Македонија
Апасиев: Очекувам едногласно усвојување на заклучоците за трагедијата во Кочани
Пратеникот и претседател на Постојаната анкетна комисија за слободата и правата на граѓанинот, во Собранието на Македонија, Димитар Апасиев информира дека до пратеничките групи доставил Предлог-заклучоци од одржаната комисиска седница по повод поднесената претставка од родителите на загинатите деца во трагедијата во Кочани. „Очекувам истите да бидат едногласно усвоени на првото продолжение на V-та седница на Постојаната анкетна комисија“, се огласи Апасиев преку социјалните мрежи.
Со доставените Предлог – заклучоци најостро се осудува институционалната нефункционалност која доведе до трагедијата од 16 март во дискотеката „ПУЛС“ во Кочани и се изразува најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите и повредените. Исто така се укажува на сериозни институционални слабости, системско непочитување на законите и можно прикривање на одговорноста што наметнува потреба од итна и решителна реакција од сите државни институции.
Во таа насока се бара спроведување на независна, транспарентна и темелна судска кривична постапка која ќе ги утврди сите одговорни лица и институции, а одговорноста мора да ја понесат и носителите на јавни функции, без исклучоци.
Се потсетува дека правото на живот претставува највисиока вредност во уставниот поредок на државата и токму затоа се повикува Јавното обвинителство да постапува непристрасно, навремено и неселективно со цел да се обезбеди правда за жртвите и нивните семејства.
Дополнително во Предлог-одлуките се изразува загриженост за наводите за корупција во постапките за издавање дозволи и во инспекцискиот надзор и се препорачува Собранието да усвои итни законски измени кои ќе го подобрат регулаторниот и инспекцискиот надзор врз угостителските и останатите објекти наменети за одржување на јавни настани. Паралелно се бара и заострување на кривичната одговорност за службените лица кои не постапуваат согласно законските овластувања.
Се поддржува одржување на надзорна расправа во Собранието за утврдување на институционалната одговорност и предлагање мерки за превенција. Истовремено, се нагласува потребата од ефикасен и независен правосуден систем и целосно искоренување на корупцијата.
На крајот се упатува апел до пратениците од власта и опозицијата да постигнат консензус и да донесат посебен закон за обесштетување на семејствата на жртвите од трагедијата во Кочани, а заклучоците да се достават до Владата и Јавното обвинителство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Карпош и Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 10.00 часот, корисниците од улицата Марко Крале лоцирани околу објектот бр. 51, општина Бутел;
– во периодот од 08.30 до 10.00 часот, корисниците од улицата Козле лоцирани позади фабриката Реплек, општина Карпош;
– во периодот од 08.35 до 11.00 часот, корисниците од улицата Радишанска, општина Бутел;
– во периодот од 12.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од улицата 1439 во населба Пинтија, општина Кисела Вода.
Македонија
Без вода денеска дел од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување водоводен приклучок од ф – 100 мм – во близина на Макпетрол, без вода ќе останат корисниците од улицата Христо Татарчев лоцирани на потегот од улицата Народни Херои до улицата Франк Харкорд-Манинг, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата
Македонија
Следува период на стабилно време, дневната температура ќе биде во пораст
Времето денеска ќе биде сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 2, а максималната ќе достигне од 9 до 15 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно време, освен во вторник кога кон крајот на денот претежно во североисточните делови ќе има услови за повремен локален дожд. Утрата ќе бидат постудени, а дневната температура ќе биде во пораст.

