Македонија
Засилени инспекциски контроли на објекти за безбедност и квалитет на храната
Во пресрет на новогодишните празници, а со цел спречување на евентуална продажба на небезбедна храна на граѓаните во услови на зголемена продажба и потрошувачка, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство вршат засилени контроли во производството, преработката, дистрибуцијата и продажбата на храна на македонскиот пазар.
Од почетокот на годинава досега извршени се вкупно 55.820 контроли кај операторите со храна. Како небезбедни, поради поминат рок на употреба, микробиолошка неисправност, неправилно означување и декларирање, поништени или вратени се вкупно 237.774 килограми небезбедна храна.
За констатираните недоследности со контролите (нехигиена во објектите, неправилно означување на храната, несоодветни услови на чување и складирање на храната, неводење евиденција за добра хигиенска и добра производствена пракса, за неизвршени здравствени прегледи за бацилоносителство, како и за констатирани отстапки од декларираниот состав на храната), од страна на инспекциските служби донесени се 1 776 решенија за отстранување на недостатоците, одржани се исто толку едукации за операторите, а поднесени се и 41 прекршочна и 1 кривична пријава.
Како одговорна институција, апелираме до граѓаните во пресрет на новогодишните празници да купуваат храна од одобрени и регистрирани објекти кои ги имаат имплементирано системите за безбедност на храната, да внимаваат на означувањето на производите, како и на тоа каде тие се чуваат. Во домаќинствата важно е да се внимава на хигиената, подготовката на храната и нејзино чување на соодветна температура.
Секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната граѓаните можат да ја пријават на бесплатната телефонска линија за потрошувачите на Агенцијата за храна и ветеринарство 0800 3 22 22, или на електронската пошта [email protected].
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски се сретна со еврокомесарката за проширување, Марта Кос
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево, во рамки на работната посета во Брисел, оствари средба со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
„На средбата беше потврдена силната посветеност на државата на евроинтегративниот пат, континуитетот во реформските процеси, како и носењето на законите што се составен дел од овој процес. Разговорот беше насочен и кон заедничките безбедносни предизвици и продлабочувањето на соработката во областа на безбедноста и одбраната“, соопшти МНР за средбата.
Еврокомесарката Кос ја изразила поддршката за европскиот пат на Република Северна Македонија и го поздравила континуитетот во реформите и фокусот на Владата по локалните избори.
Македонија
(Видео) Мечка со две младенчиња прошета пред планинари на Шара, во следните 2 години ќе учат од мајката како да преживуваат
Националниот парк „Шар Планина“ објави снимка направена од планинари, кои на високите планински пасишта наидоа на кафеава мечка со две мечиња родени на почетокот на 2025 година. Сцената, иако кратка, открива многу за однесувањето на овој строго заштитен вид.
Во видеото малечките љубопитно ја набљудуваат околината, но веднаш се оддалечуваат – типично однесување за мечките, кои природно ги избегнуваат луѓето. Од Националниот парк објаснуваат дека младенчињата во следните две години ќе учат од својата мајка како да преживуваат и да се приспособуваат во дивината.
Зошто мечките се појавуваат почесто оваа година?
Од паркот велат дека жителите на шарпланинските села имале повеќе средби со мечки од вообичаено. Причината, според нив, најверојатно е лесно достапната храна околу дивите депонии и вознемирувањето од моторни возила во внатрешноста на планината. Мечките не „спијат зимски сон“ целосно – туку паѓаат во длабок мир од кој можат да се разбудат и да го напуштат леглото доколку се вознемират или ако времето е невообичаено топло.
Како да избегнете средба?
Зборувајте погласно, пејте или правете шум при движење. Избегнувајте густи грмушки. Не оставајте храна или отпад зад себе.
Селфи со мечка? Не се обидувајте да фотографирате мечка. Привлекувањето мечка е опасно и има контраефект!
Што да направите ако видите мечка?
Застанете мирно. Со смирен, гласен говор направете да ве забележи. Не трчајте! Трчањето може да предизвика реакции на потера. Полека движете се настрана, без нагли движења. Обидете се да изгледате поголеми: исправете се, кренете ги рацете. Разговарајте смирено за мечката да препознае дека сте човек. Ако имате спреј за мечки, користете го само ако мечката се приближува премногу. А ако видите младенче? Секогаш има мајка во близина — повлечете се полека и смирено. Ако мечката се подигне? Тоа не е напад! Само се обидува да добие подобар поглед или мирис.
Што ако дојде до напад?
Легнете на земја, со рацете зад вратот. Престанете да се движите и симулирајте неподвижност. Почекајте мечката да се оддалечи.
Опрема за поголема безбедност: Спреј за мечки – ефикасен на далечина до околу 8 метри. Ѕвонче за мечки – дава рано предупредување и ја спречува блиска средба.
Кафеавата мечка е вреден, редок и строго заштитен вид на Шар Планина. Да ја почитуваме, да и оставиме простор и да придонесеме сите за безбедноста и на природата и на луѓето. Шар Планина е дом – да ја чуваме заедно, порачаа од Националниот парк.
Македонија
Собраниска делегација на студиска посета во Бундестагот
Делегација на Собранието и претставници на Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор, присуствува на дводневна студиска посета во Бундестагот во Берлин, Германија.
Во состав на делегација се претставници на собраниска служба предводени од генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска и заменик-генералниот секретар Бобан Стојаноски.
Предмет на студиската посета се институциите кои се дел од надзорот над безбедносно-разузнавачкиот сектор во Германија.
Делегацијата имаше можност да слушне како функционира парламентарниот надзор во Германија, земја која обезбедува посебно релевантни примери, со оглед на нивната воспоставена и повеќеслојна рамка за надзор на разузнавањето, вклучувајќи ги парламентарните механизми и механизмите за заштита на податоците.
Во текот на посетата беа остварени работни средби со претставници од надзорните тела на кои беа споделени најдобрите искуства и практики од германските колеги.
Работната посета има за цел да го поддржи професионалниот развој на Службата на Собранието, преку компаративни сознанија и конкретни алатки за зајакнување на надзорот на разузнавачките служби во согласност со меѓународните стандарди и најдобрите практики.

