Македонија
Ахмети тврди дека нема детали за локацијата на Груби откако вчера рече дека е на албанска територија

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети тврди дека не знае каде се наоѓа поранешниот вицепремиер, Артан Груби, откако вчера за неговиот најблизок соработник рече дека е добар и се наоѓа на албанска територија, но немале средба.
По денешните реакции во јавноста да каже каде се наоѓа Груби, кој се бара со меѓународна потерница за криминал во Државна Лотарија, Ахмети изјави за „ТВ21“ дека не контактирале лично и нема детални информации каде е тој во моментов.
„Немам детални информации каде актуелно се наоѓа. Мојата изјава во текот на вчерашниот ден е базирана на тоа што е јавно изјавено од претставници на Владата, но исто така и од фактот дека тој легално си ја поминал границата Македонија-Косово“, рече Ахмети во изјава за телевизијата повторувајќи дека Груби заслужува правичен и неселективен судски процес.
Меѓу осомничените за овој случај е и поранешниот директор на Државната лотарија, Прпарим Бајрами, кој истотака, не е достапен за органите на прогонот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Антикорупционерката Димитровска, избрана со максимум бодови од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, го олицетвори гнилиот систем, велат од Левицата

Веста дека претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, е осомничена за оддавање на службени тајни на обвинет во случајот „Адитив”, е доказ дека т.н. „борба против корупцијата“ со ДПМНЕ и СДС на моќ е ништо друго туку мизерен театар за јавноста, оценуваат од Левица.
Жената која, како што велат, требаше да биде водач во сузбивањето на корупцијата, станала нејзин соучесник.
„Сепак, ова не е индивидуален „пропуст“, туку е последица на отворено политичко-партиска пазарна селекција на кадри. Имено, Димитровска беше едногласно избрана со максимални бодови од пратениците на ДПМНЕ, СДС и ДУИ – партиите кои наводно се “непомирливи противници“, но единствени кога треба да се инсталираат партиски кадри на клучни позиции.
Откако беше поставена на чело на Комисијата, Димитровска не само што не отвори ниту еден сериозен предмет, туку претвори сè што е скандал поврзан со владата на Мицкоски во баналност. На пример, ДКСК не утврди неправилности во патувањето на синот на Мицкоски на НАТО самитот на државен трошок; Не утврди неправилности во назначувањето на Бојан Христовски како директор на АНБ и покрај фаличниот сертификат за англиски јазик, сомнителната диплома за високо образование, работното искуство, партиската книшка и активноста во ДПМНЕ“, посочуваат од Левица.
Потсетуваат дека и сопругата на партискиот адвокат на Зоран Заев – Софија Спасовска Медарска, во 2023 година беше избрана за член на актуелниот состав ДКСК со единство на гласовите од пратениците на широката коалиција – ДПМНЕ, СДС и ДУИ.
Оттука, додаваат, актуелната Антикорупциска комисија е резултат на познатиот договорен модел – вие нашиот, ние вашиот.
Левица бара, целиот состав на ДКСК веднаш да си поднесе оставка и сите предмети што ги водела оваа Комисија да бидат целосно ревидирани.
За нив, нема правда и сузбивање на корупцијата додека партиите си поставуваат чувари на своите тајни и апологети на нивната коруптивност и криминал наместо контролори на власта.
Македонија
На лекување остануваат уште 33 пациенти во странство и тројца во државата

Денеска, се враќаат уште пет пациенти од лекување од Србија, во странство остануваат хоспитализирани 33 пациенти, информира Министерството за здравство.
„Денеска, уште пет пациенти од повредените во трагедијата во Кочани се враќаат од лекување од Србија по што, во согласност со протоколот, тројца пациенти ќе бидат под опсервација на Клиниката за пластична хирургија, еден пациент на Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“, а еден пациент на сопствено барање лекувањето ќе го продолжи во приватната клиника „Жан Митрев“, велат од таму.
Во земјата во моментот се лекуваат вкупно тројца пациенти, од кои на Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ еден пациент, а во приватната болница „Систина“ двајца пациенти.
Во текот на утрешниот ден е најавено враќање уште на еден пациент од Белгија, кој ќе биде под опсервација на Клиниката за пластична хирургија.
Македонија
Општина Центар го објави повикот за субвенции за велосипеди и тротинети

Општина Центар информира дека во тек е јавниот повик за доделување субвенции за велоспеди, е-велосипеди, е-тротинети, како и за дополнителна опрема. На повикот можат да се пријават сите граѓани кои имаат живеалиште во Центар, а проектот се одвива по принципот „прв дојден, прв услужен“.
Градоначалникот Горан Герасимовски ги повикува сите центарци да аплицираат и да поддржат одржлив транспорт.
„Пред две години, нашата општина беше прогласена за највело општина во Скопје која се залага за алтернативен транспорт, намалувајќи го сообраќајниот метеж. Преку овие субвенции ќе ги поттикнеме центарци на здрав начин на живот, на поздрава средина за сите нас. Граѓаните можат да добијат субвенција од 30% од цената на превозното средство, но најмногу до 3.000 денари, како и субвенција за дополнителна опрема (детски седишта и кациги) до 1.000 денари. Повикот ќе се реализира сѐ до исцрпување на финансиските средства, а правото на субвенција е еднократно“, вели Герасимовски.
Жителите на Центар треба да поднесат барање со потребна документација: копија од лична карта, копија од трансакциска сметка и фискална сметка во оригинал и истата да ја достават во архивата на Општина Центар, барака бр.6, од 09.00 до 15.00 часот.
За повеќе информации, граѓаните можат да се обратат на телефонските броеви 02/3203-600 и 02/3203-693 или да ја посетат веб-страницата centar.gov.mk: https://www.centar.gov.mk/?p=24738.