Македонија
Арсовска: Поддршка за секоја жена што во овој момент е предмет на напад и деградација
Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, денеска присуствуваше на годишната конференција за децентрализација и локално управување во организација на УНДП. Арсовска се обрати на панелот „Родово сензитивни локални самоуправи“, на кој зборуваше за важноста на родовата еднаквост и за можностите за вклучување на жените во јавниот живот во нашето општество.
„Сите можевте да видите дека во ова предизборие имаше навистина големи напади, напади и обиди да се исфрлат од игра сите оние за кои се сметаше дека се послаба алка. Верувам дека се докажа спротивното, дека победија човечноста и успешноста. Вчера, бев избрана за првата жена претседател во речиси 50 години постоење на ЗЕЛС и сум прва избрана градоначалничка на град Скопје. Од една страна, тоа претставува голема одговорност, но, од друга, за мене одговорноста е уште поголема што успеав да се изборам со сите дискредитации и дискриминации во изминатиот период. Затоа, не е за чудење што е намален бројот на жени градоначалнички на само две имајќи ги предвид директните инструирани напади, кои се обиди да нема жени на високи и одговорни позиции, особено кога тие се избрани, а не назначени“, рече Арсовска.
Таа нагласи дека тие напади не треба да се гледаат како причина за нереализација на зацртаните активности.
„Ако нешто не се промени на ова поле, нема да има жени на високи раководни функции. Затоа, апелирам да дадете поддршка за секоја жена што во овој момент е предмет на напад, која континуирано се деградира. Тоа нема да се промени сѐ додека сите не застанеме во нивна одбрана. Има луѓе платени од наши средства, државни функционери и луѓе на позиции што навредуваат и не сносат никаква одговорност, ниту морална ниту етичка, а немаат ниту осуда од општеството за начинот на кој се однесуваат. Таквото однесување не смее да се дозволи во ниту едно демократско општество, а нашето воопшто не е едно општество за сите. „’Не’ за насилството врз жените во јавниот живот“ треба да важи за секоја жена во Македонија, а не само за оние што се во најблискиот круг на централната власт. Сѐ додека им се дозволува на носители на јавни функции да се однесуваат вака, луѓето ќе сметаат дека за сите е дозволено такво однесување“, нагласи Арсовска.
Образложи дека во моментот има само две жени градоначалнички во Македонија и дека тоа е поразителна бројка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма
Иновативната формулација на „Алкалоид“ АД за лекот со додадена вредност „Омепразол“ во течна форма, готов за употреба, прва од ваков тип во светски рамки, е прогласена за „Патент на годината за 2023“ од Државниот завод за индустриска сопственост, во рамките на пригодното одбележување на Светскиот ден на интелектуалната сопственост – 26 април.
Меѓународната патентна пријава на „Алкалоид“ за „Oмепразол“ во течна форма беше поднесена на 17 април 2020 година, со опфат на голем број региони и земји, меѓу кои земјите од Европската Унија, САД, Канада, Кина, земјите од Евроазиската економска унија и други. Патентната пријава при Европскиот завод за патенти, чии ингеренции опфаќаат патентни активности во 39 земји во Европа, беше одобрена на 3 август минатата година и валидирана во триесетина земји, меѓу кои и Македонија.
Патентот на „Алкалоид“ АД ја заштитува течната фармацевтска дозна форма на „Омепразол“, која се базира на два посебни раствори содржани во двокоморско пакување, кое при отворањето автоматски ги меша двата раствора и така се добива готовиот течен омперазол за употреба. Овој препарат е наменет, пред сѐ, за третман на рефлуксен езофагитис и на гастроезофагеалната рефлуксна болест (ГЕРБ) кај малите деца кои не можат да голтаат таблети, како и кај возрасните пациенти кои имаат тешкотии со голтањето (пациети со дисфагија) и неможност за голтање (пациенти со поставени сонди за гастрично хранење и/или геријатриски пациенти).
Државниот завод за индустриска сопственост е основан на 1 декември 1993 година како самостоен орган на државната управа и е надлежен за вршење на работите во врска со стекнувањето и со заштитата на правата од индустриска сопственост кои опфаќаат патенти, индустриски дизајни, трговски марки и ознаки за потеклото на производите. Оваа институција триесетта година по ред традиционално организира активности во насока на афирмација на улогата на индустриската сопственост во поттикнувањето иновации и креативни творби.
ПР
Македонија
Први и шести мај неработни за сите граѓани на Македонија, трети мај за граѓаните од православна вероисповед
Министерството за труд и социјална политика, согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр.21/98 и 18/07) соопштува дека:
1 мај 2024 година (среда), Денот на трудот е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.
03 мај 2024 година (петок), Велики Петок, петок пред Велигден, е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед во Република Северна Македонија.
06 мај 2024 година (понеделник), Велигден, вториот ден на Велигден според православниот календар, е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.
Министерството за труд и социјална политика на граѓаните им ги честита престојните празници.
Македонија
(Видео) Сајкоски: Да донесеме уште поголема победа на 8 мај за просперитетна влада на ВМРО-ДПМНЕ
„Денес продолжуваме со активностите тука во Охрид, вчера поминавме прекрасни митинзи со огромна поддршка од граѓаните. Останаа уште неколку денови“, рече Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 5 и ги повика сите да се приклучат и да донесат уште поголема победа во вториот круг.
„Сакам да ја изразам мојата благодарност и горд сум на тоа што го направивме во првиот круг, што ја дадовте вашата огромна поддршка за нашиот кандидат за претседател Гордана Силјановска Давкова.
Сакам да ве повикам и во вториот круг референдумски да излеземе за да можеме да ја реализираме Платформа 1198, за да може да реализираме многу проекти за регионов и нашава држава, да донесеме подобар економски развој и раст, да донесеме подобро образование и здравство, да донесеме подобар живот за сите. Затоа на 8 мај излезете сите да се активираме да кажеме НЕ за ова што се случуваше досега и да дадеме шанса за просперитетна влада која ќе ја носи Македонија напред“, изјави Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 5.