Македонија
Ахмети му пиша на Коѕијас: Убеден сум дека нашите разговори ќе продолжат
Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, испрати писмо до екс-министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас по оставката од функцијата што ја поднесе во средата, соопшти партијата на Ахмети.
„Со разочарување ја примив веста за твојата оставка од Министерството за надворешни работи на Република Грција бидејќи веќе четири години работиме заедно за европски вредности, добрососедство, мирен регион, стабилност и безбедност. Нашата соработка беше природна бидејќи нѐ соединуваат нашите геостратешки и геополитички убедувања не само за нашите земји туку и за регионот и пошироко, волјата за решавање на прашањата помеѓу Скопје и Атина, но и согледувањата за односите со Албанија и Косово“, се вели во писмото.
Ахмети му заблагодарува на Коѕијас за неговата посветеност и придонесот за мир и за затварање на прашањата со соседите, во насока на интеграциите во НАТО и ЕУ.
„Убеден сум дека нашите долги, пријателски и многу искрени разговори ќе продолжат со заедничкото ангажирање за вредностите кои ги делиме. Ти посакувам здравје, среќа и кај мене секогаш ќе најдеш отворена врата за да се остварат нашите убедувања за еден развоен и интегриран регион“, се вели во писмото што Ахмети му го испратил на Коѕијас.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

