Македонија
Арбен бегај, ослободи ги Албанците и сите други, не ги носи на душа, велат од ДУИ за смртта на 14-месечното дете
Од почетокот на работата на оваа Влада, ние како ДУИ ги искажавме нашите забелешки и загрижености во однос на планот за работа на здравствениот систем во државата од страна на министерот за здравство, Арбен Таравари, велат од ДУИ.
Според оваа партија, 14 месечното бебе починало, бидејќи не добило соодветен третман од надлежната институција, поточно Детската клиника во Скопје, чиј директор е Реџеп Мемеди. Тој според ДУИ го сместил и неговиот братучед Алајдин Мемеди, а кој е обвинет за корупција.
„Деновите минуваат, а директорот Мемеди и понатаму нема слух за скандалите во установата каде што е директор, поради што животот го загуби 14 месечно бебе, а пак претходно, деца беа тепани од вработени и им беше забрането да зборуваат албански.
Секако дека е зафатен со многу работа, за да ги вработи членовите на неговото семејство, неговиот братучед и во исто време да ги прикрие скандалите за финансиска злоупотреба во оваа иста клиника.
Исто така, ниту министерот Таравари, кој е целосно збунет шетајќи низ населбите и градовите во обид да му ги украде партиските и печатите на АА на неговиот поранешен претседател Зијадин Села, не чувствува никаква морална одговорност и морална мотивација да се однесува како човек во ваква ситуација“, реагираат од ДУИ.
Напротив, како што велат, тој има тенденција да ја релативизира целата оваа ситуација, што во нормална држава ќе резултираше не само со негова оставка и оставка на неспособниот директор Мемеди.
„Апелираме до вас Арбен, бегајте. Ослободете ги Албанците и сите други, не ги носите на душа.
Изгубивте на изборите и таму сте како миленик на Мицковски и ВМРО, историјата ќе ве памети како вазал и неспособен“, се истакнува во реакцијата од оваа партија.
ДУИ бара од надлежните лица морална одговорност за овој случај и целосна, како што додаваат, транспарентна истрага до утврдување на правната одговорност на виновниците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.
Македонија
Променливо облачно со повремен дожд: снег на планините и заладување во недела
Утре времето ќе биде променливо облачно, со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места со слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималните температури ќе се движат од 0 до 6 степени, а максималните од 7 до 11 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи се очекуваат во недела, кога дождот ќе преминува во снег и во дел од пониските места.
Македонија
Јаневска: Македонија доби 8,2 милиони евра од ЕУ за спроведување на ЕРАЗМУС програмата во 2026 година
За спроведување на ЕРАЗМУС + програмата на Европската комисија наменета за образование, обука, млади и спорт, Македонија годинава доби најголем буџет откако во истата учествува како програмска земја. Со речиси 8,2 милиони евра ќе се финансираат заеднички проекти на македонските образовни установи, институции и граѓански организации со партнери од земјите во ЕУ, како и кратки истражувачки и студиски посети.
Можностите за вмрежување, приоритетните области, постапката за изработка и роковите за аплицирање со проекти денес беа претставени на конференција на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во присуство на ректори на јавните и приватните високообразовни установи во државава, претставници на училишта, граѓански здруженија и други потенцијални корисници на средства во рамки на ЕРАЗМУС програмата, се обратија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов.
На конференцијата беше посочено дека во фокусот на програмата се младите, односно јакнење на нивното знаење и вештини во границите на ЕУ, со кои потоа ќе придонесат за развој на сопствената држава.
Министерката Јаневска смета дека и оваа година ќе има ефикасна искористеност на можностите, затоа што државата има зајакната законска основа во која задолжителни компоненти се мобилноста, европската димензија и меѓународната соработка, зајакнати се и капацитетите на Националната агенција каде има ново раководство и добра внатрешна структура, а воедно и МОН како национален авторитет ги засилува механизмите за контрола на целиот процес за спроведување на програмата ЕРАЗМУС.
Таа ги повика заинтересираните кандидати да ги разгледаат можностите и со свои проекти да аплицираат на повиците за распределба на средства, што Националната агенција ќе ги објави на 19 февруари, односно на 5 март.
Македонија е дел од ЕРАЗМУС програмата уште од нејзиното воведување од страна на Европската комисија во 2014 година, кога буџетот изнесуваше 3,5 милиони евра.

