Македонија
Арсовски: Нина Ангеловска да одговори дали купила луксузен стан во Градскиот парк и зошто го крие од јавноста

Според нашите информации и документи кои ги добивме, министерката за финансии, Нина Ангеловска, крие од јавноста податоци поврзани со недвижниот имот што го поседува, рече на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Како што истакна тој, според добиените информации, министерката Нина Ангеловска, која на позицијата министер е неполна година, изминатиов период купила стан од околу 100 квадратни метри со локација во Градскиот парк во Скопје, во вредност од над 100.000 евра.
„На сајтот на антикорупциската комисија во информациите за имотот на функционерите, односно конкретно за имотот на министерката Нина Ангеловска ќе видите дека таа нема пријавено и не поседува никаков стан“, додаде Арсовски, кој истакна дека поради ваквата ситуација се наметнуваат неколку прашања.
„Дали Нина Ангеловска сака да го изигра законот и да го сокрие станот со кој се стекнала изминатиов период?“, јавно праша портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ и подвлече дека министерката е должна и има законска обврска даѝ објасни на јавноста зошто го крие станот и вклучително на кој начин е стекнат овој стан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Кандидатурата на Мециновиќ за Скопје е договор на Левица да им помогне на СДС и ДУИ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Јасно е дека кандидатурата на Амар Мециновиќ е дил на Левица за помош на ДУИ и СДС, со математика Орце Ѓеорѓиевски да не победи уште во првиот круг“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Затоа Левица не можеше да најде ниту еден друг кандидат и никој друг не се нафати за кандидат за градоначалник за Скопје, па затоа го кандидираа пратеникот Амар Мециновиќ.
Го прашуваме Мециновиќ со оглед на тоа што Димче Апасиев бараше пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои се кандидати за градоначалници да си поднесат оставка дали Мециновиќ ќе си поднесе оставка од пратеник бидејќи е кандидат за градоначалник“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
ДУИ не се Албанците, ДУИ е криминалната коалиција на злото, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Бујар Османи продолжува со истата матрица, секоја критика за криминалот на ДУИ да ја претставува како „поттик на поделби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на изјавите на Бујар Османи од ДУИ.
Вистината, според владејачката партија е сосема спротивна.
„Поделбите и неправдите во државата настанаа токму поради СДСМ и ДУИ и нивната власт заради криминалните тендери, корупцијата и злоупотребата на институциите.
Бујар, Артан, Заев, Али и Филипче се коалиција на злото која ја жртвува Македонија за да ја ограбат државата и народот.
Кога ќе бидат фатени со рацете во медот, Османи и неговите колеги се кријат зад етнички теми. Но Албанците не се ДУИ, ниту пак ДУИ има право да зборува во нивно име“.
Албанците во Македонија, нагласуваат од ВМРО-ДПМНЕ се чесни граѓани кои сакаат ред, правда и развој, а тоа, како што велат е спротивно од она што го нудат Али, Артан, Бујар, Филипче и Заев.
„Затоа, колку и да се обидуваат да ја претворат борбата против криминалот во „етничко прашање“, тие добро знаат дека нема да успеат. Народот кажа јасно: криминалот не се исплати, а ДУИ и СДС се минато“.
Македонија
Марковски како кандидат за градоначалник на Скопје: Градот е во агонија

Граѓанската платформа „Независни заедно“ на денешниот промотивен настан и официјално ја објави кандидатурата на деканот на Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, професор д-р Горан Марковски, за градоначалник на град Скопје на претстојните локални избори.
Промоцијата ја отвори Јана Белчева-Андреевска, кандидатка за советничка за Град Скопје, која истакна дека по години гледање како се нижат проблеми, се губат и запустуваат јавни простори и јавни објекти, како горат и исчезнуваат пред нашите очи објекти со вредност и значење, има шанса за промена.
„Скопје е во агонија. Потребна му е визија ослободена од корупција, култура наместо популизам, стандарди наместо импровизации. Оваа моја кандидатура е повик за заедничка борба за град што ќе им служи на граѓаните, а не на тесни интереси“, истакна Марковски.
Посочи дека Скопје денес се соочува со сериозни предизвици – загаденост, урбан хаос и изгубен идентитет – и нагласи дека потребни се нови решенија, кои ќе донесат надеж, особено за младите.
„Го почнувам овој пат од Камениот мост – симболот на поврзување и заедништво. Убеден сум дека со широка граѓанска поддршка можеме да изградиме град што ќе биде вистински европски дом, место со кое ќе се гордеат сите скопјани“, додаде тој.
Од „Независни заедно“ порачаа дека Марковски е личност со докажан професионален интегритет и долгогодишно искуство, кој зад себе има голем број реализирани проекти и генерации воспитани инженери. „Време е Скопје да го водат стручни лица со храбро лидерство и визија за поубав град по мерка на човекот“, велат од платформата.
Марковски истакна дека Скопје мора повторно да стане симбол на заедништво и поврзување, а вистинската промена може да се постигне единствено преку активни граѓани и независни личности, кои ќе изградат силни институции и здрава демократија.
„Независни заедно“ е широка граѓанска платформа, која ги обединува независните советници и локалните иницијативи од неколку скопски општини -„Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 389“. Покрај град Скопје, платформата веќе објави дека цели на победа и во општина Центар, каде што ќе ја поддржи кандидатурата на истакнатата антикорупционерка Билјана Ивановска. „Независни заедно“ произлезе како одговор на разочараноста од традиционалните политички партии и има цел да ја врати локалната власт во рацете на граѓаните. Платформата ги повикува сите скопјани, поединци и групи, да се приклучат и заеднички да изградат нов модел на управување – чесен, стручен, транспарентен и посветен на јавниот интерес. „Само заедно можеме да му дадеме шанса на Скопје да стане град по мерка на човекот“, појаснуваат од платформата.