Македонија
АУЕ-ФОН на свечена церемонија ги додели дипломите на студентите од прв и втор циклус на студии
Американскиот универзитет на Европа – ФОН вчера попладне организираше свечено доделување на дипломи за студентите од прв и втор циклус на студии. Околу 300 студенти ги „фрлија“ капите, заокружувајќи дел од своето професионално образование. Во рамките на оваа свечена церемонија, АУЕ – ФОН со огромно задоволство ги награди и најдобрите студенти првенци со признание за постигнатиот врвен успех.
![]()
„Низ годините поминати со нас, се соочивте со бројни предизвици. Се стекнавте со проширени и продлабочени знаења за научното поле за кое се определивте, со високо ниво на професионална компетентност за право, политички науки, криминалистика, безбедност, странски јазици, архитектура, спорт, економија, информатика и дизајн. Научивте како да го примените знаењето, научивте систематски и креативно да решавате комплексни проблеми од областа; сега веќе умеете и критички да пристапувате кон решавањето нови и мултидисциплинарни проблеми. Со ова знаење, квалитети, компетенции и вештини, вие сте овластени да барате нови можности со уверување дека можете да придонесете за подобрување на целокупната заедница. Сега имате алатки со кои поинаку ќе пристапите на вашата работа за поголема ефикасност и продуктивност. Тоа е моќта на високото образование“, изјави ректорката на Американскиот универзитет на Европа – ФОН, проф. д-р Билјана Пулеска Јанушевска, која од името на целиот универзитет им се заблагодари на сите студенти кои го избраа АУЕ-ФОН и им посака многу успех во понатамошните професионални ангажмани.
![]()
Гости на церемонијата беа и матуранти од неколку средни училишта, кои изразија желба да видат како изгледа eдна свечена церемонија на доделување на дипломи по пример на светските универзитети, а тоа дополнително би ги инспирирало да се пријават на тековната кампања за рано пријавување, која е активна и овој месец.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.
Македонија
Нова градска плажа, се реконструираат спортските терени, кејот на Вардар добива нов лик, најави Ѓорѓиевски
Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.
Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество.
Искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Ова, почитувани, е само почеток.
Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Најавува како што вели, рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее.

