Македонија
Арсовски: Коалициите на СДСМ траат неколку часа, додека сами не се демантираат
Коалициите на СДСМ им траат по неколку часа откако ќе ги обзнанат, па после сами се демантираат. Затоа апелирам уште еднаш да ги објават партиите и пратениците кои што ќе партиципираат во новото парламентарно мнозинство, одговори портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, на прашање дали вчерашната средба меѓу секретарот на СДСМ и Артан Груби од ДУИ, на која, наводно, договориле коалиција, ги поткопува плановите на ВМРО-ДПМНЕ за евентуална коалиција со ДУИ?
„Па да, мислам дека таа начелна, договорена лага траеше неколку часа, бидејќи веднаш потоа СДСМ сами се демантираа дека договориле Влада со Демократската Унија за Интеграција. Па затоа, еве уште еднаш би искористил прилика и јавно да повикам, и воедно да апелирам и до вас медиумите да ги прашате СДСМ, бидејќи три дена веќе велат дека имаат мнозинство, па сами се демантираат, да излезат јавно и да кажат кои се политичките партии со кои што коалицираат, кое е парламентарното мнозинство составено и да бидат транспарентни пред граѓаните. Во моментов стана пишманска партија, така наречена СДСМ пишманска“, одговори Арсовски.
На новинарско прашање со која партија ВМРО-ДПМНЕ е најблизу во ставовите за формирање на коалиција, тој кажа дека има комуникација со сите партии, но дека не сака да открива детали.
„Комуникација имаме со политичките партии, и не би навлегувал во детали да не ги нарушам процесите. Но, од она што може да се забележи од претходно што го говорел и претседателот Мицкоски, но и што се постулатите на ВМРО-ДПМНЕ, програмските, економските определби треба да се идентификуваат. Но не би навлагал во детали за да не наштетам на процесите. Во моментот кога ќе има конкретни информации ќе бидете благовремено известени“, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.

