Македонија
Арсовска во Ѓорче Петров вети пумпна станица, мега-парк и кружен тек
Пумпна станица за трајно решавање на проблемот со водоснабдувањето, мега-парк и кружен тек се трите клучни проекти од програмата на Даниела Арсовска, кандидатка за градоначалник на Скопје, наменети за општината Ѓорче Петров.
При неформалната средба со граѓаните на оваа општина, вклучувајќи го и зелениот пазар, Арсовска разговараше при што жителите отворено ги кажале своите проблеми.
„Жителите на Ѓорче Петров најмногу реагираат на недоволната хигиена во населбата, проблемот со уличните кучиња и воопшто негрижата за тревните површини, а водоснабдувањето и намалениот притисок преставува сериозен проблем, за којшто ние во програмата имаме брзо и сигурно решение. Ѓорче Петров е една од поголемите општини што вклучува повеќе населени места и со тоа проблемите се зголемуваат, но за секој проблем, за секое населено место и општина, има конкретно и точно таргетирано решение. Затоа се обврзуваме дека ќе ги решиме сите проблеми и тоа веднаш после 17 октомври. Од првиот ден ќе започнеме со работа”, истакна Арсовска по средбата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) МВР: Десет пријави за прекршување на изборниот молк, едно лице приведено во Шуто Оризари
За време на предизборниот молк регистрирани се 10 пријави за негово нарушување од кои по три на подрачје на СВР Скопје и СВР Охрид, две на подрачје на СВР Штип и по една на подрачје на СВР Тетово и СВР Битола. По преземени мерки не се потврдени пријавите за шест настани, соопшти МВР.
„Покрај ова, регистрирани се 19 објави на социјалните мрежи за време на изборниот молк кои се однесуваат на повик за гласање за одредени кандидати, како и објавени видеа и слики од партиски активности во штабови. Во врска со гласањето, на 01.11.2025 регистриран е настан за фотографирање кочан со гласачките ливчиња во основното училиште „26 Јули” во општина Шуто Оризари, при што приведено е едно лице и се преземаат мерки за расчистување на настанот“, велат од МВР.
На сите подрачја гласањето на болни и изнемоштени лица и затвореници помина без нарушување на гласањето.
Македонија
Четири општини останаа без гласање, повторени избори во рок од 60 дена
Денеска нема да се одржи гласање во општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, поради недоволна излезеност во првиот круг од локалните избори 2025.
Во првиот круг излезеноста била: Гостивар – 33,31%, Маврово и Ростуше – 30,31%, Врапчиште – 25,18%, Центар Жупа – 21,49%, што е под законскиот минимум од една третина од запишаните гласачи.
Според Изборниот законик, изборниот процес ќе се повтори во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати од локалните избори.
Денеска се одржува вториот круг од изборите за градоначалници во 32 општини и во Град Скопје. Според податоците од Државната изборна комисија, одѕивот до 9 часот е 2,88 проценти.
Македонија
Гласањето тече без проблеми, одѕивот до 9 часот е 2,88 отсто
Одѕивот во вториот круг од локалните избори до 9 часот изнесува 2,88 проценти, односно 22.379 гласачи, соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Борис Кондарко. Во Град Скопје одѕивот за избор на градоначалник е 2,46 отсто.
Оценето е дека гласањето тече без проблеми, а единствениот застој бил забележан во Дојран, каде поради технички проблем со уред за биометриска идентификација имало краток прекин, кој бил веднаш отстранет.
ДИК во текот на денот ќе врши ненавестени посети на избирачки места и општински изборни комисии за набљудување на процесот, како и за време на броењето по 19 часот.
Во вториот круг се гласа во 32 општини и Градот Скопје, на 1.771 избирачко место, а право на глас имаат 1.013.375 граѓани. Следната прес-конференција на ДИК е закажана за 11:30 часот, а првичните неофицијални резултати ќе бидат објавени по 20 часот. Некаде околу 23 часот, се очекува да бидат познати сите резултати од гласањето на изборите во вториот круг.

