Македонија
Арсовска: За подобро снабдување со вода на жителите на Црниче, се заменува постојната салонитна мрежа

Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, и директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Златко Перински, денеска присуствуваа на почнувањето на градежните активности за реконструкција на водоводната мрежа на улиците Церска и Христо Узунов во населеното место Црниче во општина Кисела Вода.
„Со реализацијата на овој проект се отстранува постојната салонитна мрежа на која се јавуваат голем број дефекти поради нејзината дотраеност, која е поставена пред повеќе од три децении и била наменета за мал број објекти, а денеска не ги задоволува потребите на постојната состојба. За жал, досега не биле преземени активности за реконструкција и проширување на хидротехничката инфраструктура во согласност со развојот што го овозможува детаљниот урбанистички план за овој локалитет, со што ЈП ‘Водовод и канализација; овозможува подобро водоснабдување на жителите во овој дел од градот“, изјави Арсовска.
Градежните активности опфаќаат реконструкција на постојните приклучоци на објектите што гравитираат на овој дел од улиците Церска и Христо Узунов. Новата водоводна мрежа ќе биде приклучена на улицата Востаничка, со што се обезбедува циркулационен прстен, кој овозможува поквалитетно водоснабдување за жителите по должината на оваа траса.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ако маркетите ги објавуваат цените на сите производи на интернет, купувачите ќе бидат заштитени oд скриени трошоци, рече Стојаноски

Mаркетите да ги објвуваат сите цени на веб-страниците, со цел подобра информираност на потрошувачот и за олеснување на споредливоста на цените, предвидуваат измените на Законот за заштита на потрошувачите кој што е поднесен од парламентарното мнозинство.
Бојан Стојаноски, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека на денешната седница во понатамошна парламентарна постапка ќе помине Законот со кој што се уредува обврската за трговецот да ги означува и да ги објавува стоките со продажната и единечната цена за стоките на недвосмислен, видлив и читлив начин, а со цел подобра информираност на потрошувачот и за олеснување на споредливоста на цените.
„Големите, средните и малите трговци кои вршат дејност на трговија на мало, со шифра 47 согласно со Националната класификација на дејности, се должни на својата веб страница да ја објават одделно за секој свој продажен објект тековната продажна односно единечна цена во моментот на објавување на секоја стока што ја нудат за продажба. Усогласување на цените ќе се врши на дневна основа, а при објавувањето на цените ќе се применуваат одредбите од овој Закон за означување на цените“, рече Стојаноски.
Исто така, како што додаде, со овој Закон се дава овластување за министерот за економија и труд да го пропише со подзаконски акт начинот на објавувањето на цените на стоките и податоците кои што треба да се објават согласно со ставот 1 од овој член.
„На ваков начин ќе се обезбеди основа за подобра информираност на потрошувачите за цените на стоките кои сакаат да ги купат и ќе се олесни споредливоста на цените. Исто така, даваме и овластување на инспекторите да постапуваат на терен и да казнуваат доколку овој основ не биде застапен во маркетите“, рече Стојаноски.
Образложи дека одредбите од членот 15 од овој Закон нема да се однесуваат за микро-трговец и трговец-поединец, па во оваа насока се врши допрецизирање на прекршочните одредби. Со објавувањето на цените на интернет ќе се обезбеди постигнување на следниве цели: Првата е транспарентност. Потрошувачите ќе имаат лесен пристап до информации за цените; Втората е фер конкуренција. Трговците ќе бидат подеднакво обврзани да ги почитуваат овие одредби; И третата, заштита на потрошувачите. Тие ќе бидат заштитени од нефер практики како што се скриени трошоци или нејасни цени.
Овој закон досега успешно е имплементиран во Израел, Италија, Франција и Хрватска и секаде има намалување на цените, рече Стојаноски.
Додаде дека на ваквиот начин се дозволува потоа по основ на овој закон и на објавените цени, да се креираат апликации и алатки на интернет каде што граѓаните ќе може директно да ги споредуваат цените и да одлучуваат во кој маркет ќе може да добијат најмногу за нивните пари.
Македонија
Перински во Чаир: Заедно продолжуваме да градиме мултиетничка хармонија и решенија за сите предизвици

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заедно со неговиот заменик, Ерџан Селими, денеска ја посетија скопската Општина Чаир, како дел од теренските посети на општините „Каде што срцето е дома“.
На работната средба со градоначалникот Висар Ганиу и членовите на општинскиот Совет, разговараа за актуелниот процес за измени на Законот за локална самоуправа, дискутираа за децентрализацијата, како и за можностите за надминување на одредени проблеми со кои се соочува Општината поради игнорантскиот однос на Град Скопје и за евентуалните измени на Законот за Град Скопје. Од Општината информираа и за тековните проекти кои ги реализираат, како и за подготвеноста за учество на вториот јавен повик за финансиска поддршка на инфраструктурни проекти, кои ќе се финансираат од државниот буџет.
Министерот Перински истакна дека Општина Чаир е една од важните симболи на мултиетничката и мултикултурната традиција во Скопје, а истовремено специфична и по други околности.
„Општина Чаир брои 63.000 жители, а се простира на само 3,5 квадратни километри, што значи многу жители на мала територија, што само по себе е предизвик да се испочитуваат потребите на граѓаните во целост. Ние како Министерство и како Влада, продолжуваме да работиме заедно со општините на создавање услови за подобар живот за сите наши граѓани, без разлика на нивната етничка или верска припадност. Најважно од се е да ги решаваме предизвиците кои ги наметнува урбаното живеење, да ги слушнеме потребите на граѓаните и да инвестираме за да се надминат сите предизвици“, изјави министерот Перински.
Градоначалникот Ганиу изрази благодарност за транспарентноста, кооперативноста и континуираната соработка од страна на Министерството за локална самоуправа, како и за финансиската поддршка на Владата за реализација на инфраструктурни општински проекти.
„Периодов имавме многу средби на кои дебатиравме за измените на Законот за локална самоуправа и верувам дека заеднички ќе создадеме Закон кој ќе овозможи пофункционални општини, за доброто на граѓаните. Соработуваме и по основ на јавните повици за финансиска поддршка на општински проекти. Веќе 100 отсто ни се исплатени средствата за проектите од првиот повик, а се подготвуваме да аплицираме со 25 проекти на вториот повик. Оваа Влада со дела покажа дека не ги дели општините по ниту еден основ, туку искрено е фокусирана на надминување на предизвиците со кои се соочуваат општините и граѓаните со желба за поголем развој и напредок на сите локални самоуправи“, истакна градоначалникот Ганиу.
Посетата на министерот Перински на општина Чаир продолжува утре со средба со сите заинтересирани граѓани, претставници на невладини организации, спортски и културни работници, кои сакаат да дадат свои предлози и сугестии во насока на поголем напредок на Општината. Средбата ќе се одржи во 18.30 часот во ОУ „Исмаил Ќемали“.
Македонија
Мицкоски најави реконструкција на болницата „8 Септември“ и нова административна зграда на охридскиот аеродром „Св. апостол Павле“

Реконструкција на ЈЗУ Градска општа болница „8 Септември“ и реконструкција и нова административна зграда на охридскиот аеродром „Св. апостол Павле“, најави премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, на својот профил на „Фејсбук“.
Од Министерството за здравство неодамна најавија дека „8 Септември“ ќе стане регионален центар за лекување пациенти од Скопје, Куманово и од Велес.