Македонија
Арсовска: Имаме решенија и план за модерно и европско Скопје
Мојот план за Скопје, мојата визија ги претставив со амбициозни, но возможни, реални проекти. Повеќето од нив може да се спроведат веќе во првите две години од мојот мандат, многу од нив уште во првите 82 дена, истакна Данела Арсовска, независната кандидатка за градоначалник на Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, на вечерашниот завршен митинг пред платото на Филхармонија.
„Време е да им покажеме на сите дека е возможно во 82 дена да се исчистат сите депонии, сите диви депонии во градот Скопје, да се отвори едношалтерскиот систем за јавни услуги достапен за сите граѓани 24 часа секој ден во неделата. Ќе ставиме крај на дивеењето и урбаниот хаос. Ќе го спроведуваме законот, ќе го развиеме модерно Скопје, со урбанистичко планирање заедно со локални и меѓународни експерти за да го подготвиме за иднината, со строга заштита на зелените зони и 5 нови мега паркови вонашето убаво Скопје“, порача таа.
Арсовска во своето обраќање пред скопјани се осврна и на потребата од дигитализација на градот, притоа посветувајќи се и на правилно менаџирање и мотивација на администрацијата која, како што рече, ќе стане транспарентна и ефикасна и во служба на граѓаните.
„Толку сме навикнати да трчаме од шалтер до шалтер, да чекаме редици со часови и на крајот да не го добиваме ни тоа што ни е потребно кога станува збор за јавната администрација, толку сме навикнати на корупција што веќе го прифаќаме ваквиот начин на функционирање како нормален, а не треба да е така. Сите знаеме дека тоа е погрешно, дека тоа е погрешно раководење кое не смее да се дозволи. Но, може да биде и ќе биде поинаку. Преку дигитализација и новиот едношалтерски систем, сите граѓани ќе уживаат во брзи, транспарентни и одговорни јавни услуги. Транспарентна и ефикасна администрација во служба на граѓаните и политика на нулта толеранција за корупција и непотизам“, најави Арсовска.
Таа додаде дека токму ова се столбовите на модерно и европско Скопје.
„Ќе почнеме да работиме на нив да ги развиваме уште првиот ден на стапување на градоначалничката функција. Со целосна посветеност, со напорна работа, со професионален менаџмент, Скопје ќе биде градот кој го заслужуваме и градот со кој повторно ќе се гордееме“, потенцираше таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Герасимовски: Со видео надзор, општината ќе ја зголеми безбедноста на граѓаните и ќе ги заштити јавните добра
Советот на Општина Центар на 35. Седница на советот го прифати предлогот на градоначалникот Горан Герасимовски во општина Центар да се постави видео надзор.
Станува збор за видео надзор поради обезбедување заштита на имотoт и имотните права на општината односно Заштита на урбаната опрема (автобуски постојки, опрема во функција на туристички и културни и спортски настани, самостоечки рекламни паноа, детски игралишта, фонтани, чешми, клупи, корпи за отпадоци и други согласно законите), Заштита на инфраструктурните објекти (улици, плоштади и други инфраструктурни објекти во надлежност на Општината), Заштита на сообраќајни знаци и семафори и друга вертикална и хоризонтална сигнализација, Заштита на улична јавна осветлување, броење и евиденција на возила за статистички мерења.
Герасимовски во образложението за дополнувањето на дневниот ред истакна дека одлуката е преземена и модифицирана од други општини во кои веќе неколку години има поставен видео надзор и каде по поставувањето има намалување на штетите во општината.
„Се обидовме да ја заштитиме урбаната опрема особено детските игралишта но по сите напори не успеваме да го направиме тоа. Тие не ни траат ниту два месеци, се кршат детските реквизити, обрачите на спортските игралишта, се крши се. Затоа овие снимки може да служат како доказ за нечие дивеење. Но Министерството за внатрешни работи или Јавното обвинителство, исто така ќе може да ги користат при евентуално сторено кривично дело, нарушување на јавен ред и мир, или кршење на друга урбана опрема. Верувам дека снимките ќе ја зголемат и безбедноста во општината. Суштината е снимката да се користи како доказ за евентуална судска кривична или прекршочна постапка со цел да имаме намалување на девијантните појави во општината“, рече Герасимовски на седницата.
Македонија
Маскиран со „фантомка“ влегол во казино во Лешок, репетирал автоматската пушка и украл 329.780 денари: притвор за 28-годишник
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 28-годишен жител на Непроштено, осомничен за разбојништво и поседување автоматска пушка.
На 24 април, осомничениот, маскиран со „фантомка“, влегол во казино во Лешок и со автоматска пушка која на граѓаните им е забранета им се заканил на вработениот во обезбедувањето и на уште едно присутно лице. Ја репетирал автоматската пушка и им наредил на оштетените да легнат на подот, по што од фиоките на касите одзел 329.780 денари.
На овој начин осомничениот сторил кривично дело – Разбојништво по член 237 став 4 во врска со став 1, како и кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи по член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, соопшти Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постои опасност од бегство, можност тој да влијае врз сведоците и да го повтори делото. Судот го прифати предлогот и определи притвор во траење од 30 дена.
Скопје
Градоначалникот Георгиевски на увид во реконструкцијата на игралиштето за мал фудбал во Текија, општина Илинден
Увид во работните активности за реконструкција на игралиштето за мал фудбал во рамки на подрачното општинското основно училиште во населено место Текија направи градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски.
Како што истакна градоначалникот Георгиевски и на ова фудбалско игралиште целосно ќе биде обновен асфалтниот слој, проширување на теренот, ќе биде поставено лед осветлување, обновување на заштитната ограда, а ќе бидат поставени нови голови, клупи, корпи за отпадоци, просторот ќе биде партерно уреден. Со обновувањето на игралиштето ќе се создадат услови за реализација на часовите по физичко образование како и комплетно реконструиран, убаво уреден простор каде младите во спортски дух ќе го поминуваат слободното време, соопшти општина Илинден.
Покрај реконструкцијата на игралиштето за фудбал ќе се обнови и детското игралиште во рамки на училиштето, односно оштетените реквизити ќе бидат заменети со нови.
Со цел уредување на секое населено место како и создавање квалитетни и безбедни услови за жителите, општина Илинден продолжува со реконструкција на постоечките и изградба на нови спортски терени и во останатите населени места, се наведува во соопштението.