Македонија
Апелација одлучи за „Плацови на Водно“: Мијалков ослободен од затвор, Груевски треба да издржи девет години
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по предметот познат како „Плацови на Водно“, по одржана јавна седница и разгледување на списите во предметот, пресудата, изјавените жалби, предлогот на Вишото јавно обвинителство Скопје, како и усните наводи изнесени на јавната седница на 14.2.2023 година, донел пресуда со која ги одби како неосновани жалбите на обвинетиот експремиер Никола Груевски и на правното лице ДТУОР Л.К.Ц. ДООЕЛ, а делумно ја уважи жалбата на обвинетиот ексдиректор на УБК, Сашо Мијалков. Истовремено, ја уважи жалбата и на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
„Апелациониот суд Скопје пресудата ја преиначи во делот на одлуката за кривичната санкција на начин што на обвинетиот Н. Г. (Никола Груевски) за кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 ст. 1 од Кривичниот законик му се утврдува казна затвор во траење од 7 (седум) години, а за кривичното дело противправно стекнување и прикривање имот од член 359-а став 1 од Кривичниот законик му се утврдува казна затвор во траење од 3 (три) години и 6 (шест) месеци и во согласност со чл. 44 од Кривичниот законик, се осудува на единствена казна затвор во траење од 9 (девет) години.
– на обвинетиот С. М. (Сашо Мијалков) за кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 став 1 в.в. со член 24 од Кривичниот законик му се изрекува алтернативна мерка – условна осуда, така што одмерената казна затвор во траење од 1 (една) година и 3 (три) месеци, во која му е засметано и времето поминато во притвор, сметано од 22.12.2021 година до 29.12.2021 година, се зема за утврдена и се определува дека таа нема да се изврши ако обвинетиот во рок од 4 (четири) години по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело“, велат од скопска Апелација.
Апелациониот суд Скопје првостепената пресуда КОК. бр. 63/21 од 21.4.2022 година во преостанатиот осудителен дел под I од изреката ја потврди.
„Првостепената пресуда во обжалениот дел е јасна и подобна за испитување, не содржи суштествени повреди на постапката, фактичката состојба е јасна и правилно е утврдена. Во однос на казните утврдени за обвинетиот Н. Г., Апелациониот суд Скопје оцени дека првостепениот суд недоволно ги ценел отежителните околности и ја уважи жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во однос на изречената казна и одлучи како во изреката. По однос на обвинетиот С. М., кој е помагач од член 24 на Кривичниот законик за кривичното дело од член 273 став 1, кој не презел реални дејства и постапки, туку дејствата му се вербални, за кое се огласени виновни и осудени Н. Г., и Ј. К. 1 (една) година затвор, Н. Ј. алтернативна мерка – условна осуда, Р. Н. алтернативна мерка – условна осуда, па советот оцени дека првостепниот суд го повредил член 24 од Кривичниот законик, во кој е наведено дека помагачот се казнува исто или поблаго од сторителот на делото. Имајќи го предвид член 24 од Кривичниот законик и во сооднос и корелација на казните на Н. Г. (кој е во бегство), Ј. К: една година затвор, Н. Ј. алтернативна мерка условна осуда, Р. Н. алтернативна мерка – условна осуда, директни сторители со конкретни дејства и постапки, како и одлуките на Врховниот суд на РСМ и врховните судови на земјите од поранешна СФРЈ, одлучи како во изреката“, вели Апелација.
По однос на конфискуваниот недвижен имот од обвинетите како и од правното лице, Апелациониот суд Скопје ја потврди првостепната пресуда со која е конфискуван целокупниот недвижен имот во приближна вредност 3.000.000,00 евра.
Претходно, Кривичниот суд пресуди седум години казна затвор и конфискација на тајниот имот за поранешниот премиер Никола Груевски во случајот „Плацови на Водно“. Освен него, осудени беа и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, на 15 месеци затвор, но и на бизнисменот Орце Камчев на една година затвор.
Со условни казни поминаа бизнисменот Ненад Јосифовиќ и кумот на Груевски, Ристо Новачевски. Мајката на Камчев, Ратка Куновска-Камчева, куртули затоа што делото за кое беше обвинета застари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Објавена петиција за забрана на социјални мрежи за деца до 12 години во Македонија
Граѓанската иницијатива „Иницијатива за безбедно детство“ објави петиција со која се бара воведување забрана за употреба на социјални мрежи за деца до 12 години и регулација на пристапот за малолетници до 16 години во Македонија.
„Ние сме група загрижени и општествено одговорни родители, наставници, стручни лица и граѓани што започнуваме петиција со која бараме воведување забрана за употреба на социјални мрежи за деца до 12 години и регулација на пристапот за малолетници до 16 години во Македонија. Под името „Иницијатива за безбедно детство“, ова граѓанско движење има за цел да поттикне законски измени и системска регулација во нашата држава, што ќе ја заштитат дигиталната безбедност, менталното здравје и приватноста на најмладите“, велат од иницијативата.
Од таму велат дека штетата веќе се случува пред нашите очи.
