Македонија
Апелација: Не се точни тврдењата на Груевски дека веќе е донесена осудителна одлука за него
Апелациониот суд Скопје, во целост ги демантира наводите изнесени на прес-конференцијата од страна на обвинетиот Никола Груевски, во врска со предметот „Тенк“.
„Наводите на обвинетиот се во целост невистинити, исконструирани и тенденциозни со цел да се дискредитира судот и да создаде лажна перцепција во јавноста, дека судството е под притисок на власта и носи нарачани одлуки. Тврдењето на обвинетиот Никола Груевски на прес-конференцијата дека поседува сигурни извори дека судиите на Апелациниот суд Скопје, биле повикувани поименично еден по еден кај ВД Претседателот на судот, дека подлегнале на притисоци и дека веќе е донесена одлука за негова осуда, за предмет за кој се уште е во тек јавната седница, претставува груба невистина и манипулација со јавноста“ се наведува во соопштението од Апелација.
Од таму ја информираат јавноста дека предметот е распределен кај судијата известител согласно АКМИС системот, а советот постапува според годишниот распоред за работа на судиите донесен од страна на Претседателот на судот, согласно Судскиот деловник.
„Јавната седница е закажана согласно Закон, по барање на обвинетите и нивните бранители, за која беа определени два дена, со цел одбраната и обвинетите да ги изнесат нивните наводи во врска со обжалената пресуда. Времетраењето на јавната седница одржана на 31.08.2018 година беше пролонгирано поради последователни- едно подруго поднесувани барања на одбраната за изземање на судиите, со јасна цел истата да не се одржи, поради која причина и се одолговлекуваше траењето на јавната седница, а која по нејзиното започнување беше прекината и за продолжението на истата дополнително беше определен уште еден термин, усогласен со одбраната и обвинетите“ се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Министерот Алиу во посета на Клиниката за детски болести: им посака на сите деца поскоро оздравување
Министерот за здравство Азир Алиу, заедно со заменик министерот Јовица Андовски и претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска ја посетија и Клиниката за детски болести.
Како што известија преку социјалните мрежи, на сите дечиња им посакаа среќна Нова Година исполнета со безгрижност и радост и што поскоро да оздрават и да се вратат дома кај своите семејства.
Македонија
„Сите гледаат ски скокови за да видат кој ќе победи, само СДС следат дали ќе ги видат Заев и Филипче во публика во Гармиш-Партенкирхен“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Чудно како СДС избегнаа да го спомнат Гармиш-Партенкирхен и заборавија да одговорат дали во моментов Венко Филипче таму изиграва елита со неговиот лидер Зоран Заев? Сите гледаат ски скокови за да видат кој ќе победи, само СДС следат дали ќе ги видат лидерот Зоран Заев и неговиот намесник Венко Филипче во публика“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Се надеваме дека Филипче им кажал на СДС во колку почнуваат скоковите, за да може нивните од СДС да го видат како се радува до нивниот лидер Зоран Заев.
А интересно е што од се што можеа тие се фатија за парите на златната виза од Дубаи на Венко Филипче, веројатно затоа што точно знаат колку чини, односно им кажал колку ја купил и дали е врзана за 42-катницата, но како што признаа дека ја поседува и дека ја платил, кај да е ќе кажат и колку имот поседува во Дубаи.
За Харис нема што да додадеме верните фанови од СДС верно му ги следат настапите“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Николоски: После повеќе од 60 години Охридскиот аеродром е легализиран
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави дека аеродрoмот Св. Апостол Павле во Охрид конечно е легализиран.
„На последниот ден од 2025 година сакам да споделам убава вест дека охридскиот аеродром кој оперира уште од 1970-тите години конечно е легализиран!
Изминатава година тим од Министерството за транспорт, АД Аеродроми и ТАВ, заедно со Катастар, Државното правобранителство, Управата за имотно-правни работи и други владини институции посветено работеше конечно да се впише Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ во катастар и конечно овој стратешки објект да добие имотен лист.
Во нормални услови ова воопшто не би било вест, но после толку години негрижа и запоставување на државниот капитал сметам дека е важно да се запознае јавноста.
Во следниот период ќе работиме на модернизација и реконструкција на Охридскиот аеродром со цел да привлечеме нови туристи“, објави вицепремиерот Николоски.

