Македонија
Арсовска од Шуто Оризари: Нереализирани ветувања го оставија Шуто Оризари во кал и без канализација, тоа се првите проблеми што ќе се решат

Независната кандидатка за градоначалник на град Скопје, Данела Арсовска, вечерва повторно е меѓу граѓаните и на теренската активност од врата на врата ја презентира својата програма за модерно Скопје пред жителите од скопско Шуто Оризари.
Неасфалтирани и небезбедни улици, немање соодветна комунална инфраструктура, а граѓаните секојдневно газат во кал на улиците, е сликата за општина Шуто Оризари, што ја раскажуваат тамошните жители.
„Недозволиво е во 21 век, општина што се наоѓа во главниот град, да има неасфалтирани улици, луѓето да газат во кал, без водоводна и канализациска мрежа, нема тротоари и улиците не се безбедни ниту за возрасните, а уште помалку, пак, за децата. Едноставно, ова се проблеми што треба да бидат оставени во минатиот век. И граѓаните со кои секојдневно се среќавам не бараат многу. Бараат нормални услови за пристоен живот како што заслужува секој граѓанин. И должност на секој градоначалник е да го овозможи тоа. Затоа, уште од првиот ден по изборите, ќе се зафатам со решавање на овие суштински проблеми. Скопје и скопјани немаат време за чекање уште четири години за некој да се сети на нив. Со брзи и ефикасни решенија Скопје ќе биде метропола, како што секој од нас посакува и заслужува да живее во неа“, изјави Арсовска по средбата со жителите од Шуто Оризари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без вода дел од скопски Карпош

ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска ( четврток) поради изведување на водоводен приклучок од ф – 100 мм на ул. Осло бр. 15б, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата, без вода ќе останат корисниците од ул. Осло. ( општина Карпош )
Македонија
Катерина Мирчовска именувана за нова директорка на болницата во Кочани

Катерина Мирчовска е именувана за нова директорка на болницата во Кочани, објави директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски.
„Силно лидерство за болницата во Кочани!
Вчера за директорка на Општата болница Кочани е именувана Катерина Мирчовска, хирург. Веста помина штуро, со појаснување дека тоа е на барање на повредените од трагедијата за Кочани.
Катерина ја запознав низ работата за повредените од трагедијата во Кочани. Импресионира на прв впечаток. Полна со енергија, посветена, професионална, со големо срце, ги знае во детали сите најразлични потреби на повредените. Катерина се откажа од својот трансфер во ГОБ 8 септември Скопје за да се посвети на повредените“, објави Клековски на „Фејсбук“.
Тој додава дека Катерина е најдобар можен избор за водење на болницата во периодот на опоравување на повредените и ветува силно лидерство за болницата во овој критичен период.
Македонија
Меџити во Украина: Силно ја осудуваме руската агресија и бараме итно запирање на војната

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија, Изет Меџити, денес учествуваше на Самитот „Украина – Југоисточна Европа“ што се одржа во Одеса, Украина.
Самитот, кој беше отворен од претседателот на Украина, Володимир Зеленски, претставува продолжение на претходните средби одржани во Атина, Тирана и Дубровник, со учество на високи претставници од земјите на Југоисточна Европа. Главната цел на самитот е поддршка за Украина и зајакнување на регионалната соработка и безбедноста.
Во своето обраќање, вицепремиерот Меџити изрази благодарност за гостопримството на украинските власти и ја реафирмираше непоколебливата поддршка од страна на Северна Македонија за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
„Обединети сме пред предизвиците кои го загрозуваат мирот, безбедноста и меѓународниот поредок. Силно ја осудуваме руската агресија и бараме итно запирање на војната“, – истакна тој.
Вицепремиерот Меџити ја нагласи и посветеноста на земјата за продлабочена регионална соработка и изградба на безбедна, мирољубива и демократска Европа.