Македонија
Атанасов до Заев: Поднесувам оставка
Заменик-министерот за образование, Петар Атанасов, на „Фејсбук“ му се обрати на премиерот Заев порачувајќи му дека поднесува оставка од функцијата заменик-министер за образование.
„Сакам да Ве известам Вас и јавноста дека поднесувам оставка од позиција заменик-министер во Министерството за образование и наука. Ова ви го соопштив уште пред реконструкцијата, но еве сега може и да се процесира. Едноставно, мојата позиција станува неодржлива и неефективна. Истовремено, давам оставка и на сите дополнителни функции во рамките на Министерството за образование и во Владата што Вие ја предводите!
Во изминатите неполни 10 месеци со големо задоволство и верба ја прифатив поканата да ја извршувам оваа функција. Влегов во систем што со години не само што не се менувал туку и многу назадувал и еродирал. Освен многуте и бескрајни формалности во работата на Министерството, овој период не се случи ништо позначајно. И тоа што навидум се тркала е далеку од потребите на системот и не ги менува севкупните состојби. Промените во образованието што ги навестувавме, не ги остваруваме. Зошто е ова вака, веројатно Вие најдобро знаете! Пред една недела во еден јавен настап кажав дека треба да се запали црвеното светло и дека ако продолжиме со ова темпо, може да очекуваме образованието да го реформираме за 10 до 15 години. А можевме многу, многу подобро. Уште пред парламентарните избори составив тим со кој заедно изградивме одлична програма и план и силно верувавме во политиките што требаше да ги реализираме. Се чинеше дека успехот е неизбежен. Ем знаевме ем можевме, уште само требаше да покажеме дека и умееме. Нејсе!
Во овој кус период во МОН работев на повеќе прашања и проблеми и се обидов да се вклучам во што повеќе процеси. Морам да истакнам дека уште од самиот почеток не ми беше дозволено да формирам тим со кој ефектите од мојата работа би биле многу поголеми. Првите два месеца заедно со една поголема група изготвив решение за јазлите во кои беше навлегол Филмскиот институт во Охрид. За жал, извештајот и предлог-мерките останаа во кабинетот на министерот. Неколку месеци работев, заедно со неколку креативни луѓе, на дизајнирање програма за воведување дигитализација и медиумска писменост во првите нивоа на образование. За жал, извештајот и предлог-мерките останаа во Вашиот кабинет. Работев и бев присутен во многу училишта, универзитети, факултети и образовни институции заради воспоставување директна комуникација и соработка со наставниците, професорите и вработените во целиот систем на образование. За жал, ова искуство и насобраното знаење не можеше да се реализираат поради инертноста и бавноста на образовните институции. А треба многу работи да се менуваат!
Кај малкумина од вработените во МОН наидов на одлични соработници за неколку прашања и процеси. Луѓе што се долго во образованието, но ретко добиваат шанса да покажат што знаат и можност да напредуваат. Имав интензивна соработка со структурите и научноистражувачките центри во Брисел, особено со експертска фела. Пред еден месец на моја иницијатива кај нас почна пилот-проектот СЕЛФИ, самоевалуациска алатка која многу ќе им помогне на наставниците во своите планови и програми. За ова во Скопје допатуваа неколку претставници на European Training Foundation – ETF. Станав дел од управувачкиот одбор за формирање меѓународен институт за одржливи технологии во Југоисточна Европа. Во таа мрежна соработка на ниво на регион би можело да се работи и на поголеми проекти. Пред една недела со неколку претставници на Министерството за образование и Министерството за економија остваривме регионални контакти и разговаравме за интензивирање на изработката на стратегијата за паметна специјализација. Уште една бриселска алатка за поефикасно планирање на приоритетите на социоекономскиот развој, но и на образовниот процес. Тука ќе застанам, иако имаше многу повеќе.
Главните приоритети во образованието треба да бидат подигнување на квалитетот на сите нивоа во образованието, создавање поквалитетна понуда за целото општество не само за економијата, како и вложување во креативните потенцијали на наставниците, но, пред сè, на учениците. Но, за ова најпрвин треба да се промени филозофијата на целото образование. Еден закон или еден проект не може да ги дадат очекуваните резултати. Пристапот мора да биде холистички за што повеќепати елаборирав во многубројните јавни настапи и интервјуа.
