Македонија
Антикорупциската: Се злоупотребува именувањето в.д. директори во институциите
По поставувањето голем број в.д. директори во институциите, реагира Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), од каде што велат дека не се почитуваат законските одредби за избор на директор на конкурс, туку се применува оваа метода, која остава простор за политички влијанија.
В.д. директори во последниот период беа поставени во Фондот за здравство, јавните претпријатија, образованието и во институции од областа на културата.
„Заедничко за сите овие именувања е што функцијата в.д. директор не се користи за надминување непредвидена состојба до пополнување на раководните места со распишување јавен конкурс, како што е предвидено во материјалните закони, туку се користи редовно како да е тоа единствен начин за поставување директори“, велат од ДКСК.
В.д. директорот во принцип треба да биде именуван за рок од 6 месеци додека не се пополни местото на јавен конкурс, но, наместо тоа, Комисијата се соочила со примери кога еден ист човек и по 7 пати во континуитет е именуван за в.д. директор иако времетраењето на нивната функција треба да е ограничена.
Комисијата во своето работење наишла и на други неправилности во однос на поставувањето в.д. директори:
• не се почитуваат материјалните закони за распишување конкурс за избор на директор;
• се врши разрешување или т.н. отповикување директори и пред истекување на мандатот;
• се именуваат директори без положен испит за директори (онаму кај што треба);
• управните одбори не секогаш распишуваат конкурси и чекаат првин Владата да одлучи што да преземат;
• не се обезбедува избор на директори со фер конкуренција врз основа на приложена програма за работа;
• нема отчетност за вршењето на функцијата и трошењето на државните ресурси;
• изборот и разрешувањето се врзува со одредена политичка гарнитура;
• постои реваншизам, особено кога локалната и централната власт се од разни политички опции, што се манифестира со одземање ингеренции, односно преку одмерување на политичката моќ.
„Во отсуство на почитување на материјалните закони за избор на директори по пат на конкурс и обезбедување фер конкуренција се применува начин на работа кој со години се гради во нашето општество и остава простор за постоење висок ризик од политичко влијание, што доведува до разградување на системот на вредности, на професионализмот, преселување квалитетен кадар, во чие образование се вложувало во оваа држава. ДКСК препорачува што побргу донесување на законот за висока раководна служба, кој речиси пред една година е поднесен во Собранието на РСМ“, соопштуваат од Комисијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево време со температура до 16 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h), информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури.
Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од корисниците на Гази Баба утре без вода
Дел од корисниците на Општина Гази Баба утре ќе останат без вода.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 25.02.2026 година ( среда ) имаат планирано неколку интервенции и тоа поради промена на вентил од 2.5“ на ул.Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности“, соопшти Регионалниот центар за управување со кризи Скопје.
Македонија
Домашниот притвор за Груби е невиден преседан, вели Максим Димитриевски
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски изјави дека одлуката лицe кое подолг период било во бегство да заврши во домашен притвор претставува невиден преседан и, како што рече, ја потврдува нефункционалноста на системот.
„Недозволиво е лице коешто подолг временски период е во бегство, се враќа во државата и му се изрекува мерка притвор и истото од распитот завршува дома“, изјави Димитриевски, одговарајќи на новинарско прашање за случајот Груби.
Тој оцени дека сериозна држава не смее да си дозволи такви преседани и додаде дека институциите треба целосно да ги разгледаат постапките.
„Значи дека и Советот на јавни обвинители, но и Републичкиот судски совет ќе треба да ги разгледаат во целост овие постапки, и доколку постои евентуална субјективност или одговорност кај поединци, истите да ги санкционира“, рече тој.
Димитриевски нагласи дека е легалист и посочи дека кога бил обвинет, редовно се појавувал на сите судски рочишта.
„Го повикав господинот Груби да го следи тој пример. За жал беше отсутен од државата повеќе од четиринаесет месеци, се врати и заврши во домашен притвор, што е недозволиво за еден сериозен систем“, додаде градоначалникот.
Во изјавата тој се осврна и на европските интеграции, истакнувајќи дека ако сакаме во Европа и сакаме да напредуваме, ќе мора да ги делиме и европските вредности во делот на поделба на правдата во државата.
Во однос на споредбите меѓу поранешниот функционер Сашо Мијалков и Артан Груби, Димитриевски рече дека Мијалков го коментирал во минатото и нема намера повторно да го прави тоа, но посочи дека и двајцата биле ставени во иста група.
„Денеска го гледаме и господинот Мијалков како слободен граѓанин, но дополнително и господинот Груби којшто дојде да се соочи со правдата, но за жал мене како граѓанин ваквото однесување или ваквата постапка во делот на ставање во куќен притвор не ме задоволува“, изјави Димитриевски, додавајќи дека за исправноста на одлуката треба да се обратат прашањата до надлежните судски власти, бидејќи тие ја водат постапката.