„Сите сведочиме на негативните ефекти, од нарушено ментално здравје, онлајн врсничко насилство, самоповредување, опасни „предизвици“, намалена концентрација и изобличена перцепција за вредности и успех. Во услови на недоволна законска регулација и слаб надзор, тие остануваат изложени на ризици кои државата има обврска да ги превенира. Австралија, Франција, Шпанија, Шведска, Данска, Словенија итн. се охрабрија кон првиот и најважен чекор: забрана за употреба на социјални мрежи за деца и регулација на употребата од страна на адолесцентите. Обединетите нации препорачуваат да се подигне возрасната граница за дозволена употреба на социјални медиуми, а Европскиот парламент усвои препорака со која се предлага минимална возраст од 16 години за неограничен пристап до социјалните мрежи во ЕУ“, велат од граѓанската иницијатива.
Тие со петицијата бараат заштита на децата преку иницирање законска и практична рамка:
● Воведување забрана за употреба на социјални мрежи до 12-годишна возраст и регулација за деца до 16 години при регистрирање и самостојна употреба на социјални мрежи и платформи за кратки видеа, преку задолжителна верификација или целосна забрана доколку не се прифатат и имплементираат пропишаните стандарди.
● Обврска за социјалните медиуми и апликациите да обезбедат технички и правни механизми за родителска согласност/сертификат од родител или старател и спречување или ограничување пристап за деца под 12 години.
● Ограничување на алгоритамско таргетирање и автоматско препорачување креативни и вирусни содржини за профили идентификувани како детски.
● Обврска за посебна заштита и обработка на детските податоци согласно национални стандарди, со засилени безбедносни мерки.
● Јасно дефинирани санкции и механизми за брзо отстранување на штетна и опасна содржина.
● Национална програма за дигитална писменост и поддршка на менталното здравје на учениците и нивните семејства.
Линк до петицијата: https://c.org/g5MnSHrB8Y
Македонија
Левица: Ќе поднесеме предлог – закон за департизација и искоренување на непотизмот во јавното здравство
Пратеничката група на Левица до Собранието на Република Македонија ќе поднесе Предлог-закон за укинување на дискреционото право на директорите во јавното здравство при вработување, со кој се воведува обврска за избор на најдобро рангираните кандидати на транспарентни конкурси со јасни, мерливи и проверливи критериуми, соопштија од партијата.
Од таму појаснуваат дека со Предлог-законот се прави неопходен и одлучен чекор кон дефинитивно укинување на децениските практики на непотизам, партизација и клиентелизам, преку елиминирање на дискреционите овластувања и воведување задолжително почитување на ранг – листите и објективните критериуми при вработување.
„Јавното здравство со децении е оптоварено со системски непотизам, партизација и клиентелизам, каде што роднинските врски и партиската подобност се вреднуваат повеќе од стручноста, знаењето и професионалниот интегритет. Дискреционото право на директорите се претвори во институционализиран механизам за репродукција на привилегии, со што јавното здравство функционира како затворен систем на наследни и партиски вработувања. Како директна последица на ваквите политики, најквалитетните и највисоко рангираните здравствени работници се системски оттурнати од јавното здравство и принудени својата професионална кариера да ја продолжат во приватните здравствени установи во државата, каде што нивното знаење станува пазарна стока или во здравствените системи во странство, каде што државата практично го извезува сопствениот образуван кадар од државните универзитети“, велат од партијата.
Овој двоен одлив, кон приватниот сектор и кон странство, додаваат од Левица, претставува тежок удар врз јавното здравство.
Според Левица, државата инвестира во образование и обука на здравствени работници, а придобивките од таа инвестиција ги собираат приватните профитни структури, други држави или промена на професијата. Истовремено, велат од Левица, Фондот за здравствено осигурување сноси дополнителни трошоци за лекување во приватни установи и во странство, додека пациентите продаваат дел од својот имот да се лекуваат во приватни клиники или други држави.
„Јавното здравство мора да биде систем на знаење, одговорност и еднакви шанси, а не поле за семејни и партиски привилегии. Левица ги повикува сите пратеници во Собранието да го поддржат овој Предлог-закон и да застанат на страната на јавниот интерес, здравствените работници и пациентите. Поддршката на овој закон е јасен показател дали се брани јавното здравство или се продолжува со заштита на непотизмот и клиентелизмот“, велат од Левица.
Македонија
Продлабочување на стратешкото партнерство со САД во фокусот на средбите на Гаши во Вашингтон
За време на работната посета на Вашингтон, претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Даниел Џ. Лотон, заменик-помошник секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот на САД.
„На оваа средба беше потврдено непоколебливото партнерство меѓу двете земји, изградено врз заеднички демократски вредности, посветеноста на владеењето на правото, борбата против корупцијата и посветеноста на меѓународниот мир и стабилност. Соговорниците разменија мислења за актуелните геополитички настани, безбедносните предизвици и конструктивната улога на Република Северна Македонија како фактор на стабилност во Западен Балкан“, соопштија од Собранието.
Гаши информирал за континуираните напори за полноправна интеграција во Европската унија и изразил благодарност за континуираната поддршка на САД во процесот на реформите.

Гаши на средбата беше придружуван од потпретседателите на Собранието, Антонијо Милошоски и Јован Митрески, како и од владината делегација, составена од министерот Стефан Андоновски, Златко Пирински и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.
По средбите во Вашингтон, Гаши се сретна и со Филип Рикер, поранешен амбасадор на САД во Република Северна Македонија и докажан пријател на земјата, со кого разговарале за неодамнешните политички настани и продлабочувањето на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави.
На средбите биле потврдени одличните билатерални односи и заедничката посветеност за продлабочување на трансатлантската соработка.

