Македонија
Ахмети на средба со евроамбасадорот Гир: во фокусот претседателските и парламентарните избори

Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, оствари средба со шефот на Делегацијата на Европската Унија во нашата земја, Дејвид Гир.
Соговорниците разговараа за политичките случувања во земјата, претседателските и парламентарните избори, владеењето на правото и евроинтеграциите.
Ахмети го информира амбасадорот Гир за цврстата проевропска позиција на Демократската унија за интеграција и за продолжување на конкретизирањето на иницијативата за заеднички фронт, што ќе го трасира безбедниот пат на земјата кон европскиот хоризонт.
Двајцата соговорници го истакнаа големото значење на демократското одвивање на претседателските и парламентарните избори за европската иднина на земјата.
Ахмети нагласи дека во фокусот на владината коалиција отсекогаш биле уставните измени и зајакнувањето на механизмите за владеење на правото и дека тие несомнено остануваат неоспорен приоритет на земјата на патот кон Европската Унија.
Демократската унија за интеграција ќе продолжи со сиот свој потенцијал да инсистира на усвојување на уставните измени и продолжување на реформирањето на земјата во европски дух.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја делови од Општина Центар

Без струја денеска ќе останат делови од Општина Центар.
„Од ЕВН Македонија АД добивме известување дека на ден 09.08.2025 година (сабота) без електрична енергија ќе останат: во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од Даме Груев, улица Свети Кирил и Методиј (Општина Центар)“, информира ЦУК.
Македонија
Сончево и топло време

Времето денеска ќе биде сончево и топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 20, а максималната ќе достигне од 31 до 38 степени, информира УХМР.
Во Скопје, сончево и топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 37 степени.
Под влијание на многу топла воздушна маса од југ, за време на викендот и во текот на наредната седмица времето ќе биде претежно сончево и многу топло со пораст на дневната температура.
Особено топло ќе биде од недела кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе достигне 40°C.
Македонија
На Табановце се чека по 20-тина минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, информира АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, на Табановце времето на чекање за влез и излез од државата е околу 20 минути, на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.