Македонија
Апелација му ја укина пресудата на Панчевски за мобинг
Апелациониот суд ја укина првостепената пресуда против поранешниот претседател на кривичниот суд, Владимир Панчевски, по тужбата за мобинг што против него ја поднесе Горан Стаменковски, поранешен раководител на одделот за човечки ресурси во Судот, а актуелен советник на премиерот Зоран Заев.
Во одлуката на Апелациониот суд се наведува дека пресудата е нејасна, неразбирлива и не содржи доволно образложени причини за решителни факти од кои се раководел првостепениот суд. Исто така, во одлуката стои дека основан е и жалбениот навод на тужениот Панчевски за погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба.
Стаменковски минатата година го тужеше Панчевски за мобинг. Според него, експретседателот на Судот го деградирал затоа што бил учесник на протестите на шарена револуција во 2016 година. „Поради ваквото однесување на тужениот, тужителот претрпел промени во насока на хиперсензитивност, зголемена анксиозност, снижено расположение и ослабена толеранција.. Пријавува немир, чувство на лутина…Вака наведените промени се од реактивен карактер, а резултат на продолжителни стресни настани и околности во склоп на работната средина“, пишува во одлуката на Апелациониот суд.
На вака утврдената фактичка состојба, стои во одлуката, првостепениот суд прифаќа дека во горенавадените преземени дејствија тужениот и неговото однесување психички го вознемирил тужителот Горан Стаменковски со што му го повредил достоинството, интегритетот, угледот и честа и кај истиот предизвикал чувство на страв, непријатност и пониженост чија крајна цел е престанок на работен однос.
„Меѓутоа, по наоѓање на овој суд, не е јасно од каде првостепениот суд заклучува дека горенавадените дејствија претставуваат елементи на психичко вознемирување согласно со Законот за заштита од вознемирување на работното место“, пишува во одлуката на Апелација. Со ова, предметот се враќа на повторно судење во Основниот суд Скопје 2.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски: Ова беа можеби најмирните и најдемократски избори што се случиле било кога
Во Република Македонија се одржаа можеби најмирните и најдемократски избори што се случиле било кога, особено од безбедносен аспект, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Тој оцени дека не се констатирани посериозни прекршувања на изборниот процес во текот на целиот ден.
Се заблагодари на македонските полицајци, граѓаните кои, како што рече, покажаа дека заслужуваме да бидеме дел од европското семејство, набљудувачите и новинарите.
„Да се живи и здрави македонските граѓани, да ни е вечна Македонија“, рече Тошковски.
Дополнителниот заменик министер, Митко Бојмацалиев, истакна дека изборите поминале во фер демократска и слободна атмосфера.
„Полицијата беше на својата задача и ги создаде сите предуслови за демократски чин. Честитки на директорот на Бирото за јавна безбедност. Честитки и до граѓаните кои не подлегнаа на притисоци, и на медиумите за транспаретноста“, изјави Бојмацалиев.
Македонија
Даштевски: Сега можеме да кажеме дека цензусот е исполнет, за претседател гласале 767.715 гласачи
Државната изборна комисија (ДИК) вечерва извести дека одѕивот на претседателските избори е 46,31 отсто, а на парламентарните 53,30 отсто. До 18.30 пристигнати се податоци за одѕивот на претседателските избори од 3186 избирачки места. Од вкупно запишани 1.657.939 гласачи на овие избирачки места гласале 767.715 гласачи односно 46,31 отсто.
„Сега можеме да се кажеме дека е исполнет цензусот“, рече претседателот на ДИК, Александар Даштевски.
Најголем одѕив до 19 часот за претседателските избори има во Новаци со 72,76 отсто, а најмал одѕив во Липково со 7,35 отсто.
Споредено со првиот круг од претседателските избори во 2024 година има намалување од 3 отсто.
До 19 часот пристигнати се податоци за одѕив на гласачите за парламентарните избори од 3186 места. Од вкупно запишани 1.665.591 гласач на овие избирачки места гласале 887.767 гласачи односно 53,30 отсто. Најголем одѕив на парламентарните избори има во Новаци со 74,85 отсто, а најмал во Центар Жупа со 18, 62 отсто.
Споредено со парламентарните избори во 2020 година има зголемување на одѕивот од 7,43 отсто на овие избори.
Првични резултати од гласањето Даштевски најави дека ќе соопшти во 23,30 вечерва.
Македонија
„Македонија добива нов претседател и нова влада“, најави Муцунски
„Цензусот е постигнат. Македонија добива нов претседател и нова влада, предводена од Христијан Мицкоски“, напиша на социјалните мрежи, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски.
Тој упати благодарност до граѓаните за поддршката, како и за нивниот придонес за мирни, фер и демократски избори.