Македонија
АХВ: Системот за справување со африканската свинска чума обезбедува заштита и спречува ширење на болеста
Планот за итни мерки на Агенцијата за храна и ветеринарство за справување со болеста африканска свинска чума обезбедува висок степен на заштита и спречување на ширење на болеста, заклучија денес експертите на Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите нации – ФАО, по завршувањето на дводневната симулациска вежба која се одржа во Беровско, а на која се проверуваше функционалноста на планот и координираноста на институциите и протокот на информации за да се одговори брзо и правилно, при евентуална појава на болеста.
Официјални ветеринари од Агенцијата за храна и ветеринарство, претставници од Факултетот за ветеринарна медицина и од ветеринарните друштва, со помош на експертите од ФАО спроведоа вежби во индивидуално одгледувалиште во село Русиново, во комерцијална фарма во село Умлена и во ловиште. Како дел од вежбата формиран беше и локален центар за контрола на болеста, како тело кое раководи со спроведувањето на плановите за итни мерки, и постапува во услови на итна кризна или вонредна состојба кога е загрозено здравјето и благосостојбата на животните на локално ниво. Негова функција е и воспоставување на ефикасна комуникација со Националниот центар за контрола на болести во услови на потврда на присуство на болест.
Поделени во 4 тимови, во изминативе два дена, практично беа спроведени вежби за чекорите кои се преземаат при појава на сомнеж и при потврда на присуство на болеста африканска свинска чума. Беа вежбани начините на влез во сомнително одгледувалиште, клинички и патолошки преглед на свињи и препознавање на симптомите, земање примероци за лабораториско испитување, биосигурносни мерки кои се спроведуваат во одгледувалиштата и ловиштата и начинот на постапување по лабораториско потврдување на присуство на болеста. Во рамки на вежбата практично беа објаснети и процедурите за убивање на животните и нивно нештетно отстранување, за чистење и дезинфекција, како и планот за искоренување на болеста кај дивите свињи.
Од страна на експертските тимови, акцент беше ставен и на комуникацијата со локалниот центар за контрола на болести, кој за потребите на симулациската вежба беше позициониран во Берово.
Симулациската (практична) вежба, се реализира како планирана активност на АХВ во соработка со проектот “Африканска чума кај свињите – подготвеност и брзо постапување”, како дел од активностите на ФАО за помош на земјите од Балканот за зајакнување на национлните капацитети со цел соодветно да одговорат на можна појава на болеста африканска свинска чума.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Перински: Поддршка за локалниот потенцијал – Објавен повик за зголемување на регионалната конкурентност
Министерството за локална самоуправа објави Јавен повик за финансирање на предлог-проекти насочени кон намалување на диспаритетите меѓу и во рамките на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2026 година, по одделни мерки и активности за поттикнување рамномерен регионален развој.
Целта на повикот е доделување средства на проекти кои ќе придонесат кон намалување на разликите во степенот на развиеност меѓу регионите, јакнење на регионалната конкурентност и поттикнување на локалниот развој преку искористување на сопствените потенцијали.
Како приоритетни за 2026 година се утврдени следните активности и мерки:
– развој на современа и модерна инфраструктура во планските региони;
– препознавање и искористување на конкурентските предности на планските региони;
– подобрување на енергетската ефикасност на јавните објекти и користење обновливи извори на енергија.
Вкупниот износ на средства предвидени за финансирање на проекти изнесува 74.840.000 денари. Овие средства се предвидени во Програмата за намалување на диспаритетите меѓу и во рамките на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2026 година.
Право на поднесување предлог-проекти имаат: Центрите за развој на планските региони, општините, општините во градот Скопје, градот Скопје, јавните претпријатија и јавните установи основани од државата, од општините, од општините во градот Скопје и од градот Скопје, високообразовните и научни институции и здруженијата.
Рок за поднесување апликации е во текот на 2026 година, односно до искористување на расположливите средства.
Повикот со условите и критериумите е достапен на веб-страницата на Министерството за локална самоуправа на следниот линк.
Македонија
Од јули директни летови од скопскиот аеродром до атрактивните дестинации Алгеро и Палермо во Италија
Меѓународниот Аеродром Скопје, управуван од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми и членка на Групацијата АДП ја проширува својата мрежа на дестинации со воведување на уште две нови авиолинии до најголемите острови во Италија – Сицилија (Палермо) и Сардинија (Алгеро), на Виз ер, најголемата авиокомпанија во Северна Македонија.
Од 15 јули стартува линија од Скопје до Палермо, со која Виз ер ќе сообраќа три пати неделно, секој понеделник, среда и петок, со достапни цени од 29,99 €, а од 18 јули започнува рутата Скопје – Алгеро, која ќе лета два пати неделно, секој вторник и сабота со достапни цени од 39,99 €.
