Македонија
Арсовска: Мојата визија за развој на Скопје има осум главни столба
Независната кандидатка за градоначалник на Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, денеска ги презентира осумте столба од својата визијата за главниот град, односно осумте принципи и цели на нејзината работа.
„Скопје мора да биде град чии врати нема да се затворени за скопјани. Второ, Скопје мора да биде дигитализиран град. Трето, Скопје мора да има многу повеќе зеленило. Четврто, Скопје мора да биде град со среден и функционален сообраќај. Петто, Скопје мора да биде град со многу културни настани и фестивали. Шесто, Скопје мора да ги врати солидарноста и хуманоста и да им се посвети на своите граѓани. Седмо, Скопје да биде град на иднината, град на модерни услови за образование и град на квалитетен спорт. И, осмо, Скопје мора да биде град за сите“, порача Арсовкса.
Таа и подетаљно ги објасни столбовите врз кои ќе ја гради визијата за Скопје.
„Отворен град значи да има 100 % транспарентност и нула толеранција за корупција.
Скопје мора да биде модерен европски град и ќе има мотивирана администрација што ќе одговара навремено на барањата на граѓаните.
Врз столбот зелено Скопје ќе се заштити зеленилото и значително ќе се намали загадувањето. Ќе се реализираат проекти за 5 нови мегапаркови. Секоја година ќе бидат засадени 100.000 нови дрвја. Ќе иницираме заштита на Водно со закон. Ќе ги исчистиме дивите депонии во првите 82 дена од мандатот.
Мобилно Скопје значи бесплатен јавен превоз и крај на сообраќајниот метеж. 250 нови екоавтобуси ќе ја заменат старата флота и ќе го направат јавниот превоз поудобен и поеколошки.
Скопје го гледам како дигитален центар на Балканот бидејќи ја имаме најталентиранита младина кога станува збор за кодирање, софтверски инженеринг и информациска технологија, што е дел од економијата на иднината.
Секој месец по еден фестивал, 12 фестивали годишно, кои Скопје го промовираат во главен град на културата.
Живописно Скопје за да бидеме европски главен град на културата. Скопје мора да ја заживее културната сцена со поддршка за независните уметници и музичари и со подобрување на инфраструктурата на објектите од културата.
Солидарноста на градот ќе се врати преку солидарно Скопје како град што се грижи за сите свои жители. Градот ќе воспостави неделна услуга за доставување и помош за стари и изнемоштени лица и за лица со инвалидитет и ограничена подвижност. Во сите јавни канцеларии и објекти во надлежност на Градот ќе се обезбеди пристап за лицата со попречености. За младите ќе обезбедиме младински центри во сите општини и ќе го зголемиме бројот на социјални работници во училиштата. За жените ќе изградиме безбедни куќи и ќе воспоставиме специјална апликација за итна поддршка во случај на семејно насилство.
Иднината подразбира силни инвестиции во образованието на младите, а ние ќе овозможиме нова гимназија, нови објекти за дел од постојните средни стручни училишта, нова библиотека и читалници. Таа иднина ќе се гради и со вложување во спортот и здравиот живот. Затоа, приоритет ни е зелен спортски кеј, во должина од 40 километри, од Ѓорче Петров до Долно Лисиче, со спортски содржини за сите генерации од двете страни на реката Вардар.
Урбаниот развој на Скопје со години беше фокусиран само на развој на централните делови на градот, а подалечните населби беа заборавени, но и тие имаат еднакво право на модерна инфраструктура. На Скопје му е потребно чисто и организирано водоснабдување за да им се обезбеди на граѓаните чиста вода за пиење, без секојдневни прекини и дефекти. Ќе почнеме програма за модернизација и ревитализација за запоставените населби и села. Буџетот за реконструкција на патишта и друга основна инфраструктура ќе биде рамномерно распределен на сите делови на Скопје. Секоја населба ќе има паркови и спортска инфраструктура“, објасни Арсовска дефинирајќи ги осумте столба врз кои ќе ја гради визијата за Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ако сѐ било по пропис, зошто Владата не ги објавува листите со патници во авионот, прашува СДСМ
Доколку користењето на владиниот авион од било целосно согласно законите и прописите, тогаш зошто Владата упорно одбива да ги објави листите со патници, прашуваат од СДСМ.
„Што се крие од јавноста? Според Мицкоски, на Јадранско море прво отишол со комерицијален лет со семејството, па го продолжил одморот, па бил на вечера, поради што го прпошутил комерцијалниот лет за враќање па затоа морал да се враќа со владиниот авион од Сплит. Генералната декларација (General Declaration) е задолжителен документ во меѓународната авијација што се доставува за да се идентификува воздухопловот, неговиот екипаж и патниците и мора да се приложи за секој меѓународен лет. Еве, Владата нека ги објави документите, за да видат граѓаните кој се патувал со владиниот авион и колку тоа ги чинело“, велат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека граѓаните го плаќаат авионот, летовите, трошоците за екипаж, одржување и гориво.
„Затоа граѓаните имаат право да знаат: Кој сѐ летал со владиниот авион? Колку точно чинел секој лет?Особено што нема пари за плати, нема пари за 600 евра минимална плата, се кратат 3 милиони евра од пациентите со ретки болести, се кратат 40 милиони евра од земјоделците. Ако сѐ било законски – објавете ги списоците. Ако нема што да се крие – покажете ги документите.Јавноста заслужува одговор“, велат од СДСМ.
Македонија
Наместо празните ветувања од СДС, работниците добија реално повисоки плати, приоритет на Владата е стабилна економија и раст на платите, велат од ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ останува цврсто посветена на заштитата на работниците и унапредувањето на животниот стандард на сите граѓани, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Приоритет на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е обезбедување стабилна економија во која трудот се вреднува, платите растат, а институциите функционираат одговорно и транспарентно. Со политики насочени кон реален економски раст, создавање нови работни места и почитување на колективните договори, се поставуваат темелите за долгорочна финансиска сигурност.
Со ВМРО-ДПМНЕ на чело на државата, платите бележат реален пораст, а мерките што се спроведуваат се насочени кон подобрување на куповната моќ и стабилизирање на економските текови. Наместо празни ветувања, се реализираат конкретни политики што носат резултати.
Додека ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, застанавме на страната на работниците затоа што постоеја сериозни проблеми како доцнење на платите, непочитување на колективните договори и обиди минималната плата да се отстрани од формулата за пресметка“.
Таквата промена, како што додаваат, ќе го прекинеше линеарниот раст и ќе ја ослабеше заштитата на илјадници вработени.
„Заедно со синдикатите поднесовме повеќе од 40 амандмани и го спречивме тој процес. Со тоа обезбедивме минималната плата да остане дел од системот, што овозможува со нејзиниот раст да растат и останатите примања“.
Денес, велат, разликата е очигледна. Според оваа партија, по две години управување со државата, не се зборува за барања, туку за реализирани обврски.
„Отворени сме за разговор за минималната плата, но одлуките мора да се носат институционално, преку Економско-социјалниот совет и со пристап што обезбедува економска стабилност.
Работниците заслужуваат стабилност, сигурни договори и политики што даваат конкретни резултати“.
Македонија
Забрана за камиони на патните правци Маврово – Дебар и Гостивар – Стража – Кичево
Од 06:50 ч., воведена e забрана за тешки товарни возила на патните правци Маврово – Дебар и Гостивар – Стража – Кичево поради обилни врнежи од снег, информира АМСМ.
Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Слаб снег провејува на П.Шапка кој во мометов не се задржува на коловозот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

