Македонија
Ахмети: Овој јубилеј е посветен на следните две децении, кој е подготвен нека се устрои зад мене
Демократската Унија за Интеграција денес во Скопје ја одбележа 20-годишнината од формирањето како политички субјект.
На овој настан, претседателот на ДУИ, Али Ахмети во својот говор целосно го елаборираше успехот на ова дводецениско патување.
“Како денес, пред 20 години се соединија ослободители и слободољубиви, идеалисти и мисионери, миротворци и мирољубиви, интелектуалци и патриоти, се собраа да го основаат нашето заедничко семејство со здрави и стабилни темели, Демократската унија за интеграција. На нашите две децении (постоење) вчера и завчера им се радуваа десетици илјади граѓани на плоштадите во Скопје и Тетово, со силни и издржани причини, затоа што имаат за што да се радуваат и слават. Сите заедно им се радуваат на: МИРОТ,помирувањето,спроведувањето на Охридскиот договор,еднаквоста и правдата,консензуалната демократија,внатрешната, регионална и евро-американска интеграција како и иднината, зелената агенда.” изјави Ахмети.
Тој додаде дека мирот и помирувањето во нашата земја беа постигнати во соработка со македонските политички партии со преземање заедничка одговорност за спроведување на Охридскиот договор и постигнување конечно помирување меѓу заедниците. Овие чекори доведоа и до целосна ИНТЕГРАЦИЈА во државата, во општините, во владата, во собранието, во администрацијата, во полицијата од 170 полицајци на над 2.000, во армијата од 65 на над 2.000, во администрацијата од 2% до над 21%, па се до највисокото раководство на сите државни институции со целосна одговорност.
“Интеграцијата во земјава наметна и регионална интеграција преку нашата политика НУЛА ОТВОРЕНИ СПОРОВИ СО СОСЕДИТЕ и поставување на ЦРВЕНИ ЛИНИИ за нашата партија кои се:Охридскиот Договор,Договорот од Преспа,Договорот за добрососедство.Од овие црвени линии BРАЌАЊЕ НАЗАД НЕМА и кој сака да биде партнер со нас, мора да ги почитува овие принципи.Овде сакам да го поздравам и признавањето на автокефалноста на Македонската православна црква, со која затвори уште еден важен спор за нашата земја.”,изјави Ахмети.
Тој се осврна и на проблемот со Бугарија и истакна дека мора да работиме на позитивен епилог со нашиот сосед Бугарија за нашиот билатерален спор и да ги стесниме просториите за дејствување на злонамерни агенди во земјата и регионот, кои не се совпаѓаат со нашите западни дефиниции.
Итното затворање на овој спор ќе биде од корист за бугарската заедница во нашата земја, регионот и Европа, но секогаш без да се загрози националниот и јазичниот идентитет на моите сограѓани. Европа не може биде целосно спокојна без Западен Балкан и тоа треба да биде приоритет на Европската унија колку што е и наш приоритет.
Ахмети наведе дека денес целиот свет е во неизвесност, економијата е загрозена, животот е ранлив. Гледајќи ги тажните сцени што ги остава војната, се чувствувам разочаран од неодговорноста на рускиот народ, на неиспровоцираните и неразумни руски злосторства и агресија во Украина.
Ахмети ги повика сите учесници во општеството, политичари, институции, медиуми, невладини организации, судство и обвинители, да отворат национален фронт против корупцијата и да ја искоренат, не со зборови, пропаганда и клевети, туку со конкретни обвиненија, без лов на вештерки.
Тот порача на меѓународната заедница, другите заедници во земјата и политичките партии во земјата, (и им велам) дека во Демократската унија за интеграција ќе продолжите да имате лојален партнер, со збор и со дело, во идеалите и вредностите, фронтмен во гореспоменатите битки.
“Овој 20 годишен јубилеј е посветен на следните две децении и затоа кој е спремен и подготвен за ова патување, нека го врзе појасот и нека се устрои зад мене” изјави Ахмети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тим на ВМРО-ДПМНЕ се сретна со поранешни амбасадори, презентирана платформа 1198 и побарана поддршка
Тим на ВМРО-ДПМНЕ предводен од Тимчо Муцунски се сретна со поранешни амбасадори, пришто беше презентирана платформата 1198 и побарана поддршка.
Пратеничката Иванка Василевска член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, соопшти дека таа, Муцунски, меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и заменик министер за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски и меѓународниот секретар на УМС на ВМРО-ДПМНЕ Тодор Конески се сретнале со поранешните амбасадори и конзули Н.Е. Василка Треневска, Томи Димитровски, Веле Трпевски, Оливер Шамбевски и Драган Ѓурковски.
„Во разговорот им ја претставивме нашата визија преточена во #платформа1198 и побаравме поддршка за следните активности на полето на дипломатијата и меѓународните односи.
Помеѓу другото се заложивме дека клучна стратегиска цел на идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ е Македонија да биде полноправна членка на Европската Унија. Исто така, заклучивме дека нашите надворешно-политички приоритети треба да се засноваат врз принципите на рамноправност, заемна доверба, солидарност, дијалог, меѓусебно почитување и реципроцитет. Нашиот интерес е да градиме национално единство по клучните прашања“, објави Василевска.