Во недостиг на простор и можност за поголеми промени во образованието, најголем дел од моето време во изминатите 10 месеци го посветив на процесот за подготовка на националната стратегија за едно општество и интеркултурализам. „Едно општество“ е мој концепт и визија за иднината на државата, кој беше вклучен во програмата на партијата, а потоа и во програмата на Владата. Заедно со неколку одлични соработници од повеќе институции влегов во процес на градење на овој концепт за едно општество. Како што јавно говорев и аргументирав, во нашето општество паралелно се одвиваат два процеса поврзани со општествената (дез)интеграција. Едниот процес ги форсира национализмот, етноцентризмот и изолацијата, а другиот процес, концептот што ние го понудивме, во преден план ги става соработката, интеграцијата и заедништвото. Во оваа стратегија голем дел е посветен на образованието како основа за идните политики и законски решенија, кои во една пристојна временска димензија би поддржале процеси на интеркултурно живеење и комуникација, без разлика на сите наши специфичности и разни припадности. Без суштински и добро осмислени и реализирани промени во образованието, ниту оваа стратегија нема да може да фати корен.
Моја намера и лична желба е да ѝ се вратам на академската кариера затоа што револуцијата што ја инициравме почна да ги јаде сопствените деца. Годинава навршувам 30 години професионална работа и професионални ангажмани во неколку клучни и разновидни сектори, исполнети со потраги по нови предизвици. За жал, моите очекувања дека преку политичкиот ангажман во изминатите шест години ќе влијаам во насока на реално подобрување на состојбите во општеството, особено во образованието и несебичното вложување за таа цел, не се остварија. Се чини дека иако декларативно сите говорат дека се залагаме да ги задржиме младите во државата, без вистинска реформа и поквалитетно образование, како и можност за поголем просперитет за младите, тоа нема да се случува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Кузеска: Кој е Душан Адамовиќ и зошто е избран за почесен Конзул на Македонија?
„Пред околу еден месец, српското МНР соопшти дека му ја предале егзекватурата на почесниот конзул на Република Северна Македонија во Република Србија: Душан Адамовиќ. Седиштето на Конзулатот на Република Северна Македонија е во Панчево. Кој е Душан Адамовиќ и зошто токму тој е избран за почесен конзул?“, кажа денеска на прес-конференција, Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
„На платформата X може да се најдат стари објави на Адамовиќ кој вели дека, цитирам „Српска Македонија“ била окупирана. Ова е скандал сам по себе, но одиме понатаму. Адамовиќ е висок функционер на СНС сестринската партија на ВМРО-ОКГ, и близок со Александар Вучиќ. Бил член на Извршниот одбор на СНС, кородинатор за Срем и координатор за Јужен Банат. Во медиумите во Србија има скандалозни информации за бројни афери кои се поврзуваат со него. Во 2019 години поранешниот министер за внатрешни работи на Србија, Зоран Живковиќ јавно ќе објави дека Душан Адамовиќ е дел од група која се занимавала со трговија со оружје. Вести.рс пренесува дека во 2008 г. на само 24 години бил застрелан во нога затоа што должел пари. Преживеал напад со бомба во 2006 година. Бил уапсен и за други кривични дела. Бројни афери со криминални позадини се поврзуваат. Сега прашањето е како покрај толку угледни бизнисмени, личност со вакво криминално минато, со која се поврзуваат бројни афери во Србија е избран за конзул? Го провериле ли македонските безбедносни служби или Мицкоски лично лобирал за него? Овој скандал отвора сериозен сомнеж. Го повикуваме премиерот Мицкоски да излезе и да одговори: Како од толку угледни бизнисмени во Србија владата го избрала Адамовиќ за почесен конзул на Македонија? Каква е врската на Адамовиќ со Мицкоски?“, истакна Кузеска.
ВМРО-ДПМНЕ испрати реакција на прес-конференцијата.
