Македонија
Арсовски: Кога веќе призна Ковачевски дека тајно се преговара, што преговараат и кои се позициите?
Димитар Ковачевски призна дека во моментов, изминативе неколку дена, вклучително и денес сеуште тајно зад затворени врати се водат официјално преговори во Софија, во врска со предлогот за протоколот за ЕУ. Официјално Ковачевски призна пред јавноста дека некој си таму тим составен од поданици на оваа нерационална и дипломатски неуспешна Влада којашто ја предводи тој самиот, преговара со официјална Софија да ја запечати судбината на граѓаните и Република Македонија, иако сите знаеме каков е ставот на граѓаните, истакна на денешната прес-конференција Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Кога веќе призна Ковачевски дека се водат преговори, јавно го прашуваме, што преговара овој тим пратен во име на оваа расипничка Влада? Кои се позициите на тимот кој го испраќа Владата на Димитар Ковачевски? Што имаат договорено до моментов, за да некои луѓе блиски до Владата и СДСМ, јавно кажуваат дека има простор да се испреговара протоколот, иако знаеме што значи тоа? Ова се прашањата за кои сме загрижени сите како јавност, од едноставна причина што оваа Влада ја има киднапирано иднината на Република Македонија. Ова се прашањата кои мора веднаш да бидат одговорени, а не кукавички да води оваа Влада преговори кои не одат во полза на интересите на граѓаните и Република Македонија“, вели Арсовски.
„Неуспехот и дипломатскиот дебакл на претходната патлиџан дипломатија, а сега веќе и официјално смешна и неуспешна дипломатија која што насекаде, верувајте ја срами Република Македонија како држава и граѓаните кои што живеат во Република Македонија, треба да се пренасочи во оставки и тоа најпрвин да се почне Ковачевски, Османи, Маричиќ и сите други надоле, редоследно кои што се инволвирани во овој неуспешен преговарачки процес“, дополни тој.
Две работи, како што додаде се исклучително важни, а тоа се: најпрвин луѓе кои што не си ја познаваат работата не можат да бидат успешни на работен план и да имаат успех во работата и второ луѓе кои што не си ја сакаат државата, не можат да се изборат и да ги застапуваат позициите кои што ги отцртуваат граѓаните и се во интерес на граѓаните.
Ваков е случајот, оценува Арсовски, со оваа горенаведена тројка која што ја споменав, Ковачевски, Османи и Маричиќ кои сега во моментов се главни актери во трајното рушење на позициите на Република Македонија во оваа преговарачка ситуација и затоа е потребно веднаш да си дадат оставки.
„Дополнително, сите гледаме денес од медиумите дека се споменува официјален извештај на една членка земја на ЕУ каде што јасно пишувало дека нашава тројка функционирала како раштиман оркестар, односно Османи на официјални состаноци прифаќал буквално се што ќе му биде сервирано и кажано, а тука кога ќе се врател од челните лица на Владата почнувајќи од него изјавите биле секојдневно со различни позиции и ставови. Е до толку ни е мизерна дипломатската политика и затоа ни се смеат сите како држава. Срамота. Затоа потребни се оставки, бидејќи нема друг избор и веднаш потоа предвремени парламентарни избори“, подвлече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Таравари поднесе тужба за клевета против Изет Меџити
Претседателот на поделената Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, преку својот адвокат, Aбидин Абдули, вчера поднесе тужба за клевета во Основниот суд Скопје 2 против градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.
Тужбата доаѓа по изјавите дадени од Меџити во телевизиска емисија на „Лајм“, каде што тој тврдел дека Таравари за време на својот мандат како министер, издал седум лиценци за фабрики за преработка на канабис.
Според соопштението, пред поднесувањето на тужбата бил даден и законски рок за јавно извинување, кој Меџити не го искористил.
Таравари категорично ги демантираше овие обвинувања, оценувајќи ги како невистинити и клеветнички. Тој претходно најави дека ќе преземе правни чекори доколку не биде упатено јавно извинување за дадените изјави.
Со поднесувањето на тужбата во Основниот суд Скопје 2, случајот сега се очекува да добие институционален тек.
Македонија
Пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, го оштетил буџетот за 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари, две други лица и еден правен субјект, за злоупотреби и несовесно работење со што го оштетиле буџетот на општина Кичево за сума од над 1.400.000 денари.
„ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Д.(52) од кичевското село Србица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, против Б.К.(46) од кичевското село Аранѓел поради постоењер основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, против Д.С.(41) од кичевското село Длапкин Дол за сторено кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, како и против едно правно лице со седиште во Длапкин Дол“, соопшти МВР.
На 08.01.2025, Ф.Д., во својство на градоначалник на општина Кичево, искористувајќи ја својата службена положба донел план за јавни набавки за 2025 година на општина Кичево спротивно на одредбите од Законот за комунални дејности. Иако, општина Кичево има јавно комунално претпријатие, Ф.Д. сите комунални дејности ги доверил на пријавеното правно лице со седиште во Длапкин Дол со намера да се стекне со поголема имотна корист на штета на буџетот на општина Кичево.
Второпријавениот, одговорно овластено лице за одржување на зелени површини, пропуштил должен надзор и несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности, додека третопријавениот во својство на управител во правното лице, свесно ги повредил прописите на постапката за јавен повик.
Со тоа, вкупно исплатените парични средства за одржување на зеленилото околу зградата на општината изнесува вкупно 1.457.205 денари на штета на општина Кичево.
Македонија
Меџити го дочека претседателот на Албанија во Чаир
Градоначалникот, Изет Меџити, свечено го пречека во Чаир претседателот на Албанија, Бајрам Бегај кој допатува во тродневна посета на земјата.
Меџити му посака добредојде пред општината, нарекувајќи го брат.
Албанскиот претседател заедно со делегацијата ќе ја посети џамијата „Мустафа Паша“ и Старата скопска чаршија, кадешто ќе има свечен настан.
За утре е превидено, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, да биде домаќинка на Бегај. Албанскиот претседател ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба на претседателите, а потоа и пленарен состанок на македонската и албанската делегација.
Во рамки на официјалната посета, претседателот на Република Албанија ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Најавена е и посета на Тетово во сабота.
МВР соопшти дека поради посетата во главниот град деновиве ќе има посебен сообраќаен режим.
Сообраќајот пред општината Чаир попладнево беше целосно блокиран. Автобусите сообраќаа по изменета рута, додека пешаците беа пренасочувани од другата страна на булеварот.

