклучат и да реагираат сите релевантни државни субјекти.
Комисијата предупреди на почитување на законските обврски непосредно пред почетокот на денешната седница на Судскиот совет, на која е најавен избор на нов претседател по вчерашното разрешување на Дамева, но новинарите, снимателите и фоторепортерите денес не им беше дозволено да влезат и да ја следат седницата. Обезбедувањето добило наредба да не ги пушта во просториите во кои ќе се прави изборот на нов претседател.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.