„Предлогот за конзул на Душан Адамовиќ доаѓа од амбасадорот на Македонија во Белград именуван уште од времето на владата на СДС и ДУИ. Партијата на Башановиќ, СДС треба да разбере дека функцонира во Македонија и е опозиција во Македонија. Не сакаме да се вмрежуваме во дневно политичките настани во соседна Србија иако желбата на СДС е огромна за тоа. Споменатото лице ги исполнува сите критериуми потребни за негово поставување за конзул“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Заев и СДС беа главниот кадија во државата, тие судеа, тие пресудуваа, тие разрешуваа
„Во времето на Зоран Заев и СДС, Македонија беше држава на еден човек. Заев беше и обвинител и судија и главен кадија. Одлучуваше кој ќе биде гонет и кој ќе седи на судиската клупа“, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Судиите и обвинителите не се бираа по закон и интегритет, туку по послушност. Доколку ги следевте насоките на Зоран Заев, останувавте на функција. Доколку покажевте непослушност, веќе следниот ден бевте разрешени. Судските случаи се кроеја по политичка мерка. Наместо правда, имавме политички пресметки, а наместо владеење на право, имавме владеење на страв“, истакна тој.
Членови на ВМРО-ДПМНЕ, вели Манасиевски, беа предмет на политички прогон, а притисокот не застануваше само на нив, се одеше и кон нивните семејства.
„Тоа не беше борба за правда, туку демонстрација на сила. Случајот со Мерцедесот и Гордана Јанкуловска е само еден од симболите на тој систем. Поранешниот врховен судија Катевеновски јавно посочи дека таа немала никакво сторено кривично дело. Кога предметот стигнал до него, на рочиште зад затворени врати јасно кажал дека нема да даде позитивно мислење за притвор и дека одлуката ќе ја координира заедно со неговите колеги. Но, разговорот со колегите никогаш не се случил. Утредента, на седница на Судски совет, која била свикана по насока на тогашната власт, судијата Катевеновски бил разрешен. Разрешен бил поради тоа што не постапил по политичка директива. Тоа е вистинското лице на Зоран Заев и на СДС. Ветуваа вистина и правда, а испорачаа селективност, криминал и корупција. Оние кои зборуваа за независно судство, создадоа зависно правосудство“, рече тој.
Според Манасиевски, денес, клопчето се одмотува.
„Сведоштвата стануваат сè погласни. Индициите и сомнежите за директна поврзаност помеѓу СДС, Заев и одредени одлуки во правосудството не смеат да останат без одговор. ЈО има обврска да постапи. Затоа што вистината, колку и да се прикривала, секогаш излегува на површина“, заклучи Манасиевски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС и ДУИ наложувале, а Судски совет експресно, за само еден ден, разрешувале судии неподобни за тогашната власт, како Катевеновски од Врховен
„Власта на СДС целосно го зароби судството и го стави под своја контрола. Со притисоци и уцени се морало да биде по нејзин терк“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„По насока на СДС и Зоран Заев се бирале подобни и послушни судии и обвинители, и по нивна насока, експресно, за еден ден се реазрешувале непристрасни судии и професионалци кои не беа под нивна контрола.
Таков е и примерот на поранешниот судија во Врховниот суд, Ристо Катевеновски кој тоа отворено, пред целата македонска јавност, го кажува.
Во свое телевизиско гостување, Катевеновски тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашната власт и коалициски партнери СДС и ДУИ.
Станува збор за судско рочиште на кое поранешниот судија истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и дека за тоа ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие.
После само еден ден од оваа негова изјава Судски совет свикал итна седница на која експресно бил разрешен иако, како што вели Катевеновски, изјавата била дадена зад затворени врати.
Тој посочува дека неговото разрешување не било случајно, туку истото дошло од тогашните власти СДС и ДУИ, односно Зоран Заев и Али Ахмети.
Тоа што во изминатите години го зборуваме, дека СДС и ДУИ под своја целосна контрола го ставиле судството и обвинителството и дека судиите и обвинителите ги бирале во партиските седишта во Струмица и Зајас, веќе се потврдува со јавни сведоштва.
СДС и ДУИ, на чело со Заев и Ахмети одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одговорност од одреден случај.
Овој случај уште еднаш покажува дека СДС и ДУИ си ја партизираа државата и ги заробија институциите.
Тоа време веќе заврши и за тоа е потребна одговорност“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

