Македонија
Арсовска: Долгот кон приватниците е од недостасани обврски, ќе се плаќаат тековно, а блокадите беа од лични и политички причини
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, тврди дека денес распишаниот оглас за 16 линии, на кои очекува да се јават приватните превозници, е ист со претходниот, на кој не се јави ниеден приватен превозник оти бараа да им се исплати заостанатиот долг од 1,5 милион евра. Арсовска, која со месеци кажуваше дека нема долг кон приватните превозници, иако и УЈП го потврди, сега тврди дека е најдено решение и за тоа и уверува дека приватниците ќе бидат исплаќани на ист начин како што им се плаќало изминатите 30 години.
„Апсолутна причина за блокадите беа дел лични, а дел политички мотиви. Не сакам да навлегувам во оние манипулации што беа пласирани во јавноста, но таму има тековни побарувања. Вие кога имате склучено договор, за тој договор имате авансно фактурирање, тоа се недостасани обврски. За сето она што е тековно побарување од новиот договор и она од претходниот договор, јавните превозници и ЈСП изнајдоа заеднички начин, продолжуваат понатаму и тие обврски тековно ќе си бидат исплаќани како што било во изминатите триесетина години“, рече градоначалничката Арсовска.
Се надева дека кога ќе завршат двете недели, колку што трае огласот, ЈСП и приватниците ќе продолжат заеднички да го организираат јавниот превоз во Скопје. Градоначалничката најави дека со заеднички напори ќе се трудат да се обнови застарениот дел од возниот парк и кај приватниците за што веќе формирале работни тимови, кои ќе бараат решенија за сите предизвици.
„На наше големо задоволство, а верувам и на спротивната страна, најдовме заедничка платформа како да продолжиме понатаму. Соработката продолжува и на повеќе други теми, на кои треба да разговараме, особено имајќи предвид дека следува една голема реформа на јавниот превоз. Сакаме да се приспособиме во целост на оние екостандарди што се неопходни за граѓаните да имаат не само квалитетен и брз јавен превоз туку и еколошки јавен превоз, кој ќе биде во насока на тоа да имаме почиста и поздрава животна средина“, најави градоначалничката Арсовска.
Како силна победа на човечноста градоначалничката Арсовска го коментира сегашниот став на приватниците, кои се пожалија дека биле манипулирани и поради тоа не се јавиле на претходниот оглас. На градоначалничката ѝ кажале дека и тогаш имале желба, но сега ќе се пријават на огласот.
Приватните превозници, поради долг од 1,5 милион евра, во ноември минатата година првин престанаа да возат и се пожалија дека поради долгот, немаат пари да купат нафта за да продолжат да ги извршуваат обврските, а потоа и го блокираа градот, па поради нив, и ЈСП не можеше да вози. Градоначалничката тогаш одбиваше да се сретне со претставници на приватниците оти ја навредувале и со нив не можело да се разговара, но ги прими на разговор кога избраа нови претставници за преговори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

