Македонија
Арсовски: Дали и црквата влезе во бизнисот со марихуана?
„Со секој изминат ден на власт богатството и бизнисите на блиските на Зоран Заев, односно кланот Заеви енормно се зголемува. Граѓаните осиромашуваат, а фамилијата Заеви континуирано се богати, а тоа сè на сметка на граѓаните и државните бизнис-интереси. Бизнисот со марихуана врти-сучи пак се поврзува со премиерот Заев“, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, според последните информации во јавноста и оние што се проширија во медиумите, фирма во која косопственик е лице со исто име и презиме како адвокатот на Зоран Заев, добила лиценца за одгледување канабис, односно марихуана. Фирмата „Канабис оне“ ДОО Струмица добила лиценца од Министерството за здравство по претходно добиена согласност од Владата.
„Оттука е крајно сомнително и скандалозно како може Владата во која премиер е Заев да даде лиценца за исплатлив бизнис на фирма во која лицето Ване Андреев, со идентитет како адвокат на Зоран Заев, фигурира. Дали ова лице Ване Андреев е адвокатот на Заев, кој сега ќе произведува марихуана и ќе заработува милиони? Дали Заев и во овој случај не гледа никаков судир на интереси како во случајот кога во бизнисот со марихуана влезе и семејната фирма на неговиот братучед Трајче Заев? Да биде уште поскандалозно, медиумите пишуваа, а никој не демантира дека извесна Сара Еленова, монахиња во епархијата на митрополитот Наум, кој инаку важи кај граѓаните за близок пријател до Заев, е еден од косопствениците и партнерите во фирмата ‘Канабис оне’ ДОО Струмица. Дали и црквата влезе во бизнисот со марихуана? Дали митрополитот Наум, кој самиот Заев го нарекува свој духовен отец, влегол во бизнис на одгледување марихуана? Ако е ова точно, тогаш дали црквата, наместо со духовноста и верата, ќе почне да одгледува марихуана? Дали, ако сето ова е точно, добиваме уште една потврда дека во Струмица перфектно продолжува да функционира бизнисот по моделот едно евро за Вицето, едно евро за црквата? Во тој случај Господ нека им помогне на граѓаните што се борат секој ден да врзат крај со крај.
Овој скандал е огромен. Тој е спротивен и на божјите и на земните закони и со ова сериозно треба да се занимава Обвинителството ако има барем грам интегритет и професионалност. Зарем за нив не е скандалозно адвокатот на премиерот да добие лиценца за милионски бизнис, а патем во тоа да е вмешана и Струмичката епархија, истата онаа од серијалот епизоди со едно евро за црквата. Јавноста и граѓаните гледаат со каква криминогена и корумпирана власт си имаат работа. Ова мора да престане што побргу. Почетокот на крајот на овој криминален картел на власт се претстојните избори кога народот ќе ги казни за сите матни бизниси што ги прават, а кои имаат единствено цел лично богатење на власта на Зоран Заев, фамилијата Заеви и нивните блиски луѓе, односно бизнис-партнери“, изјави Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска на Саем за образование и кариера: одлична идеја за промоција на македонското високо образование
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска присуствуваше на отворањето на Саемот за образование и кариера 2026, што трета година по ред го организира студентската иницијатива Студентарија во соработка со Скопје Сити Мол. Во своето обраќање преку присутните посочи дека станува збор за одлична идеја за промоција на македонското високо образование и за поврзување на високообразовните установи со компаниите и бизнис секторот, а со крајна цел – олеснување на младите во изборот на областа каде ќе се надградуваат и работат.
„Гледам млади луѓе во голем број – средношколци кои треба да одлучат на крстопатот во кој правец ќе се движат, студенти кои ќе продолжат да се надградуваат, а некои се во потрага по можности за вработување и кариера во сопствената земја. Од друга страна, има и компании кои им ги нудат тие можности на младите и јас во оваа прилика ги повикувам и сите останати да ги отворат вратите, да ги подобруваат материјалните и нематеријалните услови за работа, бидејќи само така ќе ги задржиме во нашите граници и ќе им овозможиме да успеат лично и да придонесат за нејзиниот развој“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека верува во подобра иднина за македонското високо образование, а тоа е цел за која Владата интензивно се заложува во досегашниот тек на мандатот.
„Ќе ја постигнеме оваа цел преку континуиран раст на буџетот и преку усвојување и спроведување на ново законско решение, кое е во фаза на подготовка во заедништво со универзитетите и пошироката јавност. Истиот ќе воспостави ред, нови студиски програми, модернизација на постојните, поголема меѓународна соработка, подобар студентски стандард и раздвижување на научната дејност“, додаде Јаневска.
Изрази очекувања дека саемот ќе прерасне во традиција и ќе биде успешен затоа што, како што рече, се работи за иницијатива на млади луѓе од Македонија кои ја сакаат државата, и се посветуваат за подобрување на состојбите во својата татковина и на задржување на новите генерации во овие граници.
Македонија
Ѓорѓиевски-Варнс: борбата против корупцијата, демократските процеси и зајакнувањето на учеството на граѓаните во локалната самоуправа во фокусот
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска оствари средба со вршителката на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија, Никол Варнс.
На средбата беше изразена подготвеност за продлабочување на досегашната соработка, со посебен акцент на борбата против корупцијата, унапредувањето на демократските процеси и зајакнувањето на учеството на граѓаните во локалната самоуправа.
Градоначалникот ги презентираше и тековните проекти на Град Скопје во областа на сообраќајната инфраструктура, јавната хигиена и зелените површини.
Соговорниците разговараа и за продлабочување на соработката меѓу збратимените градови преку образовни и културни размени, како и за реализација на идни заеднички проекти насочени кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Македонија
Герасимовски: Стихови и музика во Центар, објавен е јавен повик за реализирање на Светскиот ден на поезијата
Општина Центар објави Јавен повик за реализација на проектот „Светски ден на поезијата“, со цел достојно одбележување на 21 Март, денот кога ширум светот се слави поетскиот збор.
Настанот има за цел да ја афирмира македонската поезија, да ја истакне нејзината вредност и да го потврди безвременскиот карактер на делата на македонските поети.
Во рамките на проектот се предидени содржини што ќе го спојат поетскиот израз со соодветна музичка поддршка, создавајќи автентично уметничко доживување за публиката.
„ Општина Центар особено внимание посветува на проектите од областа на културата , афирмацијата на македонскиот јазик и творешвото. 21 Март, Светскиот ден на поезијата, но и на пролетта, ќе го прославиме со стихови и музика, како што доликува. Ги повикувам сите креативци, љубители на поетскиот збор да се пријават и да ни се приклучат во организирање на овој убав настан“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Рокот за поднесување на пријавите е 5 дена од денот на објавување на Јавниот повик на веб-страницата на Општина Центар.

