Македонија
Ахмети: Албанците се на раководни позиции повеќе од кога било, но тоа не е доволно, време е за премиер
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, истакна дека Албанците во земјата се на раководни позиции повеќе од кога било, но тоа не било доволно и повика на избирање на премиер Албанец.
„Охридскиот договор се спроведува. Албанскиот јазик веќе има рамноправен и службен статус исто како и нашето знаме. Преспанскиот договор е потпишан и Уставот е изменет. Ние сме полноправна членка на НАТО и преговараме за членство во Европската Унија. Денес, повеќе од кога било Албанците предводат раководни позиции, како претседатели на Врховен и Уставен Суд, министри за одбрана и за внатрешни работи, заедно со клучни државни институции, како и претседателот на Собранието. Но, сепак, ова не е доволно. Сега е време сонот да продолжи. Време е за поголеми сништа затоа што дојде време да постигнеме повеќе“, рече Ахмети истакнувајќи дека е време за првиот премиер Албанец во Северна Македонија.
До оние на кои оваа идеја им се чини неостварлива првиот човек на ДУИ порача дека кога Албанците сонувале за слободата во 2001 година, истата категорија луѓе се потсмевале и го кренале белото знаме. Тоа се случило и со идејата за претседател на Собранието и со рамноправноста на албанскиот јазик.
„Во држава каде што еден Албанец или Албанка може да стане премиер и да биде достoен предводник кој ќе гарантира доживотно партнерство со Соединетите Американски Држави и Европската Унија“, вели Ахмети.
Ахмети понатаму појасни дека тој нема да биде кандидатот за премиер.
„Оваа идеја е поголема од секоја партија и секоја личност. Ова идеја не се однесува на ДУИ и, секако, најмалку се однесува на мене лично. Јас сум тука за да му го продолжам животниот век на процесот, да го предводам концептот, да станам мост и да го трасирам патот создавајќи околности за остварување на сонот, а на вас останува да го спроведете. Јас сеам за вие да жнеете. Јас сонувам за вие да остварувате. Јас ќе бидам храбар за вие да го доживеете тоа“, рече Ахмети.
Тој побара обединување истакнувајќи дека првиот премиер Албанец ќе биде премиер на Албанците и на сите.
„Премиер кој обединува и ќе почне нова епоха не само во албанската историја, туку и во таа на Северна Македонија, дури и во европската историја. Сега е време. Време е да се обединиме, време е повторно да дејствуваме заедно“, рече Ахмети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

