Македонија
Арсовска го враќа споменикот на Ќосето: Нема да дозволиме да ‘рѓосува во магацините

Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, достави иницијатива до Советот на Град Скопје за повторно поставување на спомен-обележјето на македонскиот револуционер Андон Лазов Јанев-Ќосето.
„Спомен-обележјето ќе добие нова локација, која ќе се наоѓа на крстосницата помеѓу булеварот Александар Македонски и булеварот Беласица, североисточно од кружниот тек“, велат од Град Скопје.
Како што наведуваат од Град Скопје, се работи за исклучително важна историска личност и еден од најголемите македонски револуционери, чиј споменик неправедно и шверцерски беше отстранет од претходното градско раководство.
„Нема да дозволиме споменикот на македонскиот револуционер да ‘рѓосува во магацините, затоа апелираме што побргу оваа точка да биде ставена на дневен ред во Советот на Град Скопје и веднаш да биде изгласана.
Ова е уште еден начин да ја исправиме неправдата и да им се оддолжиме на луѓето што го дале својот живот за независна и суверена Република Македонија, да ги паметиме и чествуваме хероите, од кои ниеден не смее да биде заборавен“, се додава во соопштението на Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се излеа Маркова Река кај Батинци

Маркова Река се излеа денес по обилните врнежи од дожд.
Во селото Батинци, водата е надојдена, излевајќи се на неколку места околу речното корито.
Ангажирана е механизација за санирање на штетата, а градоначалник на Студеничани, Азем Садики, објави дека забележана е материјална штета во дворовите од куќите кои се наоѓаат во близина на реката.
Засега, според градоначалникот, нема потреба од евакуација.
Фото: ТВ21/скриншот
Македонија
Тетово повика на јавна дебата за промена на имињата на улиците

Општина Тетово в петок, со почеток во 15:00 часот, организира јавна дебата за предлози за имиња на улиците.
„Ги повикуваме сите граѓани, здруженија, невладини организации и граѓанскиот сектор да учествуваат на оваа јавна дебата за именување на улиците“, велат од општината преку допис.
Додаваат дека секој предлог од граѓаните е важен и помага овој процес да биде инклузивен и успешен за граѓаните и градот Тетово.
Македонија
Тошковски: Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто

Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто, информира министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Изминативе години сосема оправдано имаше критики дека платите во МВР се ниски, а очекувањата и одговорностите големи. Често се укажуваше на разлики во однос на некои сродни служби, а чувството на потценетост беше реално и оправдано. Ова зголемување не е доволно, но е еден од многуте чекори што ќе следат во насока на враќање на достоинството и угледот на полицаецот. Целта е јасна – да изградиме модерна, професионална и силна полиција која ќе биде вистински сервис на граѓаните. Продолжуваме понатаму кон обезбедување на подобри услови, поголема поддршка и вистинско вреднување на трудот што секојдневно се вложува“, напиша Тошковски во објавата на социјалните мрежи.