Со започнувањето на овие две нови рути, Виз ер ја потврдува својата долгорочна посветеност на пазарот и дополнително го проширува своето присуство во земјата.
Летовите до двете нови дестинации се планирани како сезонски линии, односно ќе се реализираат до 11 и 12 септември.
„Пресреќни сме што ви го претставуваме возбудливото проширување на скопскиот аеродром. Ова проширување не само што ја збогатува нашата понуда, туку им овозможува на нашите ценети патници фантастичен избор на патувања и флексибилност полесно да ги планираат своите патувања. Со воведувањето на низа нови линии, гордо ја потврдуваме нашата посветеност на растот и иновациите, отворајќи врати за нови партнерства, културни размени и полесен пристап до динамичните европски пазари. И ако мислевте дека сме застанале – не, ние штотуку започнуваме! Овие дестинации се вистински рај на земјата и ве очекуваат да ги откриете!
Овој развој е доказ за нашата еволуција во значаен транспортен центар, каде што авантурата ве чека на секој чекор! Затоа, спакувајте ги куферите и подгответе се за нови прекрасни патувања – скопскиот аеродром е тука за да го издигне вашето патничко искуство на повисоко ниво“, изјави Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.
„Овие нови рути од Северна Македонија ја одразуваат нашата посветеност да им понудиме на патниците повеќе опции за патување низ Европа. Воодушевени сме што ја прошируваме нашата Македонска мрежа со воведување нови директни врски со Италија. Овој развој создава поголеми можности за патување за патниците, а воедно обезбедува и повеќе можности за одмор и градски одмор. Поврзувањето на патниците со живи дестинации отсекогаш било наша цел и сме благодарни за растечкиот број македонски патници кои го избрале Виз Ер, рече Вера Јардан, менаџер за корпоративни комуникации во Виз Ер.
Во моментов, Виз ер нуди 45 линии до 41 дестинација во 17 земји од Северна Македонија. Во 2025 година, авиокомпанијата реализираше повеќе од 10.000 летови од и кон земјата, превезувајќи речиси 2 милиони патници. Степенот на реализирани летови од 99,48% е еден од највисоките во индустријата.
Новите рути од Скопје до Палермо и до Алгеро претставуваат директна поврзаност со две атрактивни медитерански дестинации, познати по својата туристичка понуда, културно наследство и економско значење. Со ова проширување, ТАВ Македонија продолжува со својата стратегија за зајакнување на европската поврзаност и отворање нови можности за патување, туризам и бизнис соработка.
Уште една потврда за константниот раст на ТАВ Македонија е последната статистика за јануари, која покажува раст на двата македонски аеродроми. Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид во првиот месец од годината, заедно опслужија 289.584 патници на 2.009 летови. Изразено во проценти, тоа се 31% повеќе патнички сообраќај и 10% повеќе летови споредено со истиот месец, 2025 година. Со актуелниот зимски ред на летање, на Меѓународниот аеродром Скопје вкупно 15 авиокомпании оперираат летови до 50 дестинации, додека на Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, 3 авиокомпании реализираат летови до 8 дестинации.
Со почетокот на летниот ред на летање, кон крајот на март, скопскиот аеродром ќе ја прошири својата мрежа на линии со уште две нови релации – кон Будимпешта и Неапол, додека охридскиот аеродром ќе добие нова линија до Милано. Во мај, Аустријан ерлајнс ќе започне со летови од Охрид до Виена, а во јуни, Виз ер ќе воведе уште две нови линии од Охрид до Катовице и Вроцлав.
Македонија
„Сѐ е исто како во времето на Груевски, затоа и постојано одат со владиниот авион во Будимпешта по нови задачи и насоки“, велат од СДСМ
„55 дена нема одговор од Обвинителството за криминалните тендери, молчи и Државната комисија за спречување на корупција. Нема одговори за 161 тендер за една фрима, 51 тендер преку општините за друга, 74 тендери за трета, нема одговори за 9 милиони евра за фирма со само двајца вработени, за тендерот од 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта“, велат од СДСМ.
„Милионски тендери добиваат едни исти фирми блиски до власта а Обвинителството молчи и не презема ништо. Судството и обвинителството се целосно под контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ. Поставуваат свои луѓе на клучни позиции, носат „реформи“ и закони спротивни на препораките од ЕУ.
Очигледно Обвинителството служи како алатка за заплашување. Безбедосните службите се злоупотребуваат за следење, медиумите од мрежата на Орбан за црни кампањи.
Му се закануваат на претседателот на синдикатот кој се бори за поголема минимална плата за работниците. Го следат дури и кога е со своите деца. Сѐ е исто како во времето на Груевски. Затоа и постојано одат со владиниот авион во Будимпешта по нови задачи и насоки“, соопшти СДСМ.

