Македонија
АХВ: Почнува есенската кампања за вакцинација на лисиците против беснило, граѓаните да внимаваат доколку најдат мамка да не ја допираат
Со авионско фрлање на вакцинални мамки, денеска почнува тринаесеттата, есенска кампања на Агенцијата за храна и ветеринарство за вакцинација на лисиците против беснило, која ќе се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија, соопштија од АХВ.На целата територија на Македонија, со исклучок на населените места, водените површини и високите планински врвови, заклучно со 19 октомври, од спортските аеродроми во Скопје и Штип ќе бидат фрлени 500 илјади вакцинални мамки, наведуваат од Агенцијата од каде преку своето соопштение апелираат до граѓаните да внимаваат при движењето во природа и доколку најдат мамка никако да не ја допираат.
„Мамките се со кафена боја и наликуваат на чоколадни коцки. Направени се од смеса со рибино брашно и имаат мирис на риба кој ги привлекува лисиците. Во мамките е сместена пластична капсула во која се наоѓа течна вакцина која содржи ослабен вирус на беснило, како и биолошки маркер – тетрациклин, кој се користи за утврдување на успешноста на вакцинацијата. Како одговорна институција апелираме мамката да не се допира, но, доколку сепак граѓаните дојдат во контакт со неа, таа треба внимателно да се отстрани и остави во помалку населена област, каде ќе биде неможно истата да дојде во контакт со деца. Ако се случи граѓаните да дојдат во контакт со течната содржина од капсулата, неопходно е рацете да се измијат со голема количина сапун и вода, во траење од најмалку пет минути и задолжително веднаш да појдат на лекар. Мамката внимателно треба да се земе со ракавица или кеса и да се понесе со себе“, образложуваат од АХВ во своето соопштение.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство исто така ги потсетуваат и сопствениците на домашни миленици, кучиња и мачки дека имаат законска обврска да ги вакцинираат животните против беснило, болест која во Македонија за последен пат е регистрирана во 2012 година. По реализација на вакциналната кампања против беснило, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе спроведе поствакцинален мониторинг заради контрола на успешноста на оралната вакцинација, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Милошоски – Клајн: Поддршка од Унгарија кон нашите ЕУ интеграции
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, оствари работна средба со амбасадорот на Унгарија, Андраш Клајн, придружуван од заменик-шефот на Мисијата, Атила Фодор.
Во разговорот беа потенцирани одличните билатерални односи на нашата земја со Унгарија, засновани на меѓусебна доверба, почит и соработка. Посебен акцент беше ставен на економската и политичката соработка помеѓу државите, како и реализацијата на заеднички проекти.
Амбасадорот Клајн ја истакна поддршката на Унгарија кон нашите ЕУ интеграции, истакнувајќи ја важноста на членството во ЕУ на земјите од Западен Балкан кон стабилноста, безбедноста и економскиот просперитет на Регионот.
Македонија
Превентивно повлечени одредени серии „Аптамил“ формули за доенчиња, соопшти АХВ
Агенцијата за храна и ветеринарство информира дека, врз основа на информации добиени преку европскиот Систем за брзо предупредување за храна и храна за животни (RASFF), спроведено е превентивно повлекување од пазарот на одредени серии формули за доенчиња од брендот „Аптамил“.
Направена е итна инспекциска контрола кај увозникот на производите, од кој АХВ доби и официјално известување дека од пазарот веќе се повлечени производи опфатени со нотификациите и дека е извршено и нивно отповикување. Повлекувањето се однесува на ограничен број серии кај кои постои можност за присуство на цереулид.
„Производи опфатени со повлекувањето:
· APTAMIL AR 2
Сериски број (лот) Рок на употреба
20250924 / 111492248 24.09.2026
20251106 / 111505015 06.11.2026
· APTAMIL PRONUTRA 2
Сериски број (лот) Рок на употреба
20250619 / 111450979 19.06.2026
20260720 / 111470149 20.07.2026
20260922 / 111494041 22.09.2026
20261027 / 111509436 27.10.2026
20261130 / 111518857 30.11.2026
20261219 / 111526365 19.12.2026
20270121 / 111539141 21.01.2027
· APTAMIL PRONUTRA 1
Сериски број (лот) Рок на употреба
20260722 / 111473082 22.07.2026
20260904 / 111489543 04.09.2026
20261014 / 111504828 14.10.2026
20261126 / 111519122 26.11.2026
АХВ со апел потрошувачите кои имаат купено од наведените производи со дефинираните сериски броеви и рокови на употреба, истите да не ги користат, нештетно да ги уништат, или да ги вратат на местото од каде се купени.
Македонија
Владата го утврди Предлог-Законот за Советот на јавните обвинители, соопшти Министерството за правда
Владата на денешната седница на предлог на Министерството за правда го утврди Законот за Советот на јавни обвинители.
Овој закон, како што е соопштено, претставува значаен чекор кон зајакнување на независноста, отчетноста и транспарентноста на јавнообвинителскиот систем.
„Клучни измени во Предлог-законот:
Детално уредена постапка за разрешување на претседателот и заменик-претседателот на Советот, која се покренува врз основа на образложено барање од најмалку четири члена на Советот.
Засилена улога на Советот во постапката за избор и разрешување на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, вклучително и можност за поднесување иницијатива за разрешување до Собранието.
Зајакната транспарентност на работата на Советот, преку јавност на второстепената дисциплинска постапка, со јасно утврдени исклучоци за заштита на лични податоци, угледот на странките и други легитимни интереси.
Воведување прецизни и јасни критериуми за избор на членови на Советот, со кои се гарантира стручност, искуство и интегритет, по пример на новиот Закон за Судскиот совет.
Детално уредена постапка за разрешување на член на Советот, со прецизирани рокови и јасни критериуми“.
Од министерството информираат дека Предлог-законот, заедно со Предлог-законот за Јавното обвинителство, добија заедничко позитивно мислење Венецијанската комисија.

