Македонија
АХВ почна со орална вакцинација на лисиците протиов беснило: внимателно движете се во природа
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), од 15 септември почна кампања за орална вакцинација на лисиците и дивите карнивози против болеста беснило. Кампањата се спроведува со авионско фрлање на вакцинални мамки од спортскиот аеродром во Штип и се реализира со финансиска поддршка од Европска здравствена и дигитална извршна агенција (HADEA). Вредноста на поддршката од Агенцијата за период од три години за пролетната и есенската орална вакцинација изнесува околу 2,5 милиони евра.

Мамките се фрлаат на целата територија на државата, со исклучок на населените места, водените површини и планинските врвови над 2.000 метри надморска височина. Во оваа кампања фрлени ќе бидат околу 450 илјади вакцинални мамки. Кампањата е предвидено да заврши на крајот на септември годинава, а со истата ќе се одбележи Светскиот ден за борба против беснило – 28 Септември.

„Апелираме до граѓаните во наредниве денови исклучително внимателно да се движат во природа, да внимаваат во комуникацијата со животните, особено со лисиците кои се приближуваат до населените места и кои не покажуваат страв од луѓето и во никој случај да не ги допираат вакциналните мамки, кои се со кафена боја и личат на чоколадни коцки. Направени се од смеса со рибино брашно и имаат мирис на риба кој ги привлекува лисиците. Во мамките има пластична капсула со течна вакцина која содржи атенуиран вирус на беснило и биолошки маркер – тетрациклин за утврдување на успешноста на вакцинацијата. Истите се соодветно обележани, со инструкции за начинот на постапување при допир.

Доколку сепак се случи да дојдет во контакт со мамките, рацете задолжително да се измијат со поголемо количество вода и сапун, а при самоповредување или рассечување со дел од капсулата на вакцината, задолжително да се побара помош од доктор по медицина. За време на кампањата и наредните денови, се препорачува кучињата да се шетаат на поводник, за да се избегне нивен контакт со мамките. Доколку кучињата или мачките дојдат во контакт со мамката, таа не е штетна по нивното здравје“, велат од АХВ.

Три недели по завршувањето на вакциналната кампања, АХВ ќе спроведе контрола на успешноста на акцијата (поствакцинален мониторинг), при што апелираме до ловните друштва, од средината на месец октомври, согласно склучените договори, да извршат застрел на договорениот број лисици за лабораториско испитување на успешноста на имунизацијата кај лисиците преку утврдување на присуство на антитела и детекција на тетрациклин во забите кај отстреланите лисици.

Македонија почна со имплементација на Програмата за орална вакцинација на лисиците против беснило во мај 2011 година кога се реализираше првата кампања. Оттогаш потврдени се 9 случаи на беснило, 8 кај диви животни (4 лисици и 4 волци) и еден кај домашна мачка во 2012 година. Од 2012 година, кога е потврден последниот случај на беснило кај мачка во Радовишко, во земјава не се регистрирани нови случаи на болеста кај домашните животни. Овогодинешната есенска кампања за орална вакцинација се спроведува за прв пат по 3 години пауза, односно последната ваква акција е извршена во есента 2022 година, додаваат од АХВ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

