Македонија
Арсовска: Во првите 82 дена во Скопје ќе спроведам 15 проекти
Во првите 82 дена од мојот мандат, преку програмата за модерно Скопје со сите 15+1 проекти и мојот 82 акциски план, ќе ги исчистиме дивите депонии во градот. Ќе го промениме линискиот ред на градскиот сообраќај, при што ќе се обезбедат помали временски интервали за автобусите и продолжување на линиите до заборавените места, а редовни ноќни линии ќе бидат воведени, ообено за време на викендот, изјави кандидатката за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска.
Додаде дека следно е отворање телефонска линија за барања и помош на граѓаните, а ќе се формира и зелениот градски совет во соработка со невладиниот сектор.
„Водно преку иницирање предлог-закон ќе биде прогласено за заштитена парк-шума. За граѓаните, ќе биде воведена 24-часовна канцелариска служба и служба за брза реакција на нивен повик. Одбројувачите на секундите и зелените бранови на семафорите во градот ќе бидат вратени во функција. За лицата со попреченост, ќе бидат обезбедени пристапни рампи во сите градски институции. Во соработка со антикорупциска комисија, ќе спроведеме процес на ветинг (проверка) на директорите на јавните институции што се под Градот и на раководителите на секторите. Ќе се ревидира и приспособи процената на данок на имот. Предвидено е и формирање совет за поддршка на жените претприемачи. Цените за паркинзите што се под надлежност на Град Скопје ќе бидат намалени до 25 %. Тимови од Градот ќе направат процена на состојбата со заборавените населби во градот и ќе биде изготвен акциски план за спроведување проекти за овие населби. И ова не е само изборно ветување, ова е моја обврска кон вас“, рече Арсовска.
Таа исто така посочи дека времето за промени е дојдено со оглед на многуте недостатоци и проблеми со кои се соочува Скопје.
„Кога ги гледаме несредените улици, поплавите, дури и во центарот на градот, нефункционалноста или на некои места немањето атмосферска канализација, стотиците диви депонии насекаде во Скопје, недостигот на вода за пиење во делови од градот, знаеме дека време е за промени. Штом младите луѓе не се чувствуваат среќно и не ја гледаат својата перспектива овде, знаеме дека време е за промени. Кога гледате дека ви ги ветуваат истите работи за кои ја добија вашата поддршка пред четири години, а ништо не реализираа и сега повторно истите работи ги ветуваат, време е за промени. И кога во борбата со загадувањето, единствено што направија е отстранување на мерните станици, време е за промени“, истакна Арсовска.
Како независен кандидат, Арсовска рече дека е благодарна за поддршката од партиите ВМРО-ДПМНЕ, Алијансата на Албанците, Алтернативата и сите други партии, движења, невладини организации, но најмногу од сѐ е благодарна за поддршката од скопјани. Затоа ги повика граѓаните в недела да бидат уште пообединети за една цел – современо и модерно Скопје.
„Ве повикувам сите што сте разочарани од политиката, кои никогаш не сте излегле на гласање, вие што сте изгубиле надеж, што сте гласале за власта што ве разочарала, да се обединиме, да се бориме за модерно Скопје и да ме поддржите мене во оваа битка. На чекор сме до успех за Скопје да не е повеќе политика, туку да биде град со кој ќе се гордееме. В недела вие ќе одлучите за иднината на Скопје“, упати Арсовска порака до сите граѓани на Скопје.
За Арсовска, четири години се доволно време за да се оцени дали некој знае да работи и да го оствари своето предизборно ветување и, според неа, досега скопјани се сведоци само на политиканство, празни ветувања, спотови и нереални 3Д-анимации.
„Ние, граѓаните, заслужуваме модерно, европско Скопје, чист незагаден град и сигурни решенија за нашите проблеми. Слушавме доволно празни ветувања од политичарите, потребни ни се реални проекти, кои ќе го подобрат животот во нашиот град. На нашето Скопје му треба менаџер, а не политичар. Затоа, ве повикувам да гласате за мене, за бројот 82, за да ја направиме разликата уште во првиот круг. Најмногу од сѐ – за да го направиме нашиот град чист, со функционална инфраструктура, Скопје со кое ќе може да се гордееме сите“, рече Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Советник на Мицкоски за нов уставен судија – толку од независноста на судството, велат од СДСМ
Гоце Наумовски, кој е надворешен советник на премиерот Мицкоски за правни работи, е предлог за нов уставен судија кој се очекува да биде изгласан наскоро, истакнуваат од СДСМ.
„Кадровско решение од кабинетот на премиерот во највисоката судска инстанца во државата.
Дополнително, Гоце Наумовски е брат на поранешниот вицепремиер за евроинтеграции од ВМРО, Васко Наумовски, со што политичките релации и влијанија се уште еднаш потврдени.
