Македонија
Арсовска го повика Заев првпат да го исполни ветувањето и да си даде оставка
Господинот Заев веќе ја најави својата оставка, истиот момент кога јас ќе победам и ќе бидам новиот градоначалник на Скопје. Тоа го мислеше како закана, но за Македонија тоа ќе биде благослов. Господине Заев, ве предизвикуваме: Вашата оставка нека биде првото ветување што сте го дале, а сте го исполниле. Затоа, драги мои скопјани, драги мои сограѓани, да му помогнеме да си замине. Да ја почнеме промената во Скопје, изјави Данела Арсовска, кандидатка за градоначалник на град Скопје.
Таа порача дека сега е време за промени што ќе донесат поубави денови за Скопје и скопјани.
„Последните денови од оваа кампања покажаа појасно од кога било досега дека на Скопје му требаат промени, дека и на Македонија ѝ требаат промени. Последните неколку дена од оваа кампања ги открија вистинскиот лик на владејачката партија, ликот на премиерот и ликот на градоначалникот во заминување. Сè што слушнавме од нив беа лаги, лажни вести и навреди. Никој веќе не ви верува, вашата црна кампања, за жал, нема да ве спаси. Граѓаните сакаат лидери што стојат на својот збор. Сега е вашето време да се извините – не мене, затоа што мене многу неправда ми нанесовте. Време е да им се извините на граѓаните што секојдневно ги лажете. Време е да се извините што не исполнивте 95 отсто од вашите ветувања, господине Шилегов – за запоставување на Скопје, за нерешавање на сообраќајниот хаос, за уништување на нашето зеленило и за несправување со загадувањето на нашата животна средина“, порача Арсовска.
„Не смееме и не можеме да дозволиме политичарите што се власт да се грижат единствено за себе и за својата моќ. Кои забораваат на сите ветувања шот ги дале уште следниот момент кога ги дале. Бевме свесни на една гарнитура што излажа за сѐ што вети. Имаме решенија и план за модерно и европско Скопје. Мојот план за Скопје, мојата визија ги претставив со амбициозни, но возможни, реални проекти. Повеќето од нив може да се спроведат веќе во првите две години од мојот мандат. Многу од нив уште во првите 82 дена. Време е да им покажеме на сите дека е возможно во 82 дена да се исчистат сите диви депонии во градот Скопје, да се отвори едношалтерскиот систем за јавни услуги достапен за сите граѓани 24 часа секој ден во неделата. Ќе ставиме крај на дивеењето и урбаниот хаос. Ќе го спроведуваме законот, ќе го развиеме модерно Скопје, со урбанистичко планирање заедно со локални и меѓународни експерти за да го подготвиме за иднината, со строга заштита на зелените зони и 5 нови мегапаркови во споменатите делови на нашето убаво Скопје“, истакна Арсовска.
Во своето обраќање пред скопјани таа се осврна и на потребата од дигитализација на градот, притоа посветувајќи се и на правилно менаџирање и мотивација на администрацијата, која ќе стане транспарентна и ефикасна и во служба на граѓаните.
„Толку сме навикнати да трчаме од шалтер до шалтер, да чекаме редици со часови и на крајот да не го добиваме ни тоа што ни е потребно кога станува збор за јавната администрација, толку сме навикнати на корупција, што веќе го прифаќаме ваквиот начин на функционирање како нормален, а не треба да е така. Сите знаеме дека тоа е погрешно раководење што не смее да се дозволи. Но, може да биде и ќе биде поинаку“, дополни Арсовска.
Додаде дека токму тоа се столбовите на модерно и европско Скопје и токму граѓаните се тие што ќе им одговорат на црната кампања што ја води владејачката партија, со тоа што в недела, 31 октомври, ќе изберат да гласаат за модерно Скопје.
„За секој чесен граѓанин на Скопје и на Македонија е срам да биде сведок на вашата црна кампања. Ова зборува и сведочи до каде сте сѐ способни да одите, само да си ги задржете власта и парите. Но, граѓаните ќе ви го дадат вашиот одговор на гласачките ливчиња в недела кога ќе гласаат да дојде едно модерно европско Скопје, ќе гласаат за долго посакуваната промена, за нов стил на менаџирање, каде што во фокусот се решенијата, а не политичките пресметки. Скопје, ќе биде почетокот на промените во цела Македонија“, заклучи Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

