Македонија
Апасиев бара оставка од Тошковски по несреќата во Кочани: Вие сте министер од јануари 2024, а фалш лиценцата е обновена во март 2024, што значи токму во времето на вашето министерување
На социјалните мрежи лидерот на Левицата, Димитар Апасиев, бара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по несреќата во Кочани.
„По вчерашната експликација за одговорноста на градоначалникот на Кочани, денес продолжуваме со правни аргументи зашто и Министерството за внатрешни раноти, на чело со министерот, сноси одговорност за ситуацијата со диско-шталата.
Согласно чл. 21, ст. 1, ал. 4 од Законот за угостителската дејност („Службен весник на РМ“ бр. 62/2004), кој досега е менуван дури 15 пати, МВР дава согласност за објектот дека ги исполнува условите за заштита на јавниот ред и мир плус за безбедност во сообраќајот (паркинг и сл.).
Но, покрај оваа изречна законска надлежност, Министерството, со кое раководи Панче Тошковски – во јавноста попознат и како адвокатот на урбаната мафија, има и дополнителни ингеренции за дискотеки и кабариња, и тоа:
– проверка на работно време;
– проверка на пиротехничките средства;
– проверка на гласност и бучава;
– проверка на присуство на малолетници (и точење алкохол);
– проверка на наркотични супстанции и др.
Така што, министре, и да не сте директно кабает со непосредна вина, во крајна линија имате политичка и правна одговорност за овој случај затоа што вие сте министер од јануари 2024, а фалш лиценцата е обновена во март 2024, што значи токму во времето на вашето министерување“, пишува Апасиев.
Оттука, како што додава, според него, „смената на командирите и на началниците на СВР и ОВР не е доволна и е жртвување пион за кралица. Потребно е да покажете доблест и да си поднесете неотповиклива оставка од морални причини“, нагласува Апасиев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Андоновска: Се додека Филипче и Заев владеат во СДС, партијата нема никаква реална шанса да се реформира
СДС нема иднина се додека Филипче е на чело на партијата. Филипче, како продолжена рака на Зоран Заев, продолжува да ја третира партијата како приватен проект, изјави Викторија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Изборниот резултат беше само статистичка потврда за ова. На своето конто, СДС брои само 6 општини, 126.000 гласови и околу 230 советници, историски изборен дебакл на СДС, кој за Филипче е успешен резултат за кој му честитаме. Се додека Филипче и Заев владеат во СДС и тоа не се искорени целосно, партијата нема никаква реална шанса да оди напред, ниту пак има шанса да се реформира. По ова се гледа дека обидот на Филипче за реформирање, кој толку долго и широко го најавуваше, не само што е пропаднат, туку не е ни започнат“, рече таа.
Според Андоновска, Филипче треба да си даде оставка од претседател на СДС, затоа што, додава таа, како тој што нагласува некогаш државотворната СДС, целосно ќе ја снема од политичката мапа во земјата, поради неговите политики.
„На македонската политичка сцена и е потребна конструктивна опозиција, ослободена од стегите на Заев и Филипче“, рече Андоновска.
Македонија
Мицкоски за ѓубрето во Скопје: Многу е важен првиот впечаток, за кратко време ги мобилизиравме сите капацитети и започнавме со чистење на градот
„Ние се доведовме до ситуација во 21 век да зборуваме за елементарни работи и навистина сето тоа делува помалку и комично, но кога некои работи треба да се направат, мора да се направат и како што кажа градоначалникот за време на изборната кампања тој вчера во исклучително рекордно време успеа да ги мобилизира сите капацитети. Но, исто така им благодарам и на општествено одговорни компании кои се вклучија во акцијата и мислам дека вчера беше сето тоа убаво и една ваква робусна акција денеска ако ништо друго можевме да видиме дека контејнерите се барем празни и чисти“, вели претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Мицкоски рече дека нечистењето на ѓубрето е политичка стратегија на опозицијата, но дека новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски уште првиот ден ги засукал ракавите и започнал со работа.
„Навистина делува смешно, јас ве разбирам и јас понекогаш можеби би се насмеал за сето ова кое што го зборуваме. Но, за жал се доведовме до една ваква ситуација и оваа беше политичка стратегија на опозицијата, преку неработењето на претходната градоначалничка нанесе штета, пред се на Владата и на државата. И морам да признам дека во одредена мера успеа со сето тоа. Но, ние таа лекција ја научивме и затоа уште во првиот ден ги засукавме ракавите и започнуваме од темелите или од под темелите. Така беше во владата кога дојдовме со долгови, така и во градот. Така што мора да гребеме од под темелите, за да дојдеме до површината и потоа да градиме нагоре. И мислам дека тоа го прави квалитетно уште од самиот почеток новиот градоначалник. Јас сакам само да кажам дека немате во животот втора шанса за прв впечаток. Така што многу е важен првиот впечаток и мислам дека тука новиот градоначалник тоа ќе го оправда“, изјави премиерот Мицкоски.
Македонија
Ристо Пенов ја отвори конститутивната седница на Советот на Град Скопје
Како највозрасен меѓу советниците во Советот на Град Скопје, поранешниот градоначалник на главниот град и член на Либерално-демократската партија, Ристо Пенов, ја имаше честа да претседава со првата седница на новиот состав.
Со искуство, стабилност и визија, Пенов повторно ја потврди заложбата на ЛДП – Скопје да стане модерен, зелен и функционален град за сите, велат од партијата.
„Нашите приоритети за следниот мандат се активностите за почисто и позелено Скопје, воспоставување паметен и одржлив сообраќај, модерен урбан развој на градот и зголемено ниво на транспарентност и соработка меѓу Градот и општините“, изјави Ристо Пенов.
Ристо Пенов влезе во Советот како носител на советничката листа за Град Скопје на коалицијата „Искуство за успех“. Меѓу другите програмски заложби на Пенов се и загарантираниот буџет за велосипедски патеки и инфраструктура, субвенциите за велосипеди за граѓаните кои со нив одат на работа и повторното заживување на Градскиот трговски центар, посочуваат од ЛДП.

