Топ
Бонови за точење гориво, оштетени банери, поткуп и мито: пријавени нерегуларности за време на предизборниот молк
Министерството за внатрешни работи информира дека за време на предизборниот молк регистрира настани за повреда на слободата на определување на избирачите, делење бонови. Во сите наведени случаи се преземени и соодветни мерки од страна на полициски службеници.
На 7.5.2024, Е. Д. од Крњево, пријавил дека во домот дошле три лица од ДИК со цел дедо му да оствари право на глас од избирачкото место бр. 2828. Е. Д. се сомневал дека лицата се од ДИК бидејќи не биле претходно известени и требало да присуствуваат пет лица. СВР Скопје презема мерки и активности за расчистување на настанот.
На 7.5.2024, во координација со ОЈО Куманово, преземени се активности во врска со настан дека лице од Крива Паланка на повеќе граѓани од Крива Паланка им делело бонови за точење гориво на бензинска пумпа. Извршен е претрес на просториите во бензинската пумпа, каде што во присуство на Ј. Ј. и М. Ѓ. биле пронајдени пет бона за гориво во вредност од 1.000 денари со втиснат датум од 8.5.2024 и еден бон за гориво во вредност од 2.000 денари, шест фискални сметки, а во торбата што ја носел вработениот пронајдени се два бона за гориво во вредност од 1.000 денари и фискална сметка. Во просториите на ПС ОН Крива Паланка повикани се Б. С., С. М., М. Ѓ. и М. Д., сите од Крива Паланка, за извршување службен разговор и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 7.5.2024, во 18.25 часот, на улицата Маршал Тито во Тетово, А. К. (24) од село Стримница пријавил дека се оштетени два банера со рекламен материјал од политичка партија, кои биле поставени на кружен тек од улицата В. С. Бато со улицата Маршал Тито во Тетово. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 7.5.2024, во 22.10 часот, Ц. Т. од Неготино пријaвила кривично дело повреда на слободата на определување на избирачите, извршено од Л. Р. од Неготино. Имено, според пријавеното, околу 20.17 часот, Ц. Т. добила телефонски повик од Л. Р. за поддршка за гласање, на што Ц. Т. одговорила негативно. Потоа Л. Р. ѝ нагласила на Ц. Т. дека имала земено ИПАРД-поддршка по што го прекинала повикот. За настанот известен е надлежен јавен обвинител и ќе се преземат дополнителни проверки.
Во непосредна близина на избирачкото место 1180 во ОУ „Христијан Т. Карпош“ во с. Драгоманце, општина Старо Нагоричане, забележани биле расфрлани летоци од политичка партија. Летоците се отстранети.
Од МВР информираат дека во текот на изборниот молк пријавени се и неколку случаи за наводно агитирање и нудење поткуп, но по преземените мерки од страна на полициските службеници, тие наводи до сега не се потврдени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Обвинителката собра докази против тројцата осомничени за убиството на Вања и Панче, за Палчо истрагата трае
Скопската обвинителка Жаклина Крстевска-Јосифовска ја заврши истражната постапкa, односно како што појаснуваат од ОЈО Скопје за Макфакс, преземени се сите дејствија за обезбедување на докази против Влатко Кешишов, Велибор Манев и Боре Видевски. Тројцата се осомничени за убиствата на 14-годишна Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, а за решение во однос на истрагата за првоосомничениот Љупчо Палевски Палчо ќе се чека по давањето исказ пред обвинител.
Како што додаваат од Обвинителстовото, осомничените лица добиле известување за завршување на истрагата, но имаат рок од 15 дена доколку имаат, да достават докази до обвинителката.
„Преземени се сите дејствија од страна на обвинителката за обезбедување на докази против сите лица, освен за лицето кое неодамна беше екстрадирано. До осомничените е испратено известување дека истрагата е завршена и тие имаат рок од 15 дена за да достават докази, доколку имаат“, велат од Обвинителството за Макфакс.
Во текот на следната недела Палевски треба да биде изведен пред судија на претходна постапка во скопскиот Кривичен суд за да се изјасни за притворот кој му беше определен во отсуство.
Според досегашните сознанија кои ги објавија надлежните, Палевски на 27 ноември лани им давал насоки на Кешишов, Манев и Видевски, со автомобилот на претходно убиениот Панче Жежовски да ја грабнат Вања од зградата.
Сознанијата за нејзиното излегување ги имале од нејзиниот татко. Откако ја киднапирале и ставиле во автомобил, по пат им се приклучил и Палевски и заедно се упатиле кон Бразда каде е извршено убиството. Палевски потоа беше во бегство во Турција, а тројцата соизвршители кои на 6 декември беа уапсени признаа вина.
Шефот на скопското Обвинителство, Гаврил Бубевски, на прес-конференција посочи дека куршумот го испукал Палевски.
Teлата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски беа пронајдени на 3 декември мината година.
Свет
Сè уште се трага по хеликоптерот со кој леташе иранскиот претседател Раиси, објави ИРНА
Државната Иранска новинска агенција (ИРНА) објави дека во тек е опсежна операција за пребарување и спасување откако хеликоптерот со иранскиот претседател Ебрахим Раиси беше принуден да изврши „тешко слетување“ во планинскиот регион во северозападниот дел на Иран.
Инцидентот се случи денеска во шумата Дизмар помеѓу градовите Варзакан и Џолфа во иранската провинција Источен Азербејџан. Раиси се враќаше од Азербејџан, каде присуствуваше на отворање на брана со азербејџанскиот Илхам Алиев.
Неименуван ирански претставник за западните медиуми изјави дека хеликоптерот со кој се превезуваа иранскиот претседател Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи Хосеин Амирабдулахиан се урна додека летал над планинска област во иранската провинција Источен Азербејџан.
Тој истакна дека „животите на Раиси и Амирабдолахиан „се загрозени по хеликоптерската несреќа“.
„Сè уште се надеваме, но информациите кои ни доаѓаат од местото на несреќата се многу загрижувачки“, наведе неименуваниот ирански претставник.
Како што јави ИРНА, повеќе од дваесет целосно опремени тимови за пребарување и спасување, вклучително беспилотни летала и кучиња трагачи, се испратени во областа. Иранските вооружени сили распоредија командоси и специјални сили за да помогнат во операцијата за пребарување.
Поради нерамниот терен на регионот и тешките временски услови, особено густата магла во областа, операцијата за пребарување и спасување би можела да потрае некое време.
Портпаролот на Иранската служба за итни случаи изјави дека осум амбулантни возила се испратени во регионот.
Регион
По обидот за атентат словачкиот премиер Фицо е надвор од животна опасност
Словачкиот премиер Роберт Фицо е надвор од животна опасност по обидот за атентат, изјави денеска министерот за одбрана и вицепремиер Роберт Калинак за словачката новинска агенција ТАСР.
Состојбата на Фицо се подобрува, а лекарската комисија утре треба да одлучи дали тој ќе биде префрлен. Фицо моментално се опоравува во универзитетската болница во Банска Бистрица.
Фицо беше тешко повреден на 15 мај, по седницата на Владата во градот Хандлова, кога 71-годишниот писател Јурај Цинтула, од непосредна близина неколку пати пукаше со пиштол во него. Специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, со силно полициско обезбедување вчера му одреди притвор на Цинтула.