Македонија
Арсовска го обвини Советот за хаосот во Скопје: Не можам јас да имплементирам нешто за кое утре ќе одам во затвор
Вчерашниот состанок во Владата за надминување на хаосот во Скопје, градоначалничката Данела Арсовска го нарече политички циркус за покривање на неуспесите на државните политики и добивање политички поени. За несобраното ѓубре во градот, немањето автобуси, неуредените градски површини Арсовска вината ја префрли кај советниците од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Скопје кои две и пол години ја блокираат. Побара да се изврши притисок врз советниците да ја одблокираат работата на Градот, Владата да си плати 8 милиони евра за бесплатниот превоз на студентите и да се гласаат програмите за работа на јавните претпријатија кои не се изгласани седум месеци, а без нив не може да се работи.
Ги обвини советниците дека земаат по 500 евра месечно, а не гласаат ништо.
„Зошто целата вина ја префрлате врз мене кога јас, да можев без нив, досега градот ќе ви беше среден. Не знам зошто сметате дека вината треба да е во мене за нешто за кое што јас решение имам уште од прв ден. Јас бев најдобриот градоначалник до септември 2022 година додека не фативме нечии рачиња во медот. Од тогаш станав најлош градоначалник. Како очекувате јас да направам нешто кое не е во моите ингеренции. Не можам јас да имплементирам нешто за кое утре треба да одам во затвор. Ниту ќе го направам. Зошто? Затоа што не сакаат да гласаат? Ако е целта политички да ме ставите на место каде што мислите дека јас нема да можам да излезам со контрааргумент тоа нема упали. Секој што знае како функционирал градот досега, знае дека без овие програми не може ништо да направите“, се оправдуваше градоначалничката Арсовска денес.
Нагласи дека од она што ветила не го направила само она за кое требало гласање во советот оти се бори со политички дилетанти.
Како и сите досегашни прес-конференции, кои ретко се случуваат, и оваа прес-конференција на градоначалничката повеќе личеше на расправија со новинарите за кои Арсовска рече дека и поставуваат неумесни прашања и дека се дојдени да ја напаѓаат.
„Уште сто дена да стоиме тука и мене да ме напаѓате нема да го решиме проблемот. Јас не сум личноста која што кочи“, рече градоначалничката Арсовска.
Иако и на вчерашната средба отишла со конкретен план, тој не бил прифатен од Владата па вели дека ќе направи нов и подготвена е да прави нови и нови планови се додека не се најде некој план што на сегашната Влада ќе и се допадне.
Министерот за локална самоупорава Златко Перински вчера по состанокот со градоначалничката за наоѓање решение за хаосот во Скопје, рече дека и дале неколку дена за таа да направи план оти на средбата не им презентирала конкретен лан за надминување на состојбите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хоџа: Реален пресврт во управувањето со отпадот во Полошкиот регион
Модерниот регионален систем за отпад значи крај на импровизациите и трајно решавање на проблемот кој со децении ги мачи граѓаните– беше клучната порака од обраќањето на министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на презентацијата на новата механизација за регионалниот центар Русино.
Инвестицијата во вредност од 1.114.200 евра е реализирана со поддршка од Европската банка за обнова и развој.
Со новата механизација значително се зголемува оперативниот капацитет на Русино и се воведуваат современи стандарди во секојдневното работење. Оваа активност е дел од пошироката инвестиција од 55 милиони евра со која започна најголемата инфраструктурна реформа во секторот отпад во државата.
Во следната фаза е предвидена инвестиција од околу 14 милиони евра за рехабилитација и проширување на депонијата, што вклучува изградба на нови депониски ќелии, систем за управување со исцедок и биогас и затворање на постојната депонија.
„Со тоа се обезбедува целосно усогласување со европските стандарди и воспоставување модерен регионален систем што значи крај на дивите депонии и почиста животна средина за граѓаните во Полог“, рече министерот.
