Македонија
АРМ се ослободи од старото источно вооружување и се модернизира, велат надлежните
Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска на брифинг со новинари информира за процесот на модернизација и опремување на Армијата со кој во континуитет се менува ликот на Армијата и се зголемува нејзината борбена готовност.
Зборувајќи за модернизацијата, за која рече дека е од најголем обем во изминатите децении, министерката порача дека станува збор за сеопфатни повеќегодишни проекти со кои стандардите на НАТО се воведуваат и во македонската Армија.
„Една третина од одбранбениот Буџет кој годинава изнесува рекордни 275 милиони евра е наменет за модернизација. Тоа е несомнен гарант дека нема да има застој во модернизацијата и дека сето она што било планирано се реализира. Набавуваме оклопни возила од типот на JLTV Oshkosh, дел се веќе пристигнати, дел ќе пристигнат во повеќе наврати. Набавуваме оклопни транспортери Stryker како и францускиот систем за противвоздушна одбрана за мали височини, MISTRAL 3. Го потпишавме и договорот за набавка на артилериски системи од сојузничка Турција. Два транспортни хеликоптери на Армијата Ми-8 се во фаза на ремонтирање, во соработка со Чешка. Во предзавршна фаза сме на анализа на набавка на 8 повеќе наменски хеликоптери за што се пристигнати 5 понуди од различни земји. Нашата намера е со сите овие набавки да одиме согласно принципот на договор Влада со Влада, како гарант дека овие договори се ослободени од сомнеж по било кој основ, вклучително и сомнежот за корупција“, истакна министерката.
На прашањето дали со одлуките за воена помош на Украина се нарушува борбената готовност на Армијата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, истакна дека тој и Генералштабот стојат целосно зад одлуките кои беа предложени на Министерството и донесени од страна на Владата и дека со тие донации на никој начин не се нарушува борбената готовност на Армијата.
„Апсолутно со ништо никогаш не е нарушена борбената готовност на нашата Армија, впрочем се ослободивме од источно вооружување и опрема кое е старо, неперспективно и нефункционално, а од друга страна ја модернизираме Армијата, значително ја подобруваме борбената готовност и интероперабилност со нашите сојузници во НАТО“, рече Ѓурчиновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје излегува од финансискиот и институционален колапс
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на денешната прес конференција за медиумите, кажа дека Скопје излегува од финансискиот и институционален колапс и влегува во период на стабилизација, развој и најголема инвестициска офанзива во својата историја.
Тој истакна дека при преземањето на функцијата затекнал урнат систем, град на раб на банкрот, јавни претпријатија со блокирани сметки, вработени без плати, нефункционални институции и долгови од речиси 300 милиони евра. На сметката на градот имало само осум милиони денари реално расположливи средства, додека истиот ден чекале извршни решенија од 48 милиони денари.
Во само два месеци, како што информираше, намалени се повеќе од 40 милиони евра обврски на Градот и јавните претпријатија, нормализирана е исплатата на платите во Дрисла, Комунална хигиена, Паркови и зеленило, Лајка, Флораком и Луна, каде што претходно, како што кажа, се доцнело по две плати.
Градоначалникот кажа дека Буџетот за 2026 година изнесува 5,2 милијарди денари – зголемен за 12 проценти. Пренесен е вишок од 482,9 милиони денари, со што за првпат по долги години Град Скопје има повеќе пари отколку обврски.
„Тоа ни овозможи да тргнеме во најголемата инвестициска офанзива досега. Капиталните инвестиции се зголемени за 33,4 проценти, а веќе се реализирани 389,7 милиони денари, при што јануари 2026 година е најуспешен јануари по приходи и реализација“, кажа Ѓорѓиевски.
Градоначалникот им се заблагодари на граѓаните кои го платиле данокот на имот и информираше дека се блокирани 17.694 сметки за долг од 1,3 милиони евра за 2021 година, како и дека во наредните 15 дена се очекува подмирување на обврските од 2022 до 2025 година од вкупно 96.562 физички лица и 2.335 правни субјекти во износ од 19,5 милиони евра.