Власта ги зема под целосна своја контрола судството и обвинителството.
Го сменија јавниот обвинител и планираниот избор на обвинител под своја контрола. Сопруга на градоначалник на ВМРО назначија за член на Судски совет. Сега советник на Мицкоски во Уставниот суд“.
Според СДСМ, додека Мицкоски од собраниска говорница им дели задачи и им кажува што и како да работат, носат закони за правосудатво кои се спротивни на препораките на ЕУ.
„Тотална партизација на државата, партиски контролирано судство, судии и обвинители од тефтерчињата. Исто како во времето на Никола Груевски.
Следува целосно погребување на правдата и правната држава“.
Македонија
Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ
Во 2023 година, Владата предводена од СДС извршила измени на Правилникот за одгледување канабис за медицински цели, кои се косат со важечкиот закон што ја регулира оваа област, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Со измените во член 2 од Правилникот е предвидено канабисот да може да се одгледува и на отворен простор (површина или земјиште), иако во законот и во претходната верзија на правилникот беше утврдено дека одгледувањето за медицински цели се врши исклучиво во затворен простор.
СДС и Заев со ваквиот подзаконски акт овозможиле производство на канабис на нива, што отвора сериозни дилеми во однос на исполнувањето на ГМП стандардите. Доколку не се исполнети овие норми, финалниот производ, маслото од канабис не би можел да биде соодветно лиценциран ниту пласиран во промет за потребите на пациентите.
Владата на СДС на чело со Заев и Филипче свесно и намерно го сменила правилникот.
Во 2020 СДС на чело со Заев и Филипче имаа иницијатива за поширока легализација на марихуаната, како и на значителното зголемување на бројот на издадени лиценци за медицински канабис, особено во струмичкиот регион“.
Според владејачката партија, сомнежите и индициите за злоупотреба на производството на канабис и криминалот со дрогата дополнително се зголемија по заплената на голема количина марихуана од компанија во Ново Село, поврзувана со лице блиски на СДС и Заеви.
Прашуваат, зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на Закон, кои им биле мотивите и колку профитирале.
„Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Потребни се ред, одговорност и темелна институционална истрага. Надлежните органи треба целосно да ги испитаат сите наводи и сомнежи“.
Македонија
„Филипче ја составил документацијата за модуларната болница во Тетово без елаборат за електрична енергија, кој ќе сноси одговорност за техничките пропусти поради кои загинаа 14 луѓе“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Поранешниот министер за здравство Венко Филипче, бил директно инволвиран во процесот на изработка на техничката документација за модуларната болница во Тетово, каде живи изгореа 14 луѓе. За ова говоревме минатата година во „Афера – Провизии кои чинат животи’’ каде посочивме на низа пропусти и недоследности, но продолжената рака на СДС Коцевски, цврсто ги чуваше кривичните пријави и докази за Филипче во фиока“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Според сведоштвото на Кадриу, вечерта на несреќата таа била повикана да се вклучи во истрагата, а подоцна ѝ се приклучиле и претставници од обвинителство меѓу кои тогашниот ДЈО Јовевски кој дошол со двајца свои обвинители.
Улогата на ДЈО Јовевски и останатите била процесот да го држат под нивен надзор и контрола.
Според Кадриу, околу 30 милиони евра биле обезбедени за изградба на овие објекти. Светската банка тогаш одобрила средства за изградба на модуларни болници на територија на Македонија.
Венко Филипче бил министер кога се изработувала техничката спецификација за модуларните болници. Градбата на модуларната болница, била направена од панели рециклирани со пурпена, кои тогаш не чинеле повеќе од 5-6 евра. Додека пак, оние подобрите и поквалитетните, како на пример панели со камена волна кои не горат до 40 минути, чинеле околу 17 евра. Во превод, според Кадриу, овие модуларни болници чинеле околу 300.000 евра, сите, а биле обезбедени за оваа намена 30 милиони евра.
Во чиј џеб завршиле парите?
Дополнително за објектот во Тетово, не бил изработен соодветен елаборат за електрична енергија, што дополнително влијаело на безбедноста.
Зошто немало соодветен елаборат за електрична енергија?
Зошто не се користеле квалитетни материјали?
Зошто се искористени минимум од дозволените средства?
Филипче одбил алтернативни предлози за згрижување на ковид-пациенти во рамки на постојните болнички капацитети.
Филипче ја одбил понудата на тогашниот медицински директор, кој понудил сместување на КОВИД пациенти, на двата спрата во тетовската болница кои стоеле така празни. Филипче тоа го одбил, поради тоа што овие модуларни болници морале да бидат изградени.
Вистинските виновници за модуларната болница во Тетово мора да одговараат пред законите“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

