Македонија
Апасиев: Ванковска и Левица го оспорија упатството за радиодифузери на АВМУ пред Уставниот суд
,,Ја информираме јавноста дека претседателскиот кандидат проф. Билјана Ванковска и Политичката партија Левица поднесоа Иницијатива за оценка на уставноста и законитоста против Упатството за радиодифузери на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги за Претседателските и Парламентарните избори 2024 година, со барање на изрекување итна времена мерка за запирање на извршување на овој скандалозен подзаконски акт“, велат од Левица.
„Сметаме дека АВМУ излегува надвор од границите на Уставот и на Изборниот законик, произволно толкувајќи ги одредбите од истиот директно на штета на нашиот потврден претседателски кандидат – оневозможувајќи го и ускратувајќи му го правото на еднаков пристап до медиумите и избалансирано медиумско претставување, со тоа што ни се узурпира и таа минута време за платено политичко рекламирање која што законски ни следува! Со ваквиот тенденциозен чекор на АВМУ, на само неколку дена пред официјалниот почеток на изборната кампања, ни е нанесена непроценлива нематеријална и материјална штета како учесници во изборниот процес, а сериозно е доведен во прашање и кредибилитетот на целокупните избори во кои независните кандидати, поддржани од група граѓани, спротивно на закон, не се третираат еднакво и, отворено и противзаконски, се фаворизираат кандидатите на големите политички партии, преку нивните експоненти-членови во ДИК и во АВМУ“, дополнуваат од Левица.
Левица, како оштетена странка, порачува дека нема да запре тука со своите правни инструменти и против сите членови на АВМУ и на ДИК, поименично, ќе поднесе кривични пријави до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – за сторено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“, а ќе побара и времена мерка за изрекување судска забрана за исплата на средствата за изборната кампања на сите потврдени независни претседателски кандидати.
„Дополнително, ќе иницираме и граѓански спор за оштета во кој ќе бараме солидарна одговорност на сите членови на Советот на АВМУ за материјалната штета што ни е нанесена, а која се брои во милионски износ.”, велат од Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