„Ред мора да има. Секој денар во буџетот значи повеќе проекти и подобар живот за сите“, порача тој.
На крајот, Ѓорѓиевски нагласи дека ова е само почеток на финансиската консолидација и целосната трансформација на градот.
„Наследивме долгови, но градиме иднина. Наследивме хаос, но воспоставуваме ред. Наследивме разочараност, но ја враќаме надежта. Ќе го направиме Скопје модерен, чист, функционален и достоинствен град. Нема враќање назад. Нема изговори. Само резултати. Заедно ќе успееме. Време е скопјани да живеат подобро, време е градот да застане цврсто на нозе и да оди напред“, кажа тој.
Македонија
Сали-Вајц: Билатералните прашања не треба да претставуваат пречка за напредокот на европската интеграција
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Томас Вајц, и главен известувач за извештаите на Европскиот парламент за напредокот на Република Северна Македонија кон членство во Европската Унија.
На средбата беше разговарано за процесот на европска интеграција и за последниот извештај на Европскиот парламент за Република Северна Македонија, усвоен со мнозинство гласови во јули 2025 година, во кој се нотира постигнатиот напредок и се нагласува потребата од отстранување на политичките блокади во процесот на пристапување.
Заменик-претседателот Сали изрази благодарност за континуираната поддршка од страна на европратеникот Вајц, при што беше реафирмиран ставот дека билатералните прашања не треба да претставуваат пречка за напредокот на европската интеграција. Европратеникот Вајц истакна дека процесот на проширување треба да се темели на објективни критериуми и европски вредности.
Двајцата соговорници се согласија за продолжување на блиската соработка и отворениот дијалог со институциите на Европската Унија, со цел забрзување на европскиот пат на Република Северна Македонија.
Македонија
(Видео) Филипче: Владата ја турка Македонија во изолација, изложена на туѓи авторитарни влијанија
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес конференција рече дека владата ја турка државата во изолација и ја оддалечува од европскиот пат, оставајќи ја изложена на авторитарни влијанија.
„Очигледно е веќе дека ниту се спроведуваат реформи, ниту се прават потребните чекори да се фати возот за Европската Унија, на којшто веќе многу напред одат Црна Гора и Албанија. Црна гора веќе го пишува договорот за пристап во Европската Унија, веќе се затвораат сите поглавја“, посочи Филипче, на денешната прес-конференција.
Тој додаде дека тоа што не се прават вистински реформи во правосудството, тоа што дополнително се прави партизација на сите по сите инстанции во правосудството, обвинителство, судии и така натаму е доказ дека се нема желба и волја да се оди понатаму.
Филипче предупреди и на зголеменото влијание на унгарскиот премиер Виктор Орбан врз домашните политики, кое, како што рече, е јасно видливо.
„Силното влијание на премиерот Орбан од Унгарија се гледа секој ден. Започна како финансиска зависност со кредитот од една милијарда евра, за којшто никој не знае каде се отидени парите. Во делот на медиумите има јасна мрежа на унгарски медиуми кај нас кои креираат силно антиевропско расположение кај граѓаните. Очигледно е дека оваа поврзаност со вакви авторитарни режими на северот од нас нè држи во изолација. Премиерот јасно кажа дека нема да има уставни измени и веќе не ни крие дека нема да има чекор напред кон Европа. Ја цитирам за жал и претседателката ’Измислен е патот кон Брисел‘, посочи Филипче.
Граѓаните мора да знаат, додаде тој, дека оваа влада ја држи земјата во изолација, оставена во овие комплексни геополитички случувања како изолирана земја, изложена на влијание на Русија.
„Кога Црна Гора и Албанија ќе станат земји членки на Европската Унија, а тоа може да се случи за една или две години, ние ќе стоиме во место, без реформи, без чекор напред“, порача претседателот на СДСМ.