Македонија
Јанчев: Во услови на безредие и хаос да се продолжува рок за легализација на дивоградби е фатално
Во услови на безредие и хаос да се продолжува рок за легализација на дивоградби е фатално, изјави на денешната седница на Собранието, пратеникот од Левица, Сашко Јанчев.
Тој истакна дека предложените измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти претставуваат директно стимулирање на дивоградбите и продлабочување на урбанистичкиот хаос.
Јанчев потсети дека законот од 2011 година, кој требало да важи шест години, со низа продолжувања се развлекува на вкупно 20 години, со што наместо да се затвори прашањето за старите објекти, се поттикнува изградба на нови дивоградби.
„Градежното земјиште е ограничен ресурс, а како во природата, така и во општеството, мора да постојат правила за негово користење. Урбанистичките правила постојат за да создадат хумана средина за живеење, а кога не се почитуваат добиваме хаос и безредие. Немаме градски архитекти за одржување на урбаниот ред, немаме урбанистички планови, за многу населени места, а постојните се стари по 15–20 години и не одговараат на реалноста на терен. Планирањето не го води јавниот интерес, туку профитот, кој често е спротивен на јавниот интерес. Имаме населби со број на жители што не одговара на капацитетите на водоводната и канализационата мрежа, недостиг на паркинг места, сообраќајници низ кои не може да помине ни едно противпожарно возило. Во вакви услови да се продолжува рокот за легализација и да се стимулираат нови дивоградби не е паметно, туку е штетно, а може да биде и фатално”, рече Јанчев.
Македонија
Митева: Обидот на Жерновски да конструира наратив за „скандал“ e класичен пример на политичка дезориентација
Обидот на Жерновски да конструира наратив за „скандал“ претставува класичен пример на политичка дезориентацијаи дефокус од суштинските прашања вели портпаролката на Владата, Марија Митева, по обвинувањата на Андреј Жерновски од СДСМ дека таа признала дека Мицкоски управува во судството.
„Со жалење ја следам паничната и хистерична реакција на Жерновски и СДС. Интегритетот на Жерновски во македонската политика, кој смени едно чудо партии, е еднаков на една стара витрина со пајажина, заборавена и надмината со времето. Го ставија во партиски тела за да се натпреварува кој ќе фрли повеќе кал, тоа е спорт омилен за мал дел од политичката елита на СДС. Обидот да конструира наратив за „скандал“ претставува класичен пример на политичка дезориентација и дефокус од суштинските прашања. Кога аргументите изостануваат, остануваат инсинуациите. Кога немаат одговори, продуцираат магла“, напиша Митева на социјалните мрежи.
Таа вели дека секогаш стои на кажаното и дека фактите зборуваат дека станува збор за решение донесено пред речиси три месеци, со кое тужбата на Жерновски е отфрлена, а барањето за надомест на штета е одбиено како неосновано.
„Тоа е правната реалност. Сè друго е свесна манипулација со јавноста. За разлика од СДС, ниту некогаш сум манипулирала, ниту ќе манипулирам со граѓаните. Мојот збор има тежина и е прашање на кредибилитет и личен интегритет. Токму затоа е очигледно дека ваквиот тотално паничен настап произлегува од страв, страв од одговорност, страв од вистината и страв од прашањата на кои сè уште немаат одговор. Наместо да фабрикуваат конструкции, нека одговорат каде води случајот со 40 тони марихуана, кој сè бил вклучен. И уште низа други одговори за криминал и корупција кои како печурки после дожд секојдневно излегуваат. Јавноста заслужува одговори, а не политички театар“, вели Митева.
Според неа, нападите дека некој „управува“ со судовите потекнуваат од нивната долгогодишна пракса на такво практицирање, тоа време заврши.
„Јас нема да учествувам во нивната игра на креирање лажни скандали. Ќе продолжиме да инсистираме на владеење на правото, институционална одговорност и целосна транспарентност. Граѓаните гледаат кој нуди факти. Политиката мора да се води со интегритет, а не со конструкции и лаги“, вели Митева.