Македонија
Буневски од ЗНАМ: Производството на сопствена храна, вода и енергија е приоритет
Денеска беше промовиран дел од Програмата за земјоделство и производство на храна од Прогласот за достоинствена Македонија на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
За мерките пред новинарите зборуваше професорот Ѓоко Буневски, кој рече дека Македонија е традиционално аграрна земја, со учество на земјоделството во бруто-домашниот производ од околу 10 проценти, односно, заедно со преработувачката индустрија 12-15 проценти и е на третото место, после индустрискиот сектор и услугите.
„Во Движењето ЗНАМ – За наша Македонија имаме преку 40 предлог мерки за подобрување на секторот производство на храна, но тука ќе ги истакнеме само поважните: – Воведување забрана за пренамена на земјоделско земјиште од прва. до трета категорија за друга намена, освен за производство на храна. – Приоритетно доделување земјоделско земјиште на локалните фармери, а не на странски инвеститори. Локалните фармери мора да имаат приоритет при доделувањето земјоделско земјиште. – Форсирање на синџирот “од нива до трпеза”. – Субвенционирање по предадени земјоделските култури по загарантирана откупна цена“, рече Буневски.
Тој додаде дека сме сведоци на состојбата каде земјоделските производи се откупуваат од земјоделците и под нивната производна цена, што го прави производството на храна непрофитабилно и неконкурентно.
„Токму затоа, рече тој, – сметаме дека е многу важно за развојот на оваа гранка да се обезбеди откуп по загарантирани цени“.
Буневски потенцира дека покрај овие мерки, Движењето ЗНАМ ќе се заложи да се зголемат субвенциите во земјоделството барем на ниво на соседните земји, а буџетот од сегашните 160-180 милиони евра да се реорганизира и да се воведат нови мерки за субвенционирање. Исто така, тој рече дека ќе предложат мерки за да се намали, па дури и запре напуштањето на селото и земјоделството, особено со поголеми стимулирања на млади фармери, на жените фармери, како и поголеми погодности за отворање бизнис во овие средини. Како што рече Буневски, ќе се обрне големо внимание на мерките за подобрувањње на квалитетот на храната, а ќе се подобри и степенот на советодавни услуги за земјодлеците, а особено за современите технологии и иновации во секторот, Професор Буневски потенцира дека многу важен сегмент е брендирањето на традиционалните производи и производи со познато географско потекло и рече дека во момментот 160 производи чекаат и стојат во фиока.
Како мерка која треба да се воведе, е и заштитата на генетските ресурси во растителното и сточарското производство. Исто така за да може да се подобри севкупната ситуација во овој сектор Буневски рече дека ЗНАМ ќе воведе стипендирање на деца од земјоделски земејства на земјоделските школи и факултети. „Земјоделството бара долгогодишна стратегија, а не брзи политички инстант решенија, која политичка партија доаѓа на власт, како од неа да почнува се. Производство на своја храна, вода и енергија е приоритет на секоја земја. Затоа сметаме дека е неопходно да дадеме максимум за земјоделството, максимум за Македонија“, рече Буневски
Македонија
Мицкоски: Потребна е масовна излезност на 8 мај за да ги пратиме во опозиција ДУИ кои ја ограбуваат и ја ставаат Македонија на колена
Овој резултат од 24 април е и одговорност. Се што зборуваме треба и да примениме. Народот очекува и убеден сум дека во овие нешто повеќе од 10 дена народот ќе се приклучи, народот е обединет и сака промени и брзи резултати, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во Росоман.
Мицкоски информираше дека како коалиција внимателно е пристапено во креирање на програмата.
„Внимаваме што ќе ветуваме, не сакаме да ветуваме нешто што не може да се реализира, не сакаме народот да ја губи надежта. Си дадовме збор дека програмата ќе ја ревидираме за две години. Нема скандал за повеќе од две години во работата на градоначалниците. Затоа можам да кажам дека поучени од ова искуство имајќи во предвид дека најголем дел од проектите се веќе реализирани одлучивме по две години да направиме ревизија и на оваа програма. Сметаме дека можеме повеќе, ама не сакаме да ве разочараме“, кажа Мицкоски.
Мицкоски порача дека сега треба максимална мобилизација бидејќи како што рече „нема да остават да биде едноставно, мора да добиеме мнозинство во парламентот, да имаме наш претседател и заедно со градоначалниците да направиме трансформација на Македонија“, изјави Мицкоски.
Според него за ова треба масовност.
„Има центри на моќ кои не сакаат да ја видат успешна Македонија, имаме такви и тие беа клучен фактор до сега беа и во Владата, и тука мислам на ДУИ и Али Ахмети, тој сака да ја види осиромашена Македонија и слично. Тие не сакаат да ја видат успешна Македонија“, рече Мицкоски.
Мицкоски укажа дека овие избори се шанса криминалците да ги пратиме во опозиција.
„И ова го зборам само поради криминалот, не го зборам за ДУИ затоа што се Албанци, не, туку поради криминалот. Јас ја повикав опозицијата кај Албанците да се бориме заедно. Јас се борам против ДУИ кои ја ограбуваат и на колена ја ставаат Македонија“, заклучи Мицкоски.