Македонија
Арсовска: Претходното раководство знаело за пропусти и грешки во реконструкцијата на Универзална сала
На денешната прес-конференција во врска со реконструкцијата на Универзална сала, градоначалничката Арсовска истакна дека на 6 јули 2021 година е изготвен записник во кој што јасно се нагласува дека постојат проблеми со постојната состојба на проектот, односно неусогласеност на проектот со постојната состојба на Универзална сала, а дополнително новопроектираните конструктивни елементи е предвидено да се постават врз трафостаница во рамки на постојниот објект за којашто постои проблем во нејзината дислокација.
Претходното раководство свесно за проблемите продолжиле со градежни активности иако знаеле дека постојат грешки и пропусти во однос на реконструкцијата.

„ Во текот на месец август се изготвени нови записници и тоа 6, 7 и 8, од 10.8.2021, 17.8.2021 и 24.8.2021, каде се нотирани проблеми за постојните конструктивни елементи, незадоволувачки параметри на армирано-бетонската конструкција и незадоволително ниво на арматура во истата, при што се очекува извештај од ЗИМ за начин на санација или рушење на тие армирано-бетонски елементи“, изјави Арсовска.
Градоначалничката посочи дека на 7 октомври минатата година е одржан состанок во Град Скопје на кој покрај претставници на фирмите проектант, изведувач и надзор на градежните активности присуствувале и тогашниот секретар на Град Скопје и секторски претставници кои заклучиле дека постојат сериозни технички проблеми и недостатоци во процесот на реконструкција на Универзална сала, за што е потребно да се направат измени во проектот. Оваа одлука е одбиена од страна на општина Центар и не е издадено решение за измени во тек на градење, при што е побарано да се аплицира со нов проект и ново одобрение за реконструкција на Универзална сала.

„ На 12.10.2021 со записник број 16 надзорниот инженер дал препорака да се срушат или демонтираат конструктивните елементи, кои не ги задоволуваат карактеристиките согласно извештајот од ЗИМ, а да се демонтираат и челични елементи кои се кородирани на споевите и се проценети како несигурни и опасни за безбедноста на објектот“, рече Арсовска.
Таа додаде дека затекнатата состојба на терен во однос на тоа како се трошеле средствата донирани од Владата за реализација на овој проект која обезбедила 120 милиони денари, укажува на непланско и несоодветно искористување на средствата, без притоа да имаат целосна техничка документација и дополнително да се осигураат дека овој објект ќе биде безбеден да може да се користи и дека еден ден нема да се сруши додека има полна сала граѓани внатре.
Арсовска истакна дека и покрај овие пропусти и аномалии во работењето на претходното градско раководство, реконструкцијата на Универзалната сала не е стопирана и истата ќе продолжи соодветно со новото техничко решение кое ќе обезбеди пред сè поголема безбедност за објектот и граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.
Македонија
Поради одрон во тунелот, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива по една лента
Поради одрон во тунелот на автопатот Скопје-Велес, после Катланово, сообраќајот се одвива по една коловозна лента, информира АМСМ.
Денеска и утре на Автопат А-1 делница клучка Миладиновци клучка Петровец ќе се одвива времена измена во сообраќајот поради технички зафат од ДПТУГ Електра Груп ДООЕЛ, кај клучка Аеродром во дневен период од 6 до 8 часа, сообраќајот ќе се одвива во сообраќајните ленти за претекнување.
Македонија
Обвинителството бара замена од затворски во куќен притвор за Артан Груби
Основното јавно обвинителство Скопје побара мерката притвор за поранешниот вицепремиер Артан Груби да биде заменета со куќен притвор. Ваквата одлука, Обвинителството ја донело врз основа на тоа дека се обезбедени голем број докази, дека истиот доброволно се пријавил на органите на прогонот, како и дека постојат индиции дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност.
„Основното јавно обвинителство Скопје по добивањето на известувањето дека второосомничениот во предметот за Државната лотарија каде е осомничен заедно со уште пет лица, доброволно се пријавил на органите на прогонот и изразил подготвеност да соработува со надлежните органи, ќе ја продолжи постапката за истиот со цел донесување на јавнообвинителска одлука“, соопштија од Обвинителството.
Од таму додаваат дека на барање на одбраната, Груби во текот на денешниот ден бил спроведен пред надлежниот обвинител каде вршел увид во списите на предметот, но поради обемноста на доказниот материјал увидот ќе продолжи наредните денови по што ќе му биде овозможено да ја даде својата одбрана.
„По однос на мерките за обезбедување на присуство на второосомничениот во понатамошниот тек на постапката Основното јавно обвинителство Скопје предложи замена на мерката притвор со мерка куќен притвор и одземање на патна исправа, имајќи го во предвид фактот во најголем дел се обезбедени доказите во текот на постапката, дека истиот доброволно се пријавил на органите на прогонот, како и дека постојат индиции дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, кои индиции се поткрепени со известувања од надлежните органи. Исто така индициите за загрозената безбедност се однесуваат и на членовите на неговото семејство“, се наведува во соопштението.

