Македонија
Африканската свинска чума се прошири и во Грција
По првичниот сомнеж на 3 февруари, ветеринарните власти на соседна Грција, на петти овој месец официјално го потврдија првиот случај на заболена свиња од болеста африканска свинска чума во селско домаќинство со 32 свињи. Станува збор за одгледувачница во селото Никоклеија во регионот на Серес, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.
Освен во Грција, болеста е присутна и во соседните земји Србија и Бугарија, каде што, според официјалните податоци што ги добива Агенцијата за храна и ветеринарство, на дневна основа се појавуваат нови жаришта кај дивите свињи, најмногу во североисточна Бугарија и на границата со Романија. Болеста е присутна и во Полска, Литванија, Романија и други земји.
Во Северна Македонија засега не е детектирано присуство на болеста африканска свинска чума, и тоа ниту кај дивата ниту кај питомата популација свињи.
Поради постоење реална опасност од појава на болеста и во нашата земја, а со цел нејзино спречување, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира до одгледувачите на свињи, ловните друштва и граѓаните да ги почитуваат донесените решија за спроведување заштитни мерки.
Во соработка со Царинската управа на Република Северна Македонија, АХВ спроведува засилени мерки за контрола и на граничните премини, особено на личниот багаж на патниците.
„Иако не станува збор за болест која е опасна за човекот, но претставува сериозна закана за добиточниот фонд, упатуваме апел до сточарите и ловните друштва, до најблиското ветеринарно друштво или до официјален ветеринар, задолжително да пријават доколку забележат пцовисана свиња (питома или дива) бидејќи во труповите на пцовисаните животни вирусот опстојува долго време и може да биде една од причините за појава и ширење на болеста“, велат од АХВ.
За концесионерите на ловиштата остануваат во сила препораките за спроведување засилен надзор во ловиштата и вршење санитарен отстрел со земање мостри за испитување присуство на болеста од секоја застрелана свиња. Лицата што биле на лов и имале контакт со диви свињи не смеат да имаат контакт со домашни свињи најмалку 48 часа по ловот.
Агенцијата апелира свежото месо, подготовките од месо и производите од месо, како и нуспроизводите да не доаѓаат во контакт со приемчивите животни, да се врши засилена контрола на документацијата на добиточните пазари и собирните центри. АХВ потсетува дека строго е забрането продавање животни надвор од добиточните пазари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.
Македонија
(Видео) Безбеден град денес регистрираше 500 казни
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва преку објава на социјалната мрежа Фејсбук им порача на граѓаните дека треба да бидат горди на себе.
-Први февруари 2026 година, околу 20 часот. Има драстично намалување на бројката на сообраќајни прекршоци споредено со пред 2 месеци кога почнавме со тест периодот. Имаме околу 500 сообраќајни прекршоци констатирани од страна на паметните камери и сакам да укажам огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во рамки на сообраќајот зашто вие сте тие кои овозможивте драстично да се намали бројката за период од околу 2 месеци од 120 илјади прекршоци на 500, порача министерот.
Македонија
Сообраќајниот хаос во центарот ќе се намали за најмалку 30 отсто
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска официјално го означи почетокот на градежните активности на булеварот Македонија, проект за кој, како што рече, со години се зборувало, но без конкретна реализација.
Ѓорѓиевски истакна дека стартува првата фаза, која треба значително да придонесе за растоварување на сообраќајот во централното градско подрачје, со проекција за намалување на сообраќајниот метеж за најмалку 30 проценти. Првата фаза, според најавите, ќе се реализира во рок од 90 дена.
Тој најави дека веќе наредната недела ќе започне тендерската постапка за втората фаза, која ќе опфати изградба на два нови кружни текови и влез во подземна сообраќајница. Целта, како што рече, е да не се губи време и втората фаза да започне веднаш по завршувањето на првата.
Во рамки на првата фаза се предвидува проширување на дел од постојните сообраќајници, уредување на просторот, изградба на нова атмосферска канализација и поставување на 60 нови шахти, со што ќе се решава и проблемот со атмосферските води во овој дел од градот. Проектот вклучува и проширување на улицата „Пролет“, нов приклучок и крак кон булеварот „Борис Трајковски“, како и проширување и нов крак кон улицата „11 Октомври“.
Ѓорѓиевски изрази уверување дека по истекот на 90 дена ќе биде пресечена лентата за завршување на првата фаза и нагласи дека до крајот на неговиот мандат ќе вложи максимални напори, заедно со својот тим, целата сообраќајница со должина од околу два километри целосно да биде завршена. Проектот, според него, претставува еден од најзначајните за главниот град и дел од ветувањата дадени пред граѓаните.
На крајот, градоначалникот со симболична забелешка посочи дека речиси секој значаен проект што го започнуваат заедно со претседателот на Владата е проследен со дожд, што, како што рече, го доживува како добар знак и бериќет за брза и успешна реализација на градежните активности.

