Македонија
АХВ со засилени инспекциски контроли
Инспекторите за храна и официјалните ветеринари на Агенцијата за храна и ветеринарство во првите три месеци од годинава спровеле 16.578 инспекциски контроли, од кои 11.761 редовни, 1.464 контролни и 3.353 вонредни контроли. За констатираните недоследности изречени се 1.769 мерки. Донесени се 1.216 решенија, спроведени се 499 едукации на операторите со храна, изречени се 5 мандатни казни и поднесени се 13 прекршочни пријави.
Како небезбеднa храна инспекциските служби на Агенцијата, но и самите оператори, во првиот квартал од 2019 година нештетно уништиле 68.806 килограми храна, од кои најголемиот дел, односно 58.991 килограм, храна од животинско потекло.
Официјалните ветеринари на граничните премини во првите три месеци од годинава извршиле контрола на 3.980 пратки од увоз со 45.145.312 килограми храна од животинско потекло. Вратени и уништени небезбедни пратки од увоз во овој временски период нема.
Инспекторите за храна на граничните премини извршиле контрола на 10.847 пратки со 117.175.259 килограми храна од неживотинско потекло. Во првиот квартал од 2019 година нема вратени или уништени небезбедни пратки од увоз.
Во истиот временски период извршени се и 2.709 контроли на пратки со 23.245.151 килограми предмети и материјали што доаѓаат во контакт со храната. Забранет увоз или уништени пратки од оваа категорија производи од увоз во првиот квартал на годинава нема.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